Култура
Можно е Кеопсовата пирамида да има уште две скриени одаи

Славната Кеопсова пирамида во Гиза, едно од седумте светски чуда на Стариот свет изградена пред околу 4.500 години, можеби во својата внатрешност сокрива непознати досега одаи, објавија неодамна научниците коишто ја користат радиографијата за темелно да го проучат ова величествено здание.
Минатата седмица египетското министерство за старини објави дека во Кеопсовата пирамида изградена во текот на владеењето на кралот Кнуфу (Кеопс на грчки јазик), со помош на модерната технологија се откриени „две аномалии“,како и дека научниците неуморно работата на истражување на Големата пирамида во Гиза за што попрецизно да се одреди нивната цел и големина.
Пирамидата е висока 146 метри и е наречена според синот на фараонот Снефру, а има досега познати три одаи, и како и другите египетски пирамиди била наменета да стане гробница на фараонот.
Научниците кои го водата истражувањето Operation ScanPyramid, велат дека сега со сигурност може да го потврдат постоењето на „празнини“ зад северната страна којашто би можела да биден во форма барем на еден ходник кои се протега во внатрешноста на Големата пирамида. Втората „шуплина“ е откриена на североисточната страна од пирамидата.
Проектот Operation ScanPyramid започна во октомври минатата 2015 година со цел да се потврдат сомневањата и тогаш појавените знаци за постоење уште две скриени комори во Кеопсовата и во соседната пирамида на Кафра во Гиза, како и во пирамидите во Дашуру, јужно од египетската престолнина Каиро.
Во истражувањата се користат термографија, мионска радиографија и 3Д реконструкција. Тоа, според тврдењето на научниците, се неинвазивни методи. Појаснуваат дека мионите, видови тешки електрони, се слични на рентгенските зраци кои продираат во телото и овозможуваат сликање на косите, а можат „да минат низ камен со дебелина од повеќе стотици метри пред да се апсорбираат“./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
75 години ДФРМ: од 3 септември филмска ревија со македонски филмови во Кинотеката

По јулските проекции, филмската ревија во Кинотека во чест на јубилејот – 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) ќе продолжи во септември, по завршувањето на летните одмори.
На 3 септември програмата ќе биде отворена со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
4 септември: „Денес треба нешто да се случи“ (1978); „Ругање со Христос“ (2018)
5 септември: „Северен пол“ (2012); „Соба со пијано“
10 септември: „Види ја ти неа“ (2017); „Домаќинство за почетници“ (2023)
12 септември: „Вирово“ (1968) документарен филм; „Сестри“ (2021)
-Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини, вели Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ.
Сите проекции се бесплатни.
Култура
„Физиогномски белешки/потиснати соништа“ – ликовна изложба во Галеријата Метаоја во Скопје

Вечерва, со почеток во 19 часот, во галеријата „Метаоја“ во Скопје, ќе биде прикажана ликовната изложба „Физиогномски белешки/потиснати соништа“.
Изложбата се состои од тресеттина ликовни дела изработени во Психијатриската болница во Демир Хисар и на неа учество ќе земат единаесет лица: уметникот Тони Попов, историчарката на уметност Јасмина Котевска и девет лица штитеници на Психијатриската болница од Демир Хисар.
„Физиогномски белешки/потиснати соништа“ се ликовни дела создадени од девет лица штитеници од Психијатриската болница во Демир Хисар за време на сликарските работилници во 2024 и во 2025 година предводени од ликовниот уметник Тони Попов. Сликарските работилници немаа цел само да создадат ликовни дела што ќе го збогатат творештвото на арт-брут уметноста во земјата, туку имаа и терапевтска функција. Станува збор за групни работилници во кои учесниците имаа можност да се запознаат, да ги разменат и искажат своите мисли и емотивни состојби, главно преку сликарството како примарна форма на комуникација. Резултатите се слики – визуелни дијалози со себе, интимни исповеди на потиснатите желби.
На изложбата ќе бидат прикажани слики што ликовно го обработуваат портретот како предмет на сликарско истражување и слики со архитектноски приказни.
Портретната уметност, покрај функцијата на претставување на физиономскиот лик на личноста што се портретира, во себе носи многу подлабоко значење и во суштина претставува визуелна претстава (физиогномска белешка) на карактерот и психолошко-емоционалните состојби на личноста, ликовно обликувајќи го невидливото во човекот.
Изложбата ќе биде отворена сè до 10 септември.
Култура
Концерт на музичари од поранешна Југославија во Филхармонијата

Во петок, 5 септември, во Камерната сала на Македонската филхармонија, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го слушне No Borders Orchestra, ансамбл во кој свират најдобрите професионални музичари од поранешна Југославија.
Програмата ќе вклучува некои од најубавите дела некогаш напишани за гудачки оркестар: Adagietto од Малер, Verklärte Nacht од Шенберг и Metamorphosis од Штраус. Ова се дела кои, според уметничкиот директор Премил Петровиќ, претставуваат експлозија на страст собрана околу темите Љубов и Смрт.
Делата на овие тројца композитори се среќаваат и се одразуваат во делата на најважните помлади регионални композитори, меѓу кои е и една композиторка од Северна Македонија, кои го тематизираат нашето време на криза и неопходната потреба за трансформација на сите нас и на сите нивоа. Композиции од Нина Перовиќ (Црна Гора), Давор Бранимир Винце (Хрватска), Дарија Андовска (Северна Македонија) и Марко Никодијевиќ (Србија) беа напишани специјално за овој проект.
Социјалната мисија на овој ансамбл, во кој свират музичари од Западен Балкан, секогаш укажува и охрабрува позитивни општествени промени, соработка и толеранција, но исто така допира до луѓето и комуницира со публиката на иновативен и емотивен начин.