Македонија
Спасовски: Има местенка на Диме Спасов од самиот Диме Спасов
Министерството за внатрешни работи поднесе три прекршочни пријави против дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, за инцидентот што се случи во петокот вечерта кога Спасов со службено возило на Агенцијата за вработување удри две возило и потоа со друго возило избега од местото на сообраќајката и ја остави девојката која била совозач во возилото.
Спасов по шест дена од инцидентот непосредно пред да му бидат поднесени пријавите излезе во јавноста во интервју за ТВ Нова и тврдеше дека е невин и дека целиот настан бил криминално полициска местенка. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му порача на Спасов дека имало местенка „на Диме Спасов од самиот Диме Спасов и уште поголема местенка од оние кои го советувале да даде такви изјави.
На Спасов му се поднесени прекршочни пријави, бидејќи не се работи за кривично правен настан и материјалната штета не е на тоа ниво што се води како кривично дело. Спасов ќе одговара за напуштање на местото на сообраќајката и неизвестување на Министерството за внатрешни работи, за тоа што не постапил по знаците и наредбите на полицајците и не ја приспособил брзината на движење според условите за да може да го запре возилото ако е тоа потребно.
Увидна екипа извршила увид на местото на сообраќајката и иако имало околности коишто го попречиле увидот, „туарегот“ со којшто го возел Спасов бил изместен од местото. Но увидната екипа недвосмислено констатирала дека со возилото управувал Спасов, а тоа го потврдила неговата сопатничка Т.К. која дала изјава којашто била своерачно потпишана, а во својата изјава таа не изјавила дека некој удирал по возилото, дека некој ги бркал и заплашувал како што тврди Спасов.
Спасовски изјави дека за цела сообраќајка имало аудиоснимка, како возачот на „пасатот“ за кој Спасов тврди дека го нападнал, го пријавува случајот во 192 и а разговорот е снимен и траел цело време додека возачот на „пасатот“ возел по Спасов за да види кој го удрил неговото возило.
Исто така, Спасовски тврди дека за случајот постојат снимки од „safеty sistem“, исказ од девојката, но и службени белешки од полицајците кои биле на местото на несреќата.
Возачот вработен во министерството за труд и социјална политика, кој дошол два часа откако се случила сообраќајката и кој тврдел дека тој го возел возилото во полициска станица не знаел каде точно се движело возилото и што точно се случило.
Спасов поднел поплака до МВР во која тврди дека бил бркан, но немал поднесено кривична пријава ниту пријава до Секторот за внатрешни работи за постапувањето на полицајците.
Спасов, пак, во интервјуто тврдеше дека е невин сум и дека го нападнале.
„Во таква тензична атмосфера, каде што најпрво бев следен, потоа и на двапати по ред, во два обиди, се обидоа напаѓачите да ме извадат од возилото и физички да ме нападнат. Потоа се обидов да бегам, бев нападнат и од лице коишто примени сила врз мене и впери оружје, впери пиштол во мене. Покрај тоа, на напаѓачите коишто ме следеа, не беа преземени врз нив никакви мерки, односно следеа и ја набљудуваа ситуацијата откако застанавме. Заклучив дека се работи за криминално-полициска конструкција, за смислена местенка којашто има за цел да го наруши мојот углед и да нанесе штета врз мене, а постоеше и опасност по мојата безбедност, меѓутоа опасност и по мојот живот“, рече Спасов.
Спасов со службен џип „туарег“ во сопственост на Агенцијата за вработување во петокот вечерта удри во автомобил „пасат“ и избегал, но возачот на „пасатот“ тргнал по него и го пријавил во полиција.
Бегајќи Спасов удрил во автомобил „рено“ и пак избегал по што бил запрен од полицијата на улица „Алжирска“.
Спасов потоа не дал исказ ниту на полицајците и избегал со друго возило од местото на несреќата. /крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

