Македонија
Канческа – Милевска тврди изведувањето на Музејот на ВМРО е чисто како солза
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, по објавата на новата истрага од Специјалното јавно обвинителство „Тендери“, која се однесува на, според неа, партерното уредување околу Музејот на ВМРО, вели дека сите предмети се чисти како солза.
Таа, на прес-конференција во четврток, покажа документација, со која, смета дека докажала дека постапката за изведба на партерното уредување околу музејот, паркингот и гаражирањето и сообраќајниот пристап, кои се дел од договорот број 10, е транспарентна и навремена.„Сите проекти се согласно законите, и се одобрени за функција. Сите премети се чисти како солза. Ќе го поткрепам со аргументи со докази во однос на предметот кој беше кажан на прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство“, рече Канческа – Милевска.Таа појасни дека навремено е објавен оглас, кој се однесува на набавка за партерно уредување околу музејот. „Со објавувањето во Службен весник, транспарентноста е во целост испочитувана. Од евидентниот лист може да се види дека за истата имаат подигната тендерска документација 4 фирми“, рече министерката.СЈО во однос на истрагата „Тендери“, смета дека е направена повластица на фирмата „Бетон“ од Штип, на која и е доделена работата, пред да се објави оглас за тендер, и без да се потпише договор се почнало со работа, а условите се пишувале за да може да учествува само таа фирма.„Сите изнесени обвинувања од страна на (обвинителката Фатиме) Фетаи ги отфрлам во целост. Тезите на Фетаи се рекла-кажала, трач муабети, груба манипулација со која сака да стави дамка на моето работење и на Министерството за култура“, рече Канческа-Милевска.Во однос на условите, министерката рече дека СЈО може да ги провери и да истражи дека постојат најмалку 20 економски оператори кои одговараат на критериумите. Така, појасни се барала фирма која има позитивно финансиско работење во последните три години, најмалку да има изведено за три објекти за последните 5 години како самостоен изведувач или како носител на набавката, да поседува лиценца А и да има најмалку 50 вработени.Канческа – Милевска рече дека овие документи кои ги стави на увид на новинарите и на јавноста СЈО имало можност да ги провери затоа што му се доставени пред два дена, но како што рече, тие прво најавиле прес-конференција за две нови истраги, а потоа ги зело документите. „Денеска се објави обвинение за предмет каде не постојат ни докази ни документи, кој не е истражен. Не може да кажете дека нешто прво се градело, а потоа се објавило оглас, без да проверите градежни книги, времена ситуација, надзор, сите количини на изведени работи“, рече Канческа-Милевска која цел час потоа ја објаснуваше и ја покажуваше документацијата.Случајот наречен „Тендери“ се однесува за период од 14.6. 2011 година до 31.12.2013 во Скопје, во кој првоосомничена е раководно лице од Министерство за култура и членовите на Комисија за јавни набавки од министерството, кои на правното лице ГТД „Бетон“ Штип им овозможиле незаконско повластување, за изведување градежни работи во Музеј за македонската борба за државност.Пред да се објави оглас за услуги спротивно на принципите на конкуренција, пред да се донесе одлука за тоа првоосомичнената донела одлука кој да ја добие и да ја заврши работата.Сведок за овој случај е тогашен генерален директор на „Бетон“ Штип и вели дека добил можност да ги продолжи работите каде веќе работеле на други изведби, а да не се чека 20 дена за да се објави новиот оглас за новите градежни работи. Отпосле биле објавувани огласи, бил потпишуван договор, а „Бетон“ веќе ги изведувал работите. Договорено било во огласот да се предвидат услови што може само Бетон да ги исполни.Биле исплатени близу еден милион евра на сметка на „Бетон“, за изведба на овие градежни зафати, или 54.501.336 денари.Од СЈО најавија дека за лицата инволвирани во овој случај ќе бараат од судот посебни мерки за обезбедување присуство, но не притвор./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Скршнување од стратешките правци – Мицкоски и Стоилковиќ ја водат Македонија во изолација
„СДСМ со длабока загриженост ги следи контрадикторните сигнали што ги испраќа актуелната влада на премиерот Христијан Мицкоски. Додека официјално се изјавува дека Северна Македонија е стратешки партнер на Соединетите Американски Држави, во срцето на владата седи Иван Стоилковиќ, вицепремиер и најблизок соработник на Мицкоски, чии отворени проруски ставови и директни врски со Москва се сериозна закана за евроатланската ориентација на земјата“, велат од СДСМ.
„Ова не е само политичка хипокризија, ова е директно загрозување на националната безбедност и иднината на нашата земја во НАТО и ЕУ.
Уште полошо, самиот премиер Мицкоски, и покрај јавните изјави за стратешка соработка со САД, со своите постапки и блиски врски со српскиот претседател Александар Вучиќ, прави сѐ спротивно, водејќи ја Северна Македонија кон изолација слична на онаа во Србија, за да продолжи пљачката на државата и да се избегнат реформите.
Иван Стоилковиќ, со години е клучна фигура во руските обиди да го дестабилизира Балканот.
Уште во 2017 година, за време на политичката криза во нашата земја, Стоилковиќ патувал во Москва каде што, заедно со други балкански политичари, потпишал „Декларација за воена неутралност на Балканот“, документ поддржан од руски дипломати со јасна цел да се спречи пристапувањето во НАТО“, соопштуваат од СДСМ.
„Оваа посета била дел од поширокиот руски план да се осуети нашата интеграција во западните структури. Стоилковиќ бил активно вклучен во координацијата со српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ од БИА, кој очигледно дејствувал и по руски инструкции.
Живаљевиќ, според истражувањата на OCCRP (Organized Crime and Corruption Reporting Project) и македонските контраразузнувачки документи, дури престојувал во станот на Бранко Героски Геро, новинар и тогашен главен уредник на големи дневници (сега уредник и сопственик на Plusinfo.mk), кој е дел од мрежата на влијание поврзана со српските и руските интереси во регионот.
Оттаму и оркестрираниот напад врз СДСМ од страна на Героски, кој преку своите колумни и координација на активности со Деспотовски се обиде да го руши СДСМ одвнатре.
Неговата лојалност кон Москва не престанала ни по влезот на Северна Македонија во НАТО во 2020 година.
Напротив, Стоилковиќ отворено го критикувал влезот во Алијансата и се противел на Преспанскиот договор, клучен за решавање на спорот со Грција и отворање на патот кон НАТО и ЕУ.
Во мај 2023 година, присуствувал на „11. Меѓународен состанок на високи претставници за безбедносни прашања“ во Москва, организиран од Советот за безбедност на Руската Федерација.
Таму бил во друштво на Александар Вулин, тогашен директор на српската БИА и познат проруски политичар, како и Милорад Додик, претседател на Република Српска, кој повеќепати е обвинет за промоција на сецесионизам и блискост со Кремљ.
Овие средби не се случајни, тие претставуваат директен канал на руско влијание врз нашата влада.
Како најблизок соработник на премиерот Мицкоски, Стоилковиќ го промовира концептот „српски свет“ (критикуван во извештајот од Европскиот парламент), кој е тесно поврзан со руската геополитичка агенда на Балканот.
Идејата за „српски свет“ настанала уште во времето на Слободан Милошевиќ, а најдобар ученик на оваа доктрина е токму Александар Вучиќ.
Поддршката на Стоилковиќ и на владата на Македонија за Милорад Додик, особено вклучувајќи го присуството на Стоилковиќ на контроверзната прослава на „Денот на Република Српска“, од пред два дена, и покрај одлуката на Уставниот суд на БиХ, покажува нивна подготвеност за дестабилизација на регионот.
На прославата присуствувал Едвард Хусон, универзитетски професор и геополитички аналитичар.
Еве накратко за професорот, за граѓаните на Македонија…
Што се однесува до неговите анти-ЕУ ставови, Хусон е остар критичар на Европската унија, која ја гледа како потчинета на американските интереси и лишена од стратешка автономија.
Тој ја обвинува Европската комисија, особено Урсула фон дер Лајен, дека ги пречекорила своите овластувања со наметнување санкции кон Русија и дека текстот на санкциите е усогласен со Американците.
Хусон често ја критикува ЕУ поради поддршката за Украина, нарекувајќи ја „нео-фашистичка“ и обвинувајќи ја за хистерија кон Русија.
Ова не е само внатрешна политика, ова е директна поддршка на руските интереси, кои ги користат таквите врски за да ги ослабат НАТО и ЕУ на ниво на Западен Балкан.
Овие врски се протегаат до самиот премиер Мицкоски, кој длабоко ги развива односите со Вучиќ, гледајќи го како клучен регионален партнер, и покрај критиките од ЕУ упатени кон Вучиќ поради блискоста со Москва.
Мицкоски, иако јавно зборува за ЕУ интеграции, со своите постапки ја води Македонија кон изолација, слична на онаа што Вучиќ ја применува во Србија, избегнувајќи длабоки реформи (меѓу кои и реформите на правосудството) за да продолжи корупцијата и пљачката на државните ресурси.
Оваа изолација доаѓа од страв од новиот американски закон за Западен Балкан, кој подготвува задолжителни санкции за лидерите и бизнисмените во регионот вмешани во криминал, корупција и дестабилизација.
Наместо да се соочиме со овие предизвици преку реформи и приближување кон САД и ЕУ, Мицкоски и неговите соработници избираат пат на изолација, (како Вучиќ во Србија), за да ја зачуваат моќта и да продолжат со пљачката на државата.
На граѓаните на Македонија треба да им биде јасно дека Мицкоски ја враќа државата во времето на Груевски.
Оваа „тендер коалиција“ и влада што ја сочинуваат, е подготвена на сѐ (како што се „мигранти за пари“), за да останат на власт, со тоа штитејќи се себеси од одговорност пред лицето на правдата. Нашата иднина е во Европа и НАТО, а не во сенките на Кремљ. За нас Европа и НАТО немаат алтернатива!“, се наведува во соопштението на СДСМ
Македонија
Минусни температури низ целата земја, на Попова Шапка измерени -16 степени
Утрово најстудено било на Попова Шапка кадешто се измерени -16 степени целзиусови, -14 било во Mаврови Анови, -13 во Kрушево, -12 во Пожаране, -11 во Крива Паланка, -10 Ѓуриште, Берово, -9 Тополчани, Битола, Прилеп, Охрид, -8 Виница, Претор, Тетово, Струмица, -7 Скопје-Петровец, -6 Штип, Демир Капија, -5 Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Кавадарци, Велес, -1 Гевгелија.
Висината на снежната покривка измерена во 7 часот утрово изнесува 26 сантиметри на Попова Шапка, 15 Крушево, 5 Ѓуриште, 2 Тетово и Берово.
Времето денеска
Променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3 степени.
Во Скопје, претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен, а претпладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 1 степен.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

