Дијаспора
Македонците во Канада со осуда за забраната за влез на свој активист во Грција
На Славко Манговски, меѓународен координатор на Македонското меѓународно движење за човекови права и граѓанин со двојно државјанство (македонско и американско) во понеделникот му беше забранет влез на граничниот премин Меџитлија/Негочани во Грција, реагираат од ММДЧП.
Од страна на граничните служби му било соопштено дека тој е на „листата на непожелни“ што е всушност грчка црна листа за македонски активисти за човекови права, без оглед што претходно беше тргнат од таа листа под притисок на локални организации за човекови права. Манговски беше ставен на таа црна листа откако беше гостин на гала банкетот организиран од Меѓународното македонско движење за човекови права на 1 јуни 2013-та година во Торонто.
На претставници од американската амбасада во Атина, од страна на граничните служби им било речено дека кај нив нема евидентирано инцидент и покрај издадените официјални документи. (www.mhrmi.org/news/2016/october27_m.asp). ММДЧП веднаш ги извести Стејт Департментот на САД и побара истрага за постојаното малтретирање на Македонци и на големото македонско малцинство од страна на Грција.
Во документите се употребува референцата „ФИРОМ“ и на горниот дел има големо лого на ЕУ. ММДЧП не само што го осудува грчкото однесување, туку и ЕУ која дозволува нејзина членка да го негира и повредува правото на сопствено име, народност, идентитет, култура и јазик. ММДЧП бара од ЕУ:
• да ја принуди Грција да ја укине црната листа;
• да го осуди прогонот на Македонците;
• да ги стави во сила сите пресуди на Европскиот суд за човекови права;
• да го осуди спорот за името започнат од Грција;
• да ги натера своите членови да ги почитуваат конвенциите за човекови права за кои самата декларира дека се нејзини основни вредности.
Доколку тоа не го направи, таа само ќе покаже недостаток на заложба да ги спроведува своите идеали и дека продолжува да ги затвора очите за грчкото анти-македонско и анти-малцинско однесување и политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Дијаспора
Османи однесе втора, мобилна, станица за пасоши во Берн, Швајцарија
Во продолжение на серијата посети на дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија со значително зголемен обем на конзуларна работа, денеска, министерот за надворешни работи Бујар Османи престојува во Амбасадата во Берн, Швајцарија.
Во оваа Амбасада покрај другите конзуларни услуги за нашите државјани, преку базната станица се врши фотографирање и земање на биометриски податоци за издавање на патни исправи, а од денес паралелно со базната станица се става во функција и дополнителна мобилна станица.
“Дојдов овде за да ги охрабрам дипломатите кои им служат на околу 300 наши државјани дневно, но и да гледам како тече процесот на издавање на нови патни исправи. Донесов уште една мобилна станица за фотографирање, што значи дека и овде во Берн работиме со два пункта паралелно, што значи два тима паралелно фотографираат и врачуваат нови патни исправи” истакна Османи.
Амбасадата во Берн e една од најоповарените амбасади во Европа во кои има базна станица. Како и во нашите дипломатско-конзуларни претставништва во Брисел, Бон и Берлин, и Амбасадата во Берн ја реаорганизираше својата работа во конзуларниот дел со цел да се скрати времето на давање услуги и нашите граѓани во најбрз можен рок да се снабдат со документи за патување.
“Предизвиците продолжуваат секаде поради вонредната ситуација. Олеснувачки фактор претставува одлуката на Швајцарија да им дозволи на нашите државјани патување и со старите патни исправи. Како и да е, сме се реорганизирале со дополнителни дипломати, работа во две смени и работа за време на викенд”, заклучи Министерот.
Од Швајцарија, Османи продолжува за претставништвото во Венеција, со цел запознавање од блиску со ситуацијата и спроведување на реорганизацијата за да им се излезе во пресрет на интересите на нашите државјани во Италија.
Дијаспора
За две години 85.000 македонски граѓани се иселиле во Германија со што Македонија загубила 4,6 отсто од населението
Истражувањето на Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“ покажува дека во Германија живеат 222.000 луѓе од Македонија. Истражувањето се повикува на последниот попис на населението во Германија (од 2022). Од оваа бројка, 158.000 биле родени во Македонија, се вели во истражувањето.
„Од 2020 до 2022 година, бројот на граѓани со потекло од Северна Македонија е зголемен за 44 отсто, од 154.000 на 222.000. Околу 32.000 граѓани на Северна Македонија заминале во Германија во 2021 година, а уште 53.000 во 2022 година“, се вели во истражувањето.
Така, за само две години, 85.000 македонски граѓани заминале во Германија, односно земјата за две години изгубила 4,6 отсто од резидентното население поради масовното иселување во Германија. оценува ИПП „Арбен Џафери“.
Дијаспора
МНР ги охрабрува Македонците во Албанија да се попишат како Македонци
Во врска со претстојниот попис на населението во Република Албанија, кој почнува на 18 септември и ќе се реализира следните шест недели, Министерството за надворешни работи ги охрабрува сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, согласно законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија, се вели во соопштението од МНР.
Од македонското МНР велат дека „Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во Северна Македонија, и кое претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство“.
Препознавајќи ја улогата на Македонците како лојални граѓани на Албанија, претстојниот попис ќе им овозможи преку слободното изразување на својот идентитет, да ја потврдат со тоа и сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност. Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави, велат од МНР.
Северна Македонија и Албанија се земји со исклучителни пријателски односи. Министерството за надворешни работи и институциите на Република Северна Македонија ќе останат во интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашањата кои ги засегаат идентитетските прашања.