Култура
Древна римска населба ќе никне во Скопје во рамки на фестивалот Scupini Romani
Првото издание на фестивалот на древна римска култура Scupini Romani ќе се одржи во недела, од 10 до 16 часот во просторот кај комплексот „Ореов лад“ во Скопје, а го организира Центарот за научно истражување и промоција на културата „Хаемус“.
Во рамки на манифестацијата комплетно ќе биде рекреирана римска населба каде ќе може да се дегустира храна, да се погледне накитот кој се носел и животот кој се живеел додека сите присутни ќе носат автентична облека од тој период. Идејата за фестивалот постоела уште од 2012 година, а мотивот за негова организација е фактот дека Македонија има силни врски со оваа култура поради тоа што територијата на нашата земја во векови била дел од Римското царство. „Замислата за фестивалот Scupini Romani се роди кога тимот на „Хаемус“ беше поканет на научна конференција во aрхеолошкиот парк „Виминациум“ во Србија. Веднаш се вљубивме во концептот на еден од најголемите локалитети од римскиот период на Балканот. Со оглед на богатото културно наследство од римскиот период во Македонија, сакавме да направиме настан каде посетителите ќе се вратат назад во времето и ќе ѕирнат за момент како изгледал реконструиран секојдневниот живот на старите Римјани, каква мода имале, каков накит носеле, од какви садови јаделе, на кој начин ја подготвувале храната и какви занаети практикувале. Самите подготовки за фестивалот траеја со месеци бидејќи консултиравме домашни и странски експерти за овој историски период“, изјави Василка Димитровска, директор на „Хаемус“ на денешната прес-конференција. Во импровизираната римска населба ќе има работилници за керамика, накит, плетење, изработка на мозаик, римски фризури и обработка на метал, а секоја ќе биде водена од стручњак во полето. Скопјани ќе можат да дегустираат римски леб, паштети типични за тој период и други специјалитети. За потребите на фестивалот сите луѓе од организацијата ќе бидат облечени во облека типична за римскиот период која е изработена од дизајнерката Магдалена Таневска. Таа воедно најави дека работи на летна колекција на облека од овој период. Присутните од настанот ќе си заминат и со сувенири кои се правени по инспирација од богатото културно наследство од римскиот период откриено на територијата на Република Македонија. Манифестацијата ја поддржа и амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ. „Ова подрачје и исклучително богато со историја и ваквите манифестации се доказ дека имаме со што да се пофалиме пред светот“, изјави Дивјак Томиќ на средбата со новинарите и воедно ја истакна важноста на археолошкиот парк „Виминациум“ во Србија од каде е произлезе идејата да се организира Scupini Romani.Ова е прво издание на фестивалот, но веќе постои тенденција да прерасне во традиционален, а закажани се гостувања и низ Европа. Билетите чинат 700 денари и можат да се купат во туристичката агенција „Арботравел“ во трговскиот центар „Буњаковец“ или на денот на настанот пред комплексот „Ореов лад“. Настанот се прави под мотото на УНЕСКО за отворени образовни ресурси./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.