Македонија
Собрани парите за казната на „Фокус“
Новинарите и граѓани собраа пари за новинарите од неделниот весник „Фокус“ кои треба да му платат 9.300 евра на директорот на УБК, Сашо Мијалков за надомест на нематеријална штета за клевета.
„Уште еднаш сакам да им се заблагодарувам на сите новинари и граѓани кои во изминатите две недели донираа за колегите на Фокус. Ние како ЗНМ застанавме зад нашите колеги затоа што веруваме дека одлуката на судот беше неправедна. Никој не сме да биде казнет само затоа што професионално ја обавувал својата работа. Во овој случај се работи за пренесена изјава од релевантен извор и пренесената изјава е прашање од јавен интерес. ЗНМ и во иднина ќе ги поддржи колегите коишто неправедно ќе бидат осудени за клевета и со тоа нема да дозволиме некој со високи казни да ги обесхрабри критички да ја опсервираат работата на институциите. Ако некој сметаше дека со девет илјади евра ќе ги скрши новинарите во тоа не успеа затоа што тоа не го дозволија нивните колеги и македонската демократска јавност“ изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.Парите од сметката на солидарниот фонд на ЗНМ ќе бидат префрлени на сметката на „Фокус“. Според Селмани, ова е многу добар пример на покажување солидарност на новинарската заедница.„За првпат зад новинарите застана и македонската јавност, која е свесна дека без слобода на медиумите не може да има ниту демократија“ изјави Селмани./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2024 година
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2024 година на авторите Методи Хаџи-Андов, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев и Димитар Стефановски, од проектантското биро „Параметар студио“, за проектот Мултинаменски комплекс во општина Петровец, Скопје.
Големата годишна награда традиционално ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, под покровителство на Претседателот на Републиката.
„Македонските архитекти и архитектурата имаат длабоко наследство и оставштина која многумина ја почитуваат, како што е тоа на пример Меѓународната академија за архитектура која истакнува дека ние имаме повеќе истакнати архитекти, но не само во дизајн или градба, туку и како професори. Тоа значи и школа, наш стил. И по нашата извонредност во градбата треба да бидеме препознатливи и во иднина, а секако не по урбанистичките ловци на профити, занемарувајќи ги човечките потреби, оставјаќи хаос и неодржливи градови или станбени блокови во кои секојдневието е барикадирано со архитектонски пречки“, кажа Сиљановска-Давкова.
„Денешнава награда потврдува дека имаме блескави архитекти и архитектура, и токму тие треба да бидат пример како да се однесуваме понатаму. Да пронајдеме одговор за грешките, да ги примениме принципите на хуманизмот во архитектурата, да се вратиме на македонската мера, на нашиот златен пресек. Тоа значи и почитување на основните човекови права. Ако се потсетиме на Едгар Морено, ќе истакнеме дека и архитектите се втмелени и го креираат духот на времето, но не само како гола фраза или кич производ, туку како суштина во која е обмислена човечноста.
Да цитирам и еден од најпознатите говорници, Винстон Черчил, во својот чувен говор во британскиот Парламент рекол: „Прво ние ги обликуваме зданијата, а потоа тие не обликуваат нас“.
Јас пак би сакала да се навратам на еден архитект, којшто го познавам, и кога врвам по „Орце Николов“, сакам да ја видам неговата куќа, зборовите на уважениот професор Борис Чипан:
„Архитектурата е сè заедно. Познавање и живеење на животот. Магија на хуманистичката алхемија. Потрага по каменот на мудроста. Напор да се открие досега неоткриеното. Архитектурата се раѓа и се создава“, додаде Сиљановска-Давкова.
Македонија
Лимани: Буџетот на општина Гостивар за 2025 година е околу 27 милиони евра, најголемиот досега
Општина Гостивар денес одржа јавна дебата за креирање на буџетот за 2025 година. Предлог-Буџетот на општина Гостивар е планирано да биде 27 милиони евра, што претставува најголем буџет во историјата на општината.
„Денес организиравме јавна дебата во врска со буџетот на општина Гостивар за 2025 година, дебата на која сите граѓани, невладини организации и заинтересирани страни можеа да дојдат и да ги споделат своите предлози и идеи за планирањето на буџетот на Општина Гостивар“, изјави Валбон Лимани.
Градоначалникот на Гостивар нагласи дека буџетот за следната година е околу 27 милиони евра, што е најголемиот досега.
„Оваа година буџетот на општината е околу 27 милиони евра, најголемиот буџет досега, и се надеваме дека ќе биде буџет кој ќе го обезбеди развојот на нашиот град, ќе обезбеди средства за животната средина, за развојот на спортот и за сите други области со единствена цел – да го направиме животот на граѓаните на Гостивар подобар“, изјави Лимани.
Македонија
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила има на патниот правец Тетово – Попова Шапка.
Патниот правец од Крива Паланка кон ГП „Голема Црцорија – Голеш“ во длабина односно на околу 600 метри пред ГП поточно од селските гробишта во село Голема Црцорија, патот не е прооден од снежни наноси и навеви од снег.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози на повисоките и претежно суви коловози на пониските места. Врнежи од снег со послаб интензитет се бележат во Берово, Делчево и на планинскиот превој Плетвар, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.