Европа
The Times: Ал Каеда планира серија напади во европски земји
Исламистичката терористичка мрежа Ал Каеда има намера да изведе серија терористички напади во редица земји во Европа, вклучително и во Велика Британија, пишува списанието The Times.
Според соговорникот на магазинот, терористите планираат да организираат напади во Обединетото Кралство во заднина на поразите коишто ривалската ултрарадикална сунитска групација Исламска држава ги претрпува последниот период во Сирија.
„Ал Каеда тивко ги закрепнува своите сили“, рекол изворот од британската влада на The Times. Според неговото тврдење, терористичката мрежа „го очекува моментот“ пред да нанесе „смртоносен удар“ во Европа.
Британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон изјавил за списанието дека Ал Каеда претставува „најдиректна закана“ за безбедноста на кралството и на Европа. Додал дека групацијата „не е целосно поразена“. Истакнал, исто така, дека властите и безбедносните служби се „потполно свесни за терористичката закана за Британија“.
Во написот се укажува дека синот на поранешниот челник на Ал Каеда, Осма бин Ладен, Хамза бин Ладен, го засилува влијанието на групацијата, за што сведочат бројните видео соопштенија кои се емитувани на интернет последните месеци.
Американскиот Стејт департмент претходно соопшти за постоење „веродостојни информации“ коишто укажуваат на тоа дека Исламската држава, Ал Каеда и други терористички групи „продолжуваат да плетат заговор со цела да извршат напади во Европа“.
Ова се должи, меѓу другото, и на „враќањето во татковините на странските борци од Сирија и од Ирак“, прецизираше американската дипломатија. Според оцените на Вашингтон, „сите европски земји се ранливи на напад од транснационалните терористички организации“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.

