Црна хроника
Изминатиот месец биле поднесни кривични пријави против 28 лица

Бирото за јавна безбедност изминатиот месец по преземени мерки и активности реализираше голем број на случаи од различни области при што кривично се пријавени 28 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле повеќе кривични дела.
Најголем број од реализациите се од областа на недозволената трговија со дрога при што од страна на полициски службеници запленети се околу 106 килограми на наркотична дрога, од кои најголемиот дел е марихуана и во помали количества кокаин и хероин. При реализацијата на овие 9 случаи на недозволена трговија кривично пријавени се 11 лица од кои 10 се македонски државјани од Гостивар, Скопје, Струга, Прилеп и Тетово, а едно лице е државјанин на Република Албанија.
Освен случаите за кои веќе ја информиравме јавноста како 88-те килограми марихуана во Велес и другите заплени на наркотична дрога во Гостивар, Тетово, Скопје, Прилеп, Струга и Охрид, Бирото за јавна безбедност пресече и меѓународен канал на недозволена трговија со марихуана на релација Косово – Македонија – Грција со крајна дестинација Турција. Имено на 28-ми септември на Граничниот премин Богородица, на излез од Македонија при извршен преглед во возило, сопственост и управувано на 38 годишно лице од Скопје, пронајдени биле две торби, во кои имало 10 полиетенски пакувања, со околу пет килограми марихуана, соопштуваат од МВР.
По преземените мерки за расчистување на случајот за осомничениот постојат основани сомненија дека е поврзан и со случај кога полициски службеници пронајдоа 4 патни торби во меѓупросторот помеѓу Македонија и Грција, од кои во едната имало автоматска пушка и муниција, а во другите три торби имало околу 9 кг марихуана и истиот требало да го изврши транспортот до Турција.
Друг покарактеристичен случај е кога од страна на полициски службеници при извршен претрес во возило била пронајдена една рачна граната со осигурувач и една најлонска кеса во која имало поголемо пакување со наркотична дрога марихуана која по извршеното вештачење утврдено е дека се работи за количина од 805 грама, а при претрес во домот на осомничениот биле пронајдени и 174 банкноти во апоени од 1000 денари.
Исто така во текот на месец септември беа реализирани и три случаи на криумчарење на мигранти при што беа поднесени кривични пријави против 9 лица од кои тројца македонски државјани од село Лојане и двајца од Скопје додека останатите лица се странски државјани од Пакистан и Авганистан.
Во првиот случај Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал по преземени координирани мерки и активности при извршен претрес во куќа сопственост на 46 годишен жител на село Лојане биле пронајдени 35 мигранти, како и шестмина странски државјани кои сега веќе се и кривично пријавени. Меѓу откриените мигранти 17 биле малолетни лица. Во непосредна близина на објектот, дополнително биле пронајдени уште 15 мигранти од Иран. Од извршени разговори со мигрантите било утврдено дека пријавените лица со употреба на физичка сила, закани, уцени и ограничување на слободата на движење, им биле изнудувани дополнителни парични средства, за да го продолжат своето патување во земјите од ЕУ.
Во вториот случај кривично пријавен е 47 годишен жител на Скопје во близина на село Милeтково со автомобил „голф“ презел група од 10 мигранти, упатувајќи се кон автопатот во правец од Гевгелија кон Демир Капија, а крајна дестинација на криумчарот бил Липковскиот регион. Од страна на полициските службеници во близина на Велес истиот бил пронајден и приведен. По извршениот разговор со мигрантите било утврдено дека за нивното криумчарење од Грција во Македонија требало да платат илјада евра по лице.
И во последниот случај бил спречен обид на криумчарење на 10 мигранти при што пријавен е 34 годишно лице од Арачиново. Истиот во близина на село Марвинци, валандовско, ги прифатил мигрантите со своето возило и се упатил кон Скопје, но бил спречен во намерата од страна на полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ.
Од областа на класичниот криминал во текот на месец септември по преземени мерки и активности реализирани и документирани се четири покарактеристични случаи од кои два случаи за сторени кривични дела „разбојништва“ во село Градец-гостиварско и едно во Битола и уште две кривични дела од областа нa имотните деликти во Скопје и Прилеп при што кривично пријавени се осум лица./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Детали за несреќата во Охрид: возачот немал дозвола, поминал преку кружниот тек и на тротoар ја прегазил жртвата

Основното јавно обвинителство Охрид отвори истрага против две лица за тешки дела против безбедноста на луѓето имотот во сообраќајот, во врска со синоќешната сообраќајна несреќа на булеварот „Туристичка” во која 44-годишна жена беше прегазена, а уште едно лице беше тешко повредено.
Првиот осомничен управувал автомобил „Фолксваген голф“ без да поседува возачка дозвола и со брзина неприспособена на својствата и состојбите на патот.
Поради тоа 21-годишникот изгубил контрола над возилото, навлегол на кружниот тек преминувајќи преку средишниот остров, возел надвор од коловозот и удрил во метален столб – канделабра на тротоарот. Потоа продолжил да се движи по тротоарот каде налетал на двајца пешаци и конечно удрил во бетонска ограда.
Во несреќата била повредена пешакот Александра Божиноска која починала на лице место, додека кај другиот пешак биле предизвикани тешки телесни повреди.
Истрага е поведена и за сопатникот во автомобилот, 18-годишен сопственик на автомобилот. Тој делото го сторил загрозувајќи ја безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство.
Иако бил свесен дека поради неговото постапување може да настапи штетна последица, односно дека неговиот другар не поседува возачка дозвола и може тешко да ја загрози безбедноста на сообраќајот и да го доведе во опасност животот на луѓето, вториот осомничен му го дал возилото цо негова сопственост да го управува.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител предложи мерка притвор за двајцата осомничени.
Црна хроника
Тешко повреден работник додека демонтирал скеле во Драчево

Педесет и двегодишен работник од Скопје бил со тешки повреди донесен вчера на Комплексот клиники.
Тој се здобил со повреди при демонтирање на скеле на улицата Партизански пат во Драчево, Скопје.
Се работи на расчистување на случајот.
Црна хроника
Ужас наместо одмор: скопјанка нападната од партнерот во Грција

Триесет и четиригодишна жена од Скопје во МВР пријавила дека била нападната од страна на партнерот Д. Т. (36).
Нападот, според пријавеното, се случил вчера во апартман во Република Грција.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.