Црна хроника
Го претепале до бессознание, го ставиле во багажник и го оставиле кај Дебарско Езеро
Тројца дебарчани претепале жител на општина Центар Жупа, го ставиле во багажник од возило и го оставиле на брегот на Дебарското Езеро.
Инцидентот се случил во четвртокот рано попладнето околу 13 часот, во Центар Жупа, додека педесет иседумгодишниот жител на оваа општина седел на тераса од ресторан. Тројцата дебарчани дошле со автомобил „голф 4“, почнале да го удираат со тврди предмети по главата и телото, по што нападнатиот паднал во бессознание. Потоа го ставиле во багажникот од патничкото возило и го однеле покрај брегот на Дебарско Езеро, каде повторно го тепале и го оставиле. Повредениот од страна на полициски службеници е пронајден со видливи повреди по главата и целото тело. Во ПС – Дебар приведени се горенаведените лица, за настанот известен е јавен обвинител. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Приведен велешанец кој со 3,06 промили алкохол се јавил во полициска станица и навредувал полицајци, потоа бил агресивен, велат од МВР
Велешката полиција синоќа го приведе 52-годишниот М.У. од Велес, откако најпрво се јавил во полициска станица и ги омаловажувал службените лица, а потоа и на улицата „Јовче Тикваров“ агресивно се однесувал кон полицајци кои биле на терен и вршеле службени дејствија.
Според СВР Велес, настанот се случил синоќа околу 20:30 часот. При приведувањето, кај М.У. биле измерени 3,06 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица и против него ќе следуваат соодветни пријави по целосно документирање на случајот, најави полицијата.
Црна хроника
Судир меѓу „мерцедес“ и мопед на Партизанска, тешко повреден 17-годишник
Синоќа во полицијата било пријавено дека на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.Д.(25) и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од 17-годишник, двајцата од Скопје.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил 17-годишен сопатник кој се превезувал на мопедот. Повредите биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Струмичанец измамил постари жени со приказна за „итна операција“, приведен со 15.000 евра кај себе
38-годишниот О.В. од Струмица е приведен под сомнение дека учествувал во серија измами на постари лица, користејќи лажна приказна за итни операции на блиски роднини. Кај него се пронајдени над 15.000 евра и 50 швајцарски франци, за кои се верува дека се стекнати со криминални активности.
Според информациите од полицијата во овој град, осомничениот во два случаи успеал да измами 84-годишна и 68-годишна жена од Струмица, а во трет случај бил спречен да ја измами 77-годишна жена. Измамите се случувале преку телефон, каде друго лице ѝ се јавувало на жртвата претставувајќи се како медицински работник. Со тврдења дека е неопходна итна операција на нивна ќерка или снаа, жртвите биле убедени да предадат пари.
Откако ќе се договорел со жртвите, О.В. доаѓал на локациите што му биле кажувани и ги подигал парите. Полицијата го уапсила вчера напладне, а во моментот на приведување биле пронајдени 15.150 евра и 50 франци.
Во службен разговор, О.В. го признал начинот на кој ги извршувал делата. Случајот е пријавен во Обвинителството, и по негово целосно документирање, против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните, особено повозрасните, да бидат внимателни при телефонски контакти со непознати, да не веруваат во итни приказни без проверка, да не предаваат пари на непознати лица и секој сомнителен случај веднаш да го пријават.

