Надворешна политика
Македонија ќе биде домаќин на главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа
На состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на иницијативата за соработка во Југоисточна Европа (СЕДМ) во вторникот во Рим беше донесена одлука Македонија да биде домаќин на Главниот штаб на Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) во периодот од 2020 – 2026 година.
По отворањето на седиштето на Штабот на Балканските медицински наменски сили во Скопје пред две недели, ова е второ регионално седиште на штаб во Македонија и е доказ за лидерството на Македонија во регионалната соработка во областа на одбраната. Во овој штаб ќе работат офицери од Турција, Грција, Бугарија, Романија, Албанија и Македонија.
На состанокот, министерот за одбрана на Зоран Јолевски се заблагодари за дадената доверба да бидеме домаќини на Главниот штаб на бригадата. Тој додаде дека современите процеси во меѓународните односи побаруваат поблиска соработка помеѓу интерните и екстерните безбедносни фактори.
„Мирот, безбедноста и просперитетот се многу поповрзани сега, отколку во минатото“, рече министерот, посочувајќи дека асиметричните закани влијаат на безбедносната средина на глобално и регионално ниво.
Јолевски додаде дека Бригадата на Југоисточна Европа (СИБРИГ) е силен регионален капацитет кој поседува голем потенцијал да придонесува во меѓународни мировни мисии. „Македонија ги поддржува напорите за придонес кон операциите предводени од НАТО, Европската унија и Обединетите Нации“, додаде министерот.
На состанокот на СЕДМ (состанок на министрите за одбрана од Југоисточна Европа) присуствуваат над 20 претставници на земјите членки, меѓу кои и министрите за одбрана на Италија, Турција, Романија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и други. Процесот на соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа (СЕДМ – South East Defense Ministerial) првпат беше инициран во 1996 година, а неговата цел е јакнење на воено-политичката соработка во регионот и подобрување на стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.