Македонија
Пролет во есен за македонското судство
Судија поднел кривична пријава против свој колега заради вршење притисок да направи нешто незаконско.
На прво читање веднаш ќе се запрашавме во која земја ова се случило, свесни колку сме ние далеку од ваквите работи, кои во секоја нормална правна држава се секојдневие.Но, како за во рубрика ‘Верувале или не’, ова се случило во нашата Македонија. Земјата што со години редовно добива критики за неефикасното, партизирано и бавно судство, за кое наредбата ‘од горе’ секогаш е поважна од правдата.Имено, судијата Иван Џолев од Кривичниот суд во Скопје поднел кривична пријава против свој колега за кривично дело поврзано со влијание врз судија да преземе одделни незаконски дејства.Во писмената изјава за медиумите Џолев вели дека поради сензитивноста на ситуацијава не го открива идентитетот на судијата против кого ја поднел пријавата.„Денес настапувам како граѓанин, индивидуа, како судија на Кривичниот суд, кој се залага за владеење на правото и правната држава, а во смисла на чл.103 од судскиот деловник. Верувам дека Јавното обвинителство сериозно ќе ја разгледа кривичната пријава и во најбрз можен рок ќе преземе процесни дејства во врска со пријавата. Верувам и во судството и во Кривичниот суд, во моите колеги и верувам дека овој исклучок само ќе потврди дека судиите во овој суд судат согласно со законите и се залагаат за владеење на правото“, вели во изјавата Џолев.Секој граѓанин во ова држава, кога ќе ја прочита ова изјава, во еден момент ќе помисли дали среде есен почнува да се случува пролет, пролет во македонското судство, судство што со години е оковано во прангите на власта, која диктира кој ќе биде судија, кој ќе биде во притвор, кој ќе биде осуден, а кој ослободен.Се уништија човечки судбини, деца растеа без своите татковци, мајки, само заради тоа што често не се судеше според ‘словото на законот’, туку според желбите на моќниците. А осудените скапуваа по затворите, знаејќи однапред дека и жалбите ќе им бидат одбиени, а повисоките судови само ќе го потврдат она што претходно им било пресудено.Заради малата верба во судиите и судовите, голем број македонски граѓани во очај правдата ја бараат во Европскиот суд, бидејќи имаат поголема доверба во европските судии, отколку во своите домашни.Тоа е поразително, но очигледно не и за нашите судии. Тие се доживотно избрани. Недопирливи.Постојаната критика на Европската комисија за лошата состојба во судството очигледно не беше доволна, а празните фрази на нашите политичари дека ги нотирале „слабостите во судството и дека ќе се работи на надминување на проблемите“ се повторуваат по секој извештај на Комисијата.Но, овојпат да посакаме да не биде така.Судијата Џолев рече „не“. И оние што беа на барикадите кога се креваа револуции и се градеа демократски општества повикуваа „No pasaran“, за да ги спречат сите оние што сакаа да владеат со народот од позиција на сила и моќ.Ако се разбуди свеста кај еден судија, можеби неговиот пример ќе го следи и некој друг колега, од судовите во Прилеп, Кавадарци, Струмица, Тетово… Можеби ќе се разбуди одговорноста кај сите нив да не подлегнуваат на притисоци. Можеби, еве да помислиме можеби, дека се разбудила свеста и кај судијата Владимир Панчевски, дека сфатил оти надградбата што ја направил во центарот на Скопје е незаконска, па денеска решил сам да ја исправи ова грешка и почнал да го урива она што не му било дозволено со градежната дозвола.На крајот, кога сите судии ќе ја стават раката врз своето срце и со чиста совест ќе ветат дека ќе судат само според законот, тогаш веројатно ќе се врати вербата кај луѓето, верба дека секој оној што го прекршил законот, ќе ја добие заслужената казна. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

