Македонија
Секој седумдесетти жител во светот е бездомник
Секоја година на 10. ден од 10. месец во годината се одбележува Меѓународниот ден на бездомништвото со цел да се сврти вниманието кон овој брзорастечки проблем. Според проценките на Обединетите нации, ширум светот има над 100 милиони бездомни лица, а над една милијарда луѓе живеат во несоодветни живеалишта.
Овој екстремен вид на сиромаштија континуирано е во пораст поради социјалните нееднаквости, високите стапки на невработеност и социјалната исклученост, а актуелната криза со емигрантите, бегалците и со внатрешно раселените лица се дополнителен ризик за зголемување на бројот на бездомници. Меѓу бездомниците во Македонија преовладуваат мажи на возраст од 40 до 60 години од кои повеќето се разведени, разделени или самци. Слична е сликата и во развиените земји каде пак најголем дел од бездомниците се странци, а во исто време забележан е и тренд на пораст на млади бездомни лица.
Бездомништвото во Македонија најчесто се случува поради нарушени семејни односи, поради беда, невработеност, долгови, хипотеки, насилство, а во исклучително ретки случаи е избрано како стил на живот.
Евидентираните примери во нашата земја укажуваат на бездомништво што трае и повеќе од една деценија, а меѓу бездомниците регистрирани се и лица со високо образование.Тесното сфаќање на поимот бездомништво нѐ наведува на заклучокот дека бројот на бездомници во земјава е мал поради перцепцијата на овој феномен исклучиво преку профилот јавно бездомништво што вклучува само лица што спијат на улица.
Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ после едногодишното истражување на бездомништвото во Македонија креираше нов приод . Дефиницијата која е производ на ова активност, вклучува два нови профила – скриено и потенцијално бездомништво преку девет категории и 15 поткатегории, меѓу кои и лица што живеат кај роднини и пријатели, жени во шелтри за семејно насилство, лица што остануваат подолго во институции поради тоа што немаат дом, лица на кои им се одзема домот даден под хипотека, лица што живеат во привремени, неконвенционални живеалишта…
Истражувањето на „Паблик“ и адаптирањето на европската концептуалната рамка за бездомништво и исклученост од правото на домување во македонски контекст, создаде и основа за мерење на овој феномен во земјава што подразбира и добивање податоци споредливи не само на европско, туку и на глобално ниво.
„Потребно е дефинирање на бездомништвото во нормативни рамки и мерење на овој феномен зашто во отсуство на релевантни податоци за опсегот на овој проблем, Македонија се соочува со бројни предизвици во заштитата на основното човеково право – правото на дом“, вели Климентина Илијевски, извршен директор на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“.
Правото на соодветно домување е гарантирано со бројни меѓународни и европски инструменти за човекови права. Главната обврска на државите за обезбедување на остварувањето на ова право се пропишани со Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права со член 11, со кој се признава правото на секој човек на соодветен стандард на живот за себе и за неговото/нејзиното семејство, вклучително и соодветна храна, облека и домување, и континуирано подобрување на животните услови. Овој пакт беше ратификуван од земјата во 1994 година./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

