Регион
Турската полиција уапси директор и главен уредник на весникот Cumhuriyet
Турската полиција ги уапсила во понеделникот директорот на управата на независниот дневен весник Cumhuriyet, објави новинската агенција Anadolu, додавајќи дека се уапсени и главниот уредник и еден колумнист, како и дека се издавени уште 13 налози за апсења.
Станува збор за истрага поврзана со неуспешниот обид за воен преврат од средината на јули во Турција, меѓутоа ниту агенцијата Anadolu ниту весникот Cumhuriyet не ја наведуваат точната причина за апсењата. Весникот на својата интернет страница наведе само дека главниот уредник Мурат Сабунчу и колумнистот на весникот Гурај Оз се уапсени, по полициски упад во нивните домови.
Канцеларијата на државниот обвинител, пак, објави дека станува збор за поврзаност со курдските милитанти и терористичката организација, односно движењето Хизмет на следбениците на исламистичкиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД.
Обвинителството дека истрагата којашто се води против неколку луѓе од овој весникот е покрената уште во август, под обвиненија дека некои од написите во весникот го легитимирале покренувањето на пропаднатиот обид за воен удар од ноќта на 15-ти јули.
Истанбулскиот Cumhuriyet, весник со лева ориентација, секуларно насочен, се истакнува со критиките кон владејачката исламско конзервативна Партија на правдата и развојот (AKP). Весникот оваа година ја доби Right Livelihood Award, којашто некои ја споредуваат со Нобелова награда.
Неговиот поранешен главен уредник Чан Дундар, кој сега живее во Германија, претходно годинава е осуден на пет години затвор поради објавување информации за турскот испорачување оружје за сириски исламистички бунтовници. Осуден беше заедно дописниот на весникот од Анкара, Ердем Ѓул.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган повеќепати вербално го осудуваше начинот на пишувањето на Дундар.
Во Турција уште е на сила вонредната состојба по неуспешниот пуч во јули годинава, кој се обиде да го изведе фракција во армијата, по што беа затворени или ставени под контрола се медиуми кои се доведуваат во поврзаност компании на движењето на Ѓулен./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
„Дали има само еден претседател Вучиќ, интервјуата се чини дека ги даваат сосема различни луѓе“, вели Захарова
Официјалната портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, изјави дека Москва постојано добивала уверенија од српското раководство дека извозот на муниција е под строга контрола и дека оружје од српско производство нема да биде испорачано во Украина.
„Москва постојано добивала уверенија од раководството на Србија дека извозот на муниција од српско производство е под строг надзор и дека оваа стока нема да биде испорачана во Украина, со цел да се спречи Киев да ја користи против нашите војници“, рече Захарова на редовниот брифинг, коментирајќи ги изјавите на претседателот Александар Вучиќ во интервју за германско списание за подготвеноста на Србија да продава муниција на Европската Унија.
Зборувајќи за изјавите на српскиот претседател, Захарова додаде:
„Знаете, кога ги читам сите тие интервјуа на претседателот на Србија, се прашувам дали навистина постои само еден претседател Вучиќ, бидејќи се добива впечаток дека овие интервјуа ги даваат сосема различни луѓе. Слушаме одредени изјави кога е во Москва, а сосема различни кога зборува од други географски точки. Зборувам само за она што е во јавната сфера. Можеби медиумите погрешно известиле нешто, но во тој случај треба да има објаснување од прес-службата на претседателот“, истакна Захарова, објавија руските државни агенции.
Таа потсети дека руската страна на највисоко ниво постојано слушала гаранции од Белград за почитување на неутралноста и контрола на извозот на оружје:
„Искрено кажано, неколку пати, и на највисоко ниво, добивме изјави од српското раководство дека извозот на српска муниција е строго контролиран и дека оваа стока нема да заврши во Украина, со цел да се спречи нејзина употреба против нашите војници“, нагласи портпаролката на руското МНР.
Таа, исто така, потсети дека „руските војници постојано му приоѓале на помош на братскиот српски народ“.
„Одбивам дури и да ја разгледам не само можноста, туку и самата помисла дека руските војници, кои историски ги дале своите срца – во секоја смисла на зборот, давајќи ги своите животи или изразувајќи љубов и лојалност кон своите српски браќа – би можеле да бидат погодени или убиени од српско оружје, муниција и гранати“, заклучи Захарова, објави РИА Новости.
Претходно, Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) објави дека Белград наводно испратил муниција во Киев, и покрај својата прогласена неутрална позиција. После тоа, Вучиќ изјави дека „сите спорни испораки ќе бидат откажани доколку има сомнежи во врска со документацијата или крајниот корисник“. На 23 јуни, тој објави дека Србија го суспендирала извозот на муниција и дека ќе бидат потребни посебни одлуки за секоја идна пратка во странство, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Шест мигранти загинаа за време на полициска потера во Бугарија, четири лица повредени
Шест мигранти се убиени, а четири лица се повредени за време на полициска потера во близина на градот Бургас на Црното Море, јавува бугарската агенција БТА.
„’Шкода’ со романски регистарски таблички превезувала 10 лица, не застанала кога наишла на полициски контролен пункт и се обидела да побегне синоќа“, изјави началникот на граничната полиција, Антон Златанов, за БТВ.
Шест лица загинале на самото место, а возачот, романски државјанин, и тројца преживеани мигранти добиле медицинска помош, јавува „Ројтерс“. Се верува дека преживеаните се од Авганистан.
Од 2015 година балканските земји станаа главни транзитни рути за бегалци и мигранти од Блискиот Исток, Авганистан, Азија и Африка, кои бегаат од војни и сиромаштија кон Европската Унија.
Регион
Шести ден штрајк со глад пред Собранието: мајката на жртва од Нови Сад бара правда и избори
Дијана Хрка, мајка на младиот Стефан, кој загина при уривање на натстрешникот во Нови Сад, штрајкува со глад веќе шести ден, а утрово го повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ, лично и јавно да разговара со неа.
„Сега му се обраќам директно на Вучиќ. Ова што се случува е на лична основа. Само нека дојде да ми каже на која лична основа, па ќе му кажам и јас некои работи“, рече Дијана Хрка додавајќи дека се чувствува добро, јавуваат српските медиуми.
Таа, сепак, не очекува Вучиќ да дојде до нејзиниот шатор поставен во близина на српското Собрание.
„Тоа никогаш нема да се случи. Го викам веќе една година, нема тој храброст“, изјави Хрка.
Пред зградата на Собранието на Србија е мирно, а во близина има полициски сили со опрема за растерување демонстрации. Граѓани ѝ приоѓаат на Дијана Хрка за да ја прашаат за нејзиното здравје и да ѝ понудат помош. Некои ѝ понудиле и свој стан во близина на Собранието за да се одмори или истушира.
Дијана Хрка го почна штрајкот со глад на 2 ноември по комеморативниот собир одржан еден ден претходно во Нови Сад по повод годишнината од падот на натстрешникот на железничката станица, при што загинаа 16 лица, меѓу кои и еден Македонец.
Мајката на Стефан Хрка бара процесирање на одговорните за трагедијата, ослободување на сите притворени студенти и распишување вонредни парламентарни избори.

