Македонија
Иванов: Сега е вистински момент за промена, за пресоздавање на ЕУ
Неодлучноста на Унијата да ги надмине блокадите и заморот од проширувањето доведе до ретроградни процеси во Југоисточна Европа. Наместо да го европеизира Балканот, Европската Унија се балканизираше. Сега е време Европската Унија повторно да се европеизира себеси, а со тоа и Балканот, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој се обрати на конгресот на „Пан-Европа“, што се одржува во Виена, во организација на Меѓународната Паневропска унија, а по повод 90 години од одржувањето на првиот Паневропски конгрес во 1926 година.
Претседателот Иванов, кој се обрати на панел дискусијата посветена на проширувањето на Европската Унија, посочи на одговорноста што Брисел ја има кон Балканските држави. Во таа насока, Претседателот апелираше Унијата да најде сила да ја продолжи интеграцијата на земјите од нашиот регион. Укажувајќи дека идејата за отворен и обединет европски континент е неостварлива без интегриран Балкан, а процесот на проширување е значаен трансформирачки фактор за државите во регионот, Иванов ја реафирмираше одлучноста на Република Македонија за членство во Европската Унија. „Иако, сè уште не сме дел од Европската Унија, ние во Македонија веруваме во Европската Унија. Водени од европската идеја, пред 25 години започнавме да ја градиме европска Република Македонија. Во тој потфат се соочувавме со бројни предизвици. Но, бевме непоколебливи во остварувањето на нашите стратегиски цели. Унијата ни помогна да ги трансформираме нашите институции. Но, поради неодлучноста на Европската Унија, нашата куќа како да остана недовршена“, порача македонскиот претседател на конгресот. Иванов посочи дека неодлучноста на Европската унија и НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за политичката криза во Македонија што кулминираше оваа година. – На Балканот повторно имаме ретроградни процеси. Реториката меѓу балканските држави од ден во ден се заострува, истакна македонскиот претседател, додавајќи дека поради заморот од проширувањето и привлечната сила на Унијата е опадната. Осврнувајќи се на состојбите во Европската унија, Иванов порача дека Европските лидери треба да помогнат во градењето механизми за брзо носење одлуки во услови на криза. Посочувајќи дека Европа се соочува со неразрешена финансиска криза, актуелна мигрантска криза и сè посериозната безбедносна криза, Иванов апелираше на потребата од одржливи решенија за проблемите.
„Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Се покажа дека бирократските европски механизми не се во состојба да го расчистат патот од натрупаните кризи“, рече претседателот Иванов, констатирајќи дека состојбите во ЕУ во моментов не се добри, и дека Унијата мора да најде сила и да одговори на потребите на европските граѓани. Меѓународната Паневропска унија се смета за најстаро европско обединувачко движење, основано од страна на Ричард Куденхове Калерги, а нејзините членови се залагаат за политички и економски обединета Европа. За својот придонес и активна улога во рамки на Паневропската унија, претседателот Иванов во 2013 година беше одликуван со благодарница од страна на претседателот на Меѓународната Паневропска унија, г. Ален Тереноар. Паневропската унија преку својата парламентарна група во Европскиот парламент, која брои 120 пратеници од речиси сите земји-членки на ЕУ, доследно се залага за промоција на политиката на проширување и исполнување на европските интеграции на Република Македонија. Во 2010 година, претседателот Иванов го одликуваше г. Ото фон Хабсбург, тогашниот претседател на Паневропската унија, со Орден за заслуги за Македонија за неговите заложби за евроинтеграција на нашата земја. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Стипендиите во основните училишта во Центар зголемени за 1.000 и 1.500 денари
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави серија мерки за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа.
„Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците кои доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари“, истакна Герасимовски.
Во рамки на поддршката за учениците, повозрасните ученици ќе имаат можност за бесплатна екскурзија преку проектот „Сакај ја Македонија“.
Герасимовски, исто така, најави дека од септември, со почетокот на новата учебна година, сите ученици кои посетуваат целодневна настава ќе добиваат бесплатен, здрав и квалитетен оброк.
Општина Центар за оваа година предвиде средства и за почеток на капитални инвестиции за изградба и реконструкција на два затворени базени во рамки на основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
„Со овие мерки Општина Центар испраќа јасна порака дека вложувањата во образованието, талентот и поддршката во секое дете, останува еден од највисоките приоритети“, вели Герасимовски.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.

