Македонија
Одбележување на Денот на Здружената оперативна команда
Припадниците на Здружената оперативна команда (ЗОК) во понеделникот во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со воена свеченост го прославија денот на единицата.
На свеченоста покрај министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ) генерал-потполковник Методија Величковски, присуствуваа и државниот секретар во МО, Елизабета Чуповска Ристова, заменикот на НГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, генерали на АРМ, команданти на единиците на АРМ и други гости од МО на РМ и ГШ на АРМ.
Во својот говор пред присутните командантот на ЗОК генерал мајор Васко Ѓурчиновски по краткиот историски осврт за значењето на овој ден, го истакна придонесот на припадниците на АРМ во справување со современите предизвици и безбедносни закани.
Припадниците на ЗОК со максимална посветеност и одговорност, заедно со припадници на другите единици на АРМ, континуирано се ангажираат во извршување на доделените задачи во обезбедување и спречување на нелегално минување на јужната граница, како и во справување со последиците од природните катастрофи секогаш кога за тоа се јавува потреба.
На свеченоста по повод денот на единицата беа пофалени и наградени повеќе припадници на ЗОК за остварените резултати во работењето.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, 17ти октомври е определен за ден на ЗОК, како спомен на одбележување согласно традициите на значајните историски настани врз кои се темелат традициите на АРМ.
На 17-ти октомври 1878 година во селото Кресна е формиран штабот на македонското (во македонската историографија познато и како кресненско) востание, ден кога кога воедно е кренато востанието.
Здружената оперативна команда, како команда од оперативно рамниште егзистира од почетокот на формирањето на АРМ како Армиски Корпус. Во 2000 година се трансформира во 1.Армиски Корпус , во 2002 година се преименува во команда на копнената војска, а од 2005 година се преструктуира според стандардите на НАТО во сегашното име./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Општина Центар го расчистува снегот, фрлени 15 тони сол
Службите на Општина Центар од утринава се на терен и интензивно работат на расчистување на снегот. Фрлени се 15 тони сол на коловозите, со приоритет на најкритичните точки. Механизацијата интервенира на пристапите кон Водно, каде што се расчистува снегот и се фрла сол, известуваат од Општината.

Паралелно се чистат тротоарите и пешачките патеки, како и просторот околу здравствените установи, училиштата и градинките, за безбедно движење на граѓаните и учениците.

Општина Центар ги повикува граѓаните да пријавуваат критични точки со цел службите веднаш да интервенираат и да го расчистат теренот, на телефоните: 075 219 068, 076 313 381 и 075 476 768, велат од Општината.

„Нашите служби се постојано на терен. Имаме доволни залихи на сол, а механизацијата го расчистува снегот на местата кои се под наша надлежност“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.


Македонија
„Цела Македонија во колапс“, велат од СДСМ
„Криминалната ВМРО ги изненади снег во јануари. Институциите не функционираат, патиштата и улиците не се исчистени. Фотографиите од колапсот во Скопје и во Македонија покажуваат дека сообраќајот е небезбеден“, велат од СДСМ.

„Граѓаните се оставени сами ама градоначалниците и функционерите од ВМРО тријат раце. Тендерите за чистење снег се едни од омилените на ВМРО.
Снежните наноси по патиштата се идила за градоначалниците од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои уште денес ќе фактурираат илјадници тони сол.
Сепак тешко е солта да се доброи па останува да ги бројат парите кои ги украдоа од граѓаните.
Нема пари за плати, за пензии, за опрема за чистење. Пари има само за тендери за ортаците на ВМРО и Мицкоски.

Со криминални политики вака ќе изгледа иднината на Македонија – блокирана од сите. Црна точка во Европа“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен
Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, известуваат од Град Скопје.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска!
Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.
Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.
Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјални мрежи.

