Македонија
Аналитика: Македонија користи репресивни, а не превентивни мерки против насилниот екстремизам
Македонските власти претежно се потпираат на репресивните мерки во борбата против екстремизмот преку извршната и судската власт, а превентивните мерки не се доволно вклучени, покажува истражувањето на Аналитика тинк тенк.
Аналитика го спроведе истражувањето во периодот од септември 2015 година до септември 2016 година за кое обрнавме внимание на спецификите на насилниот екстремизам во Македонија и институционалната подготвеност да се спротивстави на овој феномен.По првата полициска акција „Ќелија“, бројот на македонски граѓани кои се приклучуваат на Исламската држава, или други формации во Сирија и Ирак, значително опаднал. Но според Аналитика, ова не значи дека екстремистичките идеи престанаа да циркулираат. Многу е веројатно дека, како резултат на владините мерки за разбивање на регрутацијата за странски групи, екстремистите станаа „невидливи“, и почнаа, или повнимателно да патуваат во Сирија и Ирак, или се фокусираа на зајакнување на домашната поддршка.Истражувањето покажало дека стратегијата на македонските власти претежно се потпира на репресивни мерки, преку извршната и судската власт. Пошироките општествени чинители (религиските заедници, граѓанскиот сектор, општините, политичките партии и др.) играат клучна улога во препознавањето и спротивставувањето на насилниот екстремизам, но овие не се доволно вклучени, посебно не во превентивните мерки. Освен тоа, приоритетно е поставување на нов Национален координатор за спротивставување на насилниот екстремизам, со оглед на тоа што оваа позиција е испразнета веќе неколку месеци и нема никакви информации околу тоа што ќе се случува со истата. Воедно, се уште не се донесени акциони планови за спротивставување на насилниот екстремизам кои произлегуваат како дел од Стратегијата. Истовремено, потребно е да се работи на превентивни мерки за спречување на радикализацијата како и програми за ресоцијализација и реинтеграција на повратниците. Истражувањето исто така покажало дека ако обично првичниот контакт со промотивен материјал се случува преку социјалните мрежи, регрутацијата се врши преку личен контакт со потенцијални регрутери. Промовирањето на овие идеи понекогаш се врши на суптилен начин, преку предавања за општествени и политички случувања на глобално ниво каде се користат пропагандни содржини. Истовремено, дневната политика во државата се злоупотребува за да се убедат младите дека во Сирија или Ирак би имале подобар живот. Целна група се обично лица кои немаат доволно познавања на религијата, а со тоа и немаат доволно (религиозни) контрааргументи кога се соочуваат со теолошки дебати.Младите од најзасегнатите општини обично се способни да препознаат првични знаци на радикализација меѓу своите пријатели. Сепак, понекогаш не умеат да направат разлика меѓу радикализмот и поригорозно практикување на верата, со што повеќето млади изразија дека имаат потреба да религиозните водачи да го дообјаснат овој феномен подобро кај своите следбеници и како тие би требало да се постават кон него, покажува истражувањето на Аналитика тинк тенк. Аналитика тинк тенк во среда организира конференција на која ќе се презентираат наодите од нашето истражување насловено „Напорите на Р. Македонија во спротивставувањето на насилниот екстремизам, од поглед на граѓанското општество“. Конференцијата ќе се одржи во „Хотел Мериот“ во Скопје на 19-ти oктомври (среда) 2016, почнувајќи од 09:45 и истата ќе ја отвори Министерот за внатрешни работи. Целосната агенда на настанот е во прилог./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата
Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.
„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.
Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.
„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!
Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.
Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.
Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.
Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.
„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.
Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.
Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.
Македонија
Сиљановска Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Рита Колумбиа, постојана координаторка на Обединетите Нации во земјава.
На средбата се разговараше за плановите на Обединетите Нации, врзани за реализацијата на претстојните проекти со фокус на стратешките приоритети опфатени во Рамката за соработка за одржлив развој 2026-2030 година.
Претседателката укажа на важноста на досега реализираните програми на Обединетите Нации во функција на градење институционални капацитети, унапредување на владеењето на правото и дефинирање на квалитетни јавни политики. Според претседателката, тие се во корелација со напорите за европеизација на македонското општество и исполнување на стратешката цел – интеграција во Европската Унија.
Соговорнички разменија мислења по однос на иницијативата ОН80, чија цел е поттикнување реформа и модернизација на организацијата заради поголема, ефикасност и релевантност во справувањето со глобалните предизвици.
Тие го анализираа нејзиното значење за преиспитувањето на улогата на Обединетите Нации и справувањето со безбедносните, климатски, економските и технолошките предизвици.
Претседателката посочи на неодложната потреба од длабоки реформи на ООН заради обезбедување ефикасен, координиран и одговорен систем на реалните потреби на државите и граѓаните. Таа, уште еднаш ја афирмираше својата заложба за жена генерален секретар.
Исто така, Сиљановска-Давкова посака планираните буџетски рестрикции, соодветни на иницираната рационализација на работата на ООН, да не се одразат негативно врз реализацијата на нивните програми кај нас.
Македонија
Укинување на техничка влада, криминал, корупција, Груевски, се враќаме во 2016 година, велат од СДСМ
Сѐ она што го говореше СДСМ во изминатиот период се потврдува, велат од оваа партија.
„Власта сака да ја укине техничката Влада, единствената можност за чесни и фер избори. Да се влијае на слободната волја на граѓаните а опозицијата да не види што се прават по министерствата.
Криминалот и корупцијата цветаат. 161 тендер за само една фирма, 51 тендер за омилената компанија на власта преку општините, 9 милиони евра за фирма со еден вработен, 1,2 милиони евра преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ, а одговорност нема.
На листата на Транспаренси интернешенал, Македонија е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија“.
Според СДСМ, повторно се враќа времето кога парите на граѓаните се трошат само за богатење кликата на Мицкоски во врвот на власта и за луксузирање.
„Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати, сака да купува авион од стотици милиони евра за нови туристички патувања. Исто како Никола Груевски кој со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Паралелено, власта свесно ја води земјата кон намерна изолација за да може да течат криминалните тендери зад грбот на народот.
Се подготвува враќање на Никола Груевски. Преку дискредитација на предметите од СЈО и релативизирање на пресудите за нивно поништување. Организиран обид со помош на медиумите на Орбан кој контролира 40%, за да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва“.
Од опозициската партија со оценка дека се враќаме во 2016 година.

