Македонија
Дваесeт и три години независна Македонија
Осми Септември, Денот на независноста на Република Македонија, денеска се одбележува по 23-ти пат, откако во 1991, државата ја погласи својата самостојност.
На овој датум во 1991 година Македонија спроведе референдум за независност. Одлуката за спроведување референдум беше донесена од првиот состав на повеќепартиското Собрание, кое се конституираше на крајот од 1990 година, а следејќи го масовното расположение на граѓаните.На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25-ти јануари 1991 година.Граѓаните, таквото расположение го потврдија и на 8-ми септември, денот на одржувањето на референдумот. Повеќе од 75 отсто од граѓаните со право на глас излегоа на гласачките места, а над 92 отсто гласаа за независна Македонија. Десетина дена потоа, Собранието ја прогласи независноста на државата, по што Македонија почна да го живее својот самостоен живот, надвор од СФР Југославија.Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18-ти септември 1991 во Собранието на Република Македонија.Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.Со тоа беа всушност спроведени одлуките и остварени желбите на генерации Македонци во последните двесте години, вбројувајќи ги тука и Кресненското и Разловечкото востание, Илинденското востание од 1903-та, Народноослободителна војна 1941/1945 и одлуките на Илинденското заседание на АСНОМ од 1944.Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26-ти април 1992, а потоа доби и своја Армија, на 18-ти август истата фодина.Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8-ми април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.Во изминатите години самостојност македонската држава минуваше низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 1990-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. Последниве години ги одбележа процесот на прилагодување на законодавството кон легислативата на Европската унија, децентрализација на власта, реформите во одбраната потребни за членство во НАТО.И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокираше приемот.Во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во Европската унија, а во 2008 и препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори со ЕУ, повторувана секоја наредна година. Грција, како и во случајот со приемот во НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.Денот на независноста ќе биде одбележан со неколку манифестации низ државата, како и со неколку настани во светот, организирани од македонските дипломатско-конзуларни претставништва./крај/мф
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Собраниска делегација во Израел им врачи благодарница на докторите кои помагаа на настраданите во Кочани
На покана од претседателот на Групата за пријателство Израел-Северна Македонија, Хамад Амар, Делегација на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот/Кнесетот на Државата Израел е во возвратна посета на Израел во периодот од 18 до 22 јануари 2026 година.
Делегацијата ја предводи пратеничката Рашела Мизрахи, претседателка на Групата за соработка, а во нејзиниот состав се и пратениците: Весна Бендевска, потпретседателка на Собранието, Љупчо Пренџов и Муса Џафери, членови на Групата и Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Програмата започна со посета на Светскиот центар за сеќавање на Холокаустот-Јад Вашем, при што Делегацијата учествуваше во церемонијата на полагање на венец, со што се оддаде почит на жртвите од Холокаустот.
На Тркалезната маса организирана од Американско-Еврејскиот комитет (AJC), Делегацијата имаше можност да учествува во дискусијата со директорката на Комитетот, Авитал Лејбович. Комитетот е основан во 1906 година во Њујорк како одговор на растечкиот антисемитизам и дискриминација, со цел заштита на граѓанските и верските права на Евреите и промоција на демократијата и човековите права.
Денес, Центарот е глобална организација посветена на борбата против антисемитизмот, поддршка на Израел и јакнење на меѓународната соработка и толеранција.

Програмата опфати и посета на Болницата Шиба во Тел Авив, при што Делегацијата оствари средба со групата доктори и медицинскиот персонал кои од страна на Израелската Влада и Министерството за здравство кои беа веднаш испратени за ургентна медицинска помош на настраданите македонски граѓани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани во март минатата година.
„За оваа брза реакција на Владата на Државата Израел, односно на Министерството за здравство, но и Израелски бизнисмени и филантропи, да ги согледа димензиите на трагедијата и да одговори со ургентна стручна медицинска помош за настраданите граѓани, посветеноста и исклучителната пожртвуваност на докторите и целиот медицински тим, Делегацијата на Собранието изрази соодветна благодарност со врачување на пригодни подароци на докторите и медицинскиот персонал. Подароците за Болницата Шиба и за Министерството за здравство беа врачени во име на Претседателот на Собранието, Африм Гаши и во име на сите пратеници во Собранието, со што се изрази соодветна благодарност кон Израелската држава за драгоцената помош што беше пружена по повод оваа незапаметена трагедија која ја потресе нашата држава. Претедателката на Групата Рашела Мизрахи и сите членови на делегацијата ги врачија подароците на докторите и медицинскиот персонал за време на средбите во здравственит институции. Гестот беше прифатен со огромна благодарност од страна на докторите и медицинскиот персонал, но и од страна на домаќините во Кнесетот“, соопштија од Собранието.
Во Вулкани институтот (Истражувачки Центар за земјоделие) на Делегацијата и беше презентирана работата на овие институции на полето на употреба на високо-технолошки практики за земјоделие и одлгедување на земјоделски култури во многу специфични климатски услови кои драстично се менуваат (од медитеранска клима на северот до суша на југот). Обемните земјоделски истражувања, особено од институции како Институтот Волкани, доведоа до сорти на култури отпорни на суша, видови отпорни на сол и иновативни техники на одгледување, преку развивање софистицирани, технолошки интензивни земјоделски методи прилагодени на неговата специфична клима.
Македонија
(Видео) СДСМ обвини дека „Алфа“ не е само медиум туку политички проект: „Како и во времето на Груевски, повторно функционира како центар за црни кампањи“
Денеска, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, на прес-конференција објави ново разоткривање на Антикорупцискиот тим – АКТ. Тој потенцираше дека „во средината на политичко-финансиската мрежа на оската Орбан – Вучиќ – Мицкоски, преку нивните партии, банки, бизнис интереси и лажни договори за реклами има и клучен пропаганден столб: Алфа телевизија“.
„Денеска ќе ја разоткриеме позадината на оваа пропаганда, на политичките врски и бизнис мрежите“, повлече Фрчкоски, додавајќи дека „граѓаните ќе видат зошто токму преку Алфа телевизија се водат црните кампањи, хајки и јавниот линч врз СДСМ и претседателот Филипче“.
Фрчкоски нагласи дека „ништо не е случајно“ и посочи дека зад Алфа телевизија стои „Петер Шац, унгарски медиумски бизнисмен и човек од тесниот круг на Виктор Орбан, кој преку компанијата CHS Invest Group контролира 57% од ‘Алфа Скоп ДОО’, фирма – стопроцентен сопственик на телевизијата“.
„Контролата ја презема во 2017 година – токму во периодот кога Орбан започнува агресивна експанзија на своето медиумско влијание на Балканот“, рече Фрчкоски, потсетувајќи дека „Петер Шац е познат по блиските врски со Виктор Орбан и неговата партија Фидес“.
Тој додаде дека „пред тоа, Алфа била во сопствеништво на српски бизнис-структури, меѓу кои и групацијата Comtrade на Веселин Јевросимовиќ“ и заклучи дека „континуитетот е очигледен: сопствениците се менуваат, политичката линија останува иста“.
Фрчкоски потенцираше дека истражувањата покажале оти „таканаречените ‘рекламни договори’ биле користени како механизам за трансфер на милиони евра кон медиуми под контрола на Шац“.
Во таа насока, тој укажа и на врската меѓу банките, медиумите и политичкото влијание, нагласувајќи дека „купувањето на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка отвора сериозни прашања дали истиот механизам повторно се активира“.
„Сега доаѓаме и до Жан Митрев – човекот кој токму на Алфа ТВ започна црната кампања и јавен линч против претседателот Филипче со изнесување на лаги. Освен што беше обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти во неговата клиника, кои други активности го поврзуваат Жан Митрев со оваа оска? Тим на болницата „Жан Митрев“ ја претставувал Македонија на меѓународен турнир во „walking football“ во Будимпешта во 2025 година. Финансиран преку македонскиот државен фонд за здравство. Еден од тимовите-учесници на овој турнир е Фехервар од Унгарија, тим – поврзан со поранешниот клуб Видеотон каде што играл Орбан. Киниши е вториот тим учесник на турнирот со Жан Митрев исто така од Унгарија. Ништо не е случајно. Прашање е дали кога бил во Будимпешта Жан Митрев сретнал со својот драг пријател Никола Груевски, голем помагач на неговата болница уште од самото основање?“ рече Фрчкоски.
„Како и во времето на Груевски, Алфа повторно функционира како центар за црни кампањи, јавен линч и координирани напади, овојпат со регионална поддршка. Ова е нивното разоткривање “, потенцираше Фрчкоски.
Македонија
Мицкоски на Светскиот економски форум во Давос, премиерот очекува плодни резултати
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од денеска ќе учествува на 56. годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
„Придружуван од висока владина делегација ќе учествуваме на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија. Следните денови ќе имаме бројни состаноци коишто очекуваме значително да влијаат на подобрување на економската состојба и привлекување на голем број на инвестиции. Учесник ќе бидам на три панели на коишто ќе ги презентирам можностите за инвестирање во Македонија, истовремено ќе оствариме и бројни билатерални средби со многу компании од светот. Очекувам плодни резултати, успешни состаноци и успешна посета во Давос“, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.

