Европа
Германската полиција уште трага по осомничениот Сириец, ослободени двајца од притворените
Двајца од тројца приведени во саботата во текот на антитерористичката операција во источниот германски град Хемниц (Кемниц), се ослободени додека за третиот се разгледува можноста за негово апсење и одредување мерка притвор, соопшти во неделата полицијата на германската сојузна покраина Саксонија, додека на сојузно ниво ширум Германија во неделата и натаму трае потрагата по 22-годишниот Сириец Џабер ал-Бакр, осомничен дека планирал терористички напади во оваа земја со исламистичка заднина.
„Ослободени се двајца од задржаните во Хемниц. Во врска со уште едно лице има сомнение за соучесништво, и сега се разгледува носење одлука за апсење“, соопшти полицијата на Саксонија на Twitter.
Покраинската полиција го потврди пишувањето на Spiegel Online, според кој во текот на полициската операција во саботата Сириецот им побегнал на припадниците на специјалната полиција кои притоа стрелале во воздух како предупредување.
„Полицајците го забележале осомничениот, но не можеле да го уапсат“, соопшти полицијата.
Специјалците по претресот на станот во источниот дел од Хемниц, во кој осомничениот живеел со уште едно лице кое е едно од тројцата уапсени, ја извршиле акцијата, но главниот осомничен успеал да им побегне.
Во станот во населбата Фриц-Хекерт пронајден е експлозив кој полицијата го опишува како „извонредно опасен“. Засега не е познато дали осомничениот при бегството понел со себе оружје или експлозив.
Полицијата не сака да ги потврди наводите на медиумите дека Џабер ал-Бакр во Германија пристигнал минатата 2015 година како бегалец, меѓу речиси милион мигранти кои влегоа во оваа земја бегајќи од војната во нивната татковина.
Потрагата по сирискиот бегалец е концентрирана на аеродромите во источниот дел од Германија. На берлинскиот аеродром „Тегел“ полицијата во неделата од еден авиони извлекла маж кој личел на бегалецот.
За можните цели на можниот бомбашки напад, за кој информации добила агенцијата за внатрешно разузнавање, засега се нагаѓа. Властите, исто така, одбија да ги коментираат тврдењата на електронското издание на магазинот Focus дека целта била еден од германските аеродроми.
Сојузната полиција, која е одговорна за безбедноста на транспортните објекти, е во состојба на зголемена приправност, но дополнителни мерки не се воведени, бидејќи, како што е соопштено, тие и онака се на сила од терористичките напади во Париз, Брисел, Ница..
Германија дополнително ги засили безбедните мерки по двата терористички напади во јуни годинава во само една седмица, за коишто одговорноста ја презема ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава. Еден самоубиствен напад изведе 27-годишен Сириец кој како бегалец кому му било одбиено барањето за азил требало да биде депортиран назад во Бугарија и во кој 15 лица беа ранети. Во вториот напад 17-годишен Авганистанец, исто така, барател на азил рани пет лица.
Во текот на оваа 2016 година, германската полиција спречила неколку терористички напади. Во последната операција во Келн беше уапсен 16-годишен бегалец од Сирија, кој бил во контат со Исламската држава, и подготвувал бомбашки напади./крај/мф/сн
Извор: DPA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан му пиша на Зеленски: Четири години нè туркате во војната меѓу Украина и Русија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави „отворено писмо“ до украинскиот претседател Володимир Зеленски на Икс, обвинувајќи го дека четири години се обидува да ја вовлече Унгарија во војната меѓу Украина и Русија.
„Четири години не можевте да го прифатите ставот на суверената унгарска влада и унгарскиот народ за руско-украинската војна. Четири години работевте на тоа да ја принудите Унгарија да учествува во војната меѓу вашата земја и Русија“, напиша Орбан.
Во писмото, тој тврди дека Зеленски, Брисел и унгарската опозиција „ги координираат напорите“ за да донесат „проукраинска влада“ на власт во Унгарија.
Open Letter to President Volodymyr Zelenskyy
Mr. President,
For four years, you have been unable to accept the position of the sovereign Hungarian government and the Hungarian people regarding the Russia–Ukraine war.
For four years, you have been working to force Hungary into…
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) February 26, 2026
Обвинувања за нафтоводот Дружба
Орбан го обвини Зеленски за „блокирање на нафтоводот пријателство“, или нафтоводот Дружба, за кој тврди дека е клучен за снабдувањето со енергија на Унгарија.
„Вашите постапки се против интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и прифатливо снабдување со енергија за унгарските семејства. Затоа, ве повикувам да ја промените вашата антиунгарска политика“, рече Орбан.
Тој додаде дека Унгарците „не се одговорни за ситуацијата во која се наоѓа Украина“, дека сочувствуваат со украинскиот народ, но дека „не сакаат да учествуваат во војната“, „не сакаат да ги финансираат воените напори“ или „да плаќаат повеќе за енергија“.
„Ве повикувам веднаш повторно да го отворите нафтоводот и да се воздржите од понатамошни напади врз енергетската безбедност на Унгарија. Повеќе почит кон Унгарија!“, заклучи Орбан во писмото со дата, Будимпешта, 26 февруари 2026 година.
Во писмото, тој не споменува дека војната ја започнала Русија, која започнала целосна инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Европа
Редок напад: Украинците ги таргетираат командните центри со моќни американски ракети
Украинските сили започнаа серија напади со американски ракети со долг дострел ATACMS врз руски командни места, складишта за муниција и логистички објекти на окупираните територии, соопшти Генералштабот. Нападите, кои се случија ноќта на 24 февруари, претставуваат ретка потврдена употреба на оружјето, објавува The Kiev Independent.
„Како дел од систематските мерки за намалување на офанзивните капацитети на рускиот агресор, единиците на украинските одбранбени сили продолжуваат да ги таргетираат клучните непријателски командни и логистички објекти“, се вели во соопштението на Генералштабот.
Според извештајот, украинските ракетни сили и артилерија погодиле помошен команден пункт на руската 5-та армија во близина на Новопетривка во окупираниот регион Донецк. Војската соопшти дека ракетите ATACMS биле меѓу оружјето што се користело во операцијата.
Дополнителни напади биле насочени кон логистички магацин што му припаѓал на рускиот центар „Рубикон“ во близина на Василовка во окупираниот регион Запорожје, како и магацини за муниција и снабдување во Пријазовски во регионот Донецк и Олександривка во регионот Запорожје. Руски објект за одржување и поправка во близина на Јакимивка во Запорошката област, исто така, беше погоден. Целосниот обем на штетата сè уште се утврдува, додаде армијата.
Европа
Масовен воздушен напад: Русија лансираше 115 дронови, Украинците соборија 95
Русија започна масовен воздушен напад врз Украина во вторник ноќта, лансирајќи вкупно 115 дронови од различни видови, вклучувајќи ги Шахед, Гербера и Италмас. Украинската воздушна одбрана успешно ги неутрализираше повеќето од заканите, соборувајќи или блокирајќи 95 дронови на север, југ и исток од земјата, објавува Украинска правда.
Според податоците на украинските воздухопловни сили објавени до 7:30 часот утрово, од вкупниот број лансирани дронови, околу 60 беа камикази дронови Шахед. И покрај високата стапка на пресретнување, 18 дронови успеаја да ја пробијат одбраната и да погодат цели на 11 локации.
Широк спектар на одбранбени сили, вклучувајќи ги воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, единиците за електронско војување и беспилотни системи и мобилните противпожарни групи, учествуваа во одбивањето на нападот. Воздухопловните сили предупредија дека нападот е сè уште во тек бидејќи неколку руски дронови сè уште се наоѓаат во украинскиот воздушен простор.

