Македонија
Пред распуштање на Собранието се избра нов министер без ресор
																								
												
												
											Бејџан Иљас, во четврток, на собраниска седница на предлог на премиерот за спроведување на предвремените парламентарни избори Емил Димитриев, беше избран за министер без ресор, откако претходно пратениците од оваа функција го разрешија Фуркан Чако.
Премиерот за спроведување на изборите Димитриев образложи дека Демократската партија на Турците во Македонија до него доставила допис со барање за замена на министерот без ресор со ново лице со образложение дека со него ќе има поефикасно функционирање на овој ресор којшто главно работел на соработката со Турција.Иљас, по професија е лекар специјалист вработен во Клиничката болница во Тетово, советник во Општина Теарце и заменик претседател на Демократската партија на Турците.„Повторно сме сведоци на небулозни политички одлуки од страна на власта. в.д. премиерот Емил Димитриев, повторно како и претходните неколку пати кога требаше да биде Собранието распуштено, се впушта во калкулантски кадровски измени. Овој пат, на дневен ред е неговиот коалиционен партнер од турската заедница. На само три дена пред распуштањето на Собранието, се врши принудна замена на министерот од турската заедница, Фуркан Чако. За добрите познавачи на позицијата на претседателот на турската партија од чии редови доаѓа и Чако, Ќенан Хасипи, јасно е дека станува збор за интервентна одлука за смена на министерот“, реагираа од Партијата за Движење на Турците во Македонија – ТХП.Сметаат дека новиот министер Бејџан Иљас, со самото тоа што се согласил да ја врши оваа функција за толку кратко време, свесно се ставил во позиција на сегашниот дополнителен заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андов, кој на власта им служи како марионета и гласно говорник на нивната погубна политика. Според ТХП ако Чако, како експерт за надворешна политика и меѓународни односи, не бил успешен во вршењето на својата позиција, што тогаш можеме да се очекува од еден лекар во толку краток период да донесе поголем број на странски инвестиции./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
														Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
														Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

