Европа
Најсилниот земјотрес во над три децении ги ужасна Италијанците, урната дрeвна базилика.ВИДЕО
Централна Италија во неделата беше погодена од најсилниот земјотрес во последните 36 години во кој најмалку 20 луѓе се повредени, терајќи ги престрашените жители во бегство од своите домови третпат со ред во последните девет дена, и разорувајќи ја познатата шест векови стара црква.
Челникот на италијанската служба за Цивилна заштита, Фабрицио Курчо,, изјави дека се повредени дваесетина лица, како и дека се чини оти во силниот земјотрес нема загинати. „Проверуваме, неколку лица се повредени, но засега немаме податоци за жртви“, рече Курчо, цитиран од агенцијата Ansa.
Земјотресот се случи во 7,41 часот во неделата утрото повторно во близина на планинското гратче Норча, а долгото тресење на почвата било почувствувано и во Рим и дури во Венеција, којашто е оддалечена 300 километри. Магнитудата според ревидираните податоци на американските геолози изнесувала 6,6 степени кои првично јавија за магнитуда од 7,1 , а според италијанските 6,5 според Рихтер. Тоа е најсилниот земјотрес од оној со магнитуда од 6,9 степени кој го погоди југот на Италија во 1980 година, во кој смртно настрадаа 3.000 луѓе.
Земјотресот во Норча со земјата ја срамни базиликата посветена на свети Бенедикт од XIV век, изградена на местото на коешто според преданието се родил овој светец на Римокатоличката црква. За црквата се грижи меѓународното братство на бенедиктинците сместени во локалниот манастир и секоја година ја посетуваат околу 50.000 верници.
„Беше како да експлодирала бомба. Почнуваме да очајуваме. Се случуваат премногу земјотреси, повеќе не можеме да го издржиме тоа“, изјави за Rai News 24, градоначалникот Пјерлуиџи Алтавила.
Телевизијата јавува дека видливо потресени и вознемирени, некои монаси и локални жители клекнале кај урнатините од црквата и започнале да се молат.
Џузепе Пецанези, градоначалник на Толенто во соседниот регион Марке, изјави дека гратчето го „доживеа својот најмрачен ден“. „Штетата не може да се надомести. Илјадници луѓе се на улиците, престрашени, уплакани. Да се надеваме дека ова е крај (на потресите), луѓето се психолошки на колена“, вели.
Епицентарот на земјотресот се наоѓал многу плитко, на длабочина од еден километри, шест километри северно од Норча, според американскиот геофизички институт USGS. Италијанскиот Национален завод за геофизика и вулканологија (INGV), пак, соопшти дека еден час пред земјотресот се случил помал потрес со магнитуда од 6,1 степени.
Неделниот земјотрес се случи само четири дена по потресите со магнитуди од 5,5 и 6,1 степени во истата област и девет седмици по потресот од 24-ти август во Аматриче кога загинаа речиси 300 луѓе. Како и при земјотресот од 26-ти октомври, последици по жителите беа поблаги, бидејќи луѓето се евакуирани од несигурните згради.
„Сé се уран. Можам да видам столбови од чад, катастрофа, ова е катастрофа. Спиев во автомобил, видов дека доаѓа пеколот“, изјави Марко Риналди, градоначалник на Изита, едно од планинските села кои беа најтешко погодени во последниот потрес.
Земјотресот бил толку силен што дваесетина секунди го тресел и 132 километри оддалечениот Рим, каде биле активирани автомобилските аларми, додека римската подземна железница е затворена поради безбедносни проверки на структурата.
Италија е сеизмички многу силна област, особено по должината на планинскиот венец, бидејќи со еден дел се наоѓа на евроазиската а со другиот на африканската тектонска плоча.
Покрај катастрофата во Аматриче во август годинава, над 300 луѓе загинаа и во земјотресот во Аквила во 2009 година. Во 1980 година земјотресот кој ја погоди околината на Неапол усмрти најмалку 3.000 луѓе, до дека најмалку 95.000 луѓе загинале во катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 7,1 степени во Месинскиот теснец во 1908 година./крај/мф/сн
Се вчитува прикажувачот на видео…
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Москва го затвори последниот полски конзулат во Русија
Руското МНР денес објави дека го затвора полскиот конзулат во сибирскиот град Иркутск како одговор на минатонеделното затворање на единствениот преостанат руски конзулат во Полска.
Русија го извести полскиот амбасадор за затворањето на конзулатите, кое ќе стапи во сила на крајот од годината како одговор на одлуката на полските власти да ја повлечат својата согласност за работењето на рускиот генерален конзулат во Гдањск од 23 декември 2025 година, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Полска минатата недела објави дека ќе го затвори последниот руски конзулат во Гдањск на северот од земјата по саботажата врз железничката линија за која Варшава ја обвини Русија.
Варшава идентификува двајца Украинци за кои се сомнева дека дејствуваат во име на Москва како наводни сторители на нападот, кој оштети клучна железничка линија што се користи за транспорт на оружје, патници и стока во Украина.
Руското министерство во четвртокот соопшти дека одлуката на полските власти да го затворат рускиот конзулат е отворено непријателска и неоправдана мерка донесена под апсурден изговор.
По овие меѓусебни акции, единствените преостанати дипломатски мисии меѓу двете земји се руската амбасада во Варшава и полската амбасада во Москва.
Односите меѓу Варшава и Москва отсекогаш биле затегнати, но тие значително се влошија по инвазијата на Русија на Украина во 2022 година, при што Полска стана еден од клучните сојузници на Киев.
Европа
Инфлуенсерка исчезна во Грац: во Словенија уапсени нејзиното момче, неговиот очув и брат му
32-годишната инфлуенсерка Стефани Пипер од Грац е исчезната. Откако нејзиното повремено момче беше уапсено во Словенија, полицијата приведе уште два члена на неговото семејство, братот и очувот. Стравувањата од најлошиот исход во случајот што ја потресе Австрија се зголемуваат, пишува Krone.
Добро познатата инфлуенсерка е исчезната од неделата наутро. Откога се вратила од божиќна забава околу 7 часот, таа испратила порака до пријателка дека безбедно пристигнала дома. Подоцна истиот ден, во раните попладневни часови, требало да се појави на фотосесија во центарот на Грац, но не се појавила. Нејзиното исчезнување било пријавено во полицијата вечерта.
Настаните се одвивале со филмска брзина по пријавата. Во понеделникот вечерта, во граничната област меѓу Штаерска и Словенија, уапсен е нејзиниот 31-годишен дечко Петер М., со кого била во повремена врска со години. Сомневањата се зголемиле кога неговиот црвен „голф“ бил пронајден изгорен на паркингот на казиното „Монд“ покрај граничниот премин Шпилје.

Истражителите веруваат дека тој се обидувал да го прикрие злосторството, но исчезнатата жена сè уште ја нема. Осомничениот од Словенија моментно е во притвор во својата матична земја, а вчера беше донесена одлука за негова можна екстрадиција. Словенечките власти вчера ја претресоа куќата на баба му, а исто така ги претресоа и шумите во пограничната област.
Следуваше дополнителен шок кога портпаролот на канцеларијата на државниот обвинител во Грац, Арнулф Румполд, потврди дека се уапсени уште двајца мажи. Братот и очувот на поранешното момче се исто така осомничени дека се поврзани со исчезнувањето на младата жена.
Во меѓувреме, сосед на 32-годишната жена потврди дека го видел момчето на осомничената на скалите од нејзината зграда во Грац во времето на нејзиното исчезнување зголемувајќи ја можноста дека тој ја чекал таму во заседа. Истрагата е во тек.
фото: принтскрин
Европа
Папата патува во Турција, ќе се сретне со Ердоган
Папата Лав денеска го започнува своето прво патување надвор од Италија како католички лидер со посета на Турција, каде што се очекува да апелира за мир на Блискиот Исток и да се обиде да поттикне единство меѓу долго поделените христијански цркви.
Првиот американски папа ја избра претежно муслиманската Турција како своја прва странска дестинација за да ја одбележи 1700-годишнината од значајниот раноцрковен собор што го создаде Никејското верување, кое сè уште го користат повеќето христијани во светот.
Лав, чиј тридневен распоред во Турција е преполн со настани пред да се упати кон Либан, ќе биде внимателно следен, особено додека ги прави своите први странски посети на чувствителни културни места.
„Тоа е многу важно патување бидејќи сè уште не знаеме многу за геополитичките ставови на Лав, а ова е првата голема можност за него да ги разјасни“, изјави за Ројтерс Масимо Фаџоли, италијански академик кој го следи Ватикан.
70-годишниот Лав, кој со својата придружба долета од аеродромот Фјумичино во Рим кратко пред 8 часот наутро, прво ќе ја посети турската престолнина Анкара, каде што ќе се сретне со претседателот Таип Ердоган и ќе им се обрати на политичките лидери. Тој вечерва ќе лета за Истанбул, дом на патријархот Вартоломеј, духовниот водач на 260-те милиони православни христијани во светот.
фото: епа

