Европа
Австриските власти, конечно, ја уриваат родната куќа на Адолф Хитлер
Родната куќа на нацистичкиот водач од Втората светска војна, Адолф Хитлер, ќе биде урната, а на нејзино место ќе биде подигната нова зграда, објави во понеделникот австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка.
Семејството на Хитлер во времето на неговото раѓање на 20 април 1889 година во куќата во Браунау на реката Ин живеела само три години. Покрај тоа, таа жолта трикатница низа години предизвикува контроверзи.
За весникот Die Presse, австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка, изјави дека ја послушал препораката на советот експерти во кои е вклучена и еврејската заедница од Виена, како и водечките австриски историчари. Комисија беше составена од 12 членови од сферата на политиката, управата, академијата и цивилното општество.
Австриската влада со години разгледуваше кое е најдоброто решение за празната куќа во местото Браунау, за да спречи оваа зграда во која е роден Адолф Хилтер да стане собиралиште на неонацистите и култно место каде што екстремистите би можеле да му оддаваат почест на нацистичкиот водач, иако самиот фирер немал особен однос кој ова место и самата куќа во којашто е роден.
Министерството за внатрешни работи ја изнајмува таа куќа од 1972 година, плаќајќи месечна кирија од 4.800 евра на сопственичката. Во куќата се одржуваа работилници за инвалиди, но од 2011 година е празна затоа што сопственичката ги одбива идеите за иднината на куќата, како и државните понуди за купување. Во 2014 година владата предложи во куќата да се смести центарот за обуки на возрасни лица и имигранти или локалната социјална служба, а дало понуда и да ја откупи. Сопственичката, меѓутоа, досега не одговорила.
Сопственичката на куќата во ноември 2009 година ја изложи на продажба со цена од 2,2 милиони евра. Герлинда Помер тогаш изјави дека сака да ја продаде куќата која во времето кога се родил фашистичкиот водач ја поседувала нејзината фамилија. Таа својата одлука за продажба ја објасни како товар на минатото.
Австралиската влада првиот чекор го презема во јули годинава, кога одлучи да ја заплени куќата од приватната сопственичка, локална пензионерка, која одбиваше да ѝ ја продаде куќата на владата и да соработува во нејзината пренамена за јавна употреба. Темелите на куќата ќе останат негибнати, а новата градба ќе ја користат хуманитарните организации или јавниот сектор, рече Соботка.
На ваквата одлука на владата се противат некои здруженија, како невладиниот Меѓународен совет за споменици и историски места кој смета дека куќата треба да биде оставена како автентично меморијално место коешто ќе помага во демистификацијата на националистичката идеологија. Досегашните идеи куќата да биде претворена во меморијален центар „Куќа на одговорноста“ пропаднаа. Пред куќата е поставен камен со неутрално предупредување на милионите жртви во Втората светска војна, но со ништо не се укажува дека во неа е роден еден од најголеми злосторници во историјата.
Австрискиот државен авторите за споменици изрази незадоволство поради уништувањето на зградата којашто е дел од заштитениот историски центар на Браунау.
Прашањето на оваа куќа предизвика и расправи меѓу 17-те илјади жители Браунау, од кои некои сакаат дека таа се претвори во центар за бегалци, а другите да стане музеј посветен на австриското ослободување од нацистичкото владеење, пишува Die Presse.
Семејството Хитлер во куќата живеело кусо по раѓањето на Адолф на 20-ти април 1889 година. Неговите родители Карла и Алојз во оваа куќа имале изнајмено апартман над локал кој сега е паб. Тука семејството живеело до 1892 година кога се преселиле во Линц, кога идниот лидер на Третиот рајх имал три години, бидејќи таткото како цариник често го менувал местото на служба.
Самиот Хитлер никогаш не придавал голема важноста на Браунау на Ин, туку на други градови во Австрија кои имаат значење за неговата политичка кариера, како Линц или Виена. При една посета на местото, по анектирањето на Австрија на Германија во 1938 година, фирерот во својата лимузина сам минал пред својата родна куќа.
Браунау, гратче покрај границата со Германија, долго работи на тоа да се помири со фактот дека е родното место на Адолф Хитлер. Локалното здружение организира трибини и научни конференции, улиците го добиле имињата по жртвите на нацизмот и борците на отпорот, а каменот од блискиот концентрационен логор Матхаузен е поставен пред куќата како споменик. „За мир, слобода и демократија. Никогаш повеќе фашизам. Милионите мртви не’ опоменуваат“, стои на натписот.
Постојат идеи кои одат во спротивна насока. Антинацистичката група „Exit Deutschland“ предложи во куќата да биде сместен центар кои би ги убедувал и би им помагал на неонацистите да се откажат до своите убедувања и да ја напуштат крајната десница по примерот на слична програма којашто успешно се спроведува во Германија.
Возрасните жители сега се присетуваат дека постоела уште една опција којашто Австрија и градот Браунау ќе ги ослободела од овој товар. Имено, на крајот од Втората светска војна, во мај 1945 година американските единици го заземале Браунау. Доколку американците биле малку помалку ревносни во „чистењето“ на градот, последната единици на Вермахтот би можела да има време да ја исполни последната наредба на фирерот – неговата родна куќа да биде крената во воздух./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.
Европа
(Видео) Трагедија во Турција: куп снег падна од покрив и усмрти 21-годишна девојка, несреќата снимена од безбедносни камери
Невидена трагедија се случи во турскиот град Битлис, кога куп снег падна од покрив и уби девојка.
Трагедијата се случи во вторник, 6 јануари, кога снег од покривот падна врз 21-годишната Ајше Идер додека одеше по тротоарот, објавија турските медиуми.
Ајше Идер беше тешко повредена во инцидентот, а снегот се натрупа врз неа двапати, соборувајќи ја на земја. Минувачите веднаш истрчаа да ѝ помогнат, дури и ризикувајќи го сопствениот живот кога снегот падна на земја по трет пат.
📹Bitlis'in Tatvan ilçesinde çatıdan düşen kar ve buz kütlesinin altında kalan 21 yaşındaki Ayşe İder hayatını kaybetti https://t.co/Bcs5z4BaDF pic.twitter.com/4rqQ9yeEvi
— Habertürk (@Haberturk) January 6, 2026
Младата девојка, на која ѝ беше укажана прва помош од медицински екипи испратени на местото на настанот, а потоа однесена во државната болница Татван, не можеше да се спаси. И покрај сите напори им подлегна на повредите.
Инцидентот, кој беше снимен и од безбедносните камери, и смртта на младата девојка, која се подготвуваше за приемен испит на универзитет, предизвикаа голема тага во округот Татван. Телото на Ајше Идер, кое беше преземено од болницата наутро, беше погребано на гробиштата Кучукшу.

