Македонија
Само 407 гласачи од неконзистентните се јавиле за впишување во Избирачкиот список
Во однос на пријавувањето на 29.858 граѓани чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки останале неконзистенти во Избирачкиот список, ДИК информира дека заклучно со денеска, 5 ноември, до 13 часот, преку веб апликацијата пријавување за запишување во Избирачкиот список извршиле вкупно 407 граѓани.
Од нив, 360 пријави се прифатени, 2 се во обработка, а 45 се во фаза на разгледување.
Државната изборна комисија се обрати и со лични писма испратени на домашна адреса до сите овие граѓани поединечно, а во соработка во медиумите ја води и кампањата „Провери и пријави се.“
„Во таа насока, ги потсетуваме граѓаните дека оваа дополнителна можност за пријавување е всушност и последна за сите оние кои се на овој список, а сакаат да гласаат на претстојните избори. Токму поради тоа апелираме до сите граѓани да проверат дали се на овој список, и ако се, веднаш, а најдоцна до 11 ноември, да поднесат пријава за запишувањево Избирачкиот список“, велат од ДИК.
Пријавата може да се поднесе електронски, на prijava.sec.mk, како и во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК низ Република Македонија.
До петокот, до 19 часот, во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК низ државата јавен увид во Избирачкиот список извршиле 3.891 граѓани.
„Апелираме до граѓаните да ја искористат можноста до 11 ноември да извршат увид во Избирачкиот список во најблиското подрачно одделение или канцеларија на ДИК, или во дополнителните канцеларии кои во 17 општини ги отвори ДИК за оваа намена“, велат од ДИК.
Увидот во избирачкиот список може да се врши и електронски на izbirackispisok.gov.mk.
Заклучно со денеска, 5 ноември, до 13 часот, преку веб апликацијата на ДИК поднесени се вкупно 6.639 пријави од граѓани за гласање во странство. Од нив, 6.059 пријави се прифатени, 134 се одбиени, а 446 се во обработка.
Најголем број на пријави до сега се поднесени за гласање во ДКП во Детроит, односно 1127.
ДИК напоменува дека најголем дел од одбиените пријави се одбиени од причина што граѓаните наместо документ издаден од надлежен орган на странската држава, како доказ во својата пријава приложиле документ издаден од орган на Република Македонија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски најави дека ќе се чека уште 11 месеци да стигнат нови камиони на Комунална хигиена
Преку Министерството за транспорт и во соработка со Светската банка ќе се набават 40 нови возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека со оваа набавка ќе се реши еден од најголемите долгогодишни проблеми во работењето на претпријатието – застарената неодржувана и истрошена механизација, која сериозно го отежнувала одржувањето на јавната хигиена во главниот град. Според Мицкоски, состојбата дополнително била усложнета и со превработеност, како и со недоволна ефикасност на дел од вработените.
– Со овие 40 камиони, сигурен сум дека многу ќе се подобри состојбата со хигиената во Скопје. Како што најавивме и во кампањата, и како што најави и самиот градоначалник, хигиената ни е прв приоритет и во таа насока се движи овој процес, рече Мицкоски.
Тој најави дека процесот на набавка се очекува да биде заокружен до доцна пролет, а испораката на возилата да почне до крајот на годината. Според премиерот, новата механизација ќе овозможи поефикасна работа на Комунална хигиена и видливо подобрување на чистотата во градот.
– Сепак 40 камиони за одведување смет се огромна работа. Не така одамна имавме во Битола презентација на еден друг проект кој исто така меѓународни финансиски институции го поддржуваат, има и грант компонента, а тоа е регионалната депонија во Новаци. Дел од тој проект е и набавка на камиони за одведување на смет на општините од Југозападниот и од Пелагонискиот регион. Се што било закочено, не било сработено и не се работело, украдено, уништено, се трудиме да го оживееме и да го вратиме повторно во функција. Не може преку ноќ. Да бидеме трпеливи, рече премиерот Мицкоски.
Македонија
Љутков: За Охридскиот регион чекаме препораки од УНЕСКО
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изјави дека се чекаат препораките од УНЕСКО за Охрид и Окридскиот Регион откако заедно Албанија е пратен извештај во седиштето на оваа организација на ОН.
На новинарско прашање на прес-конференција посветена на резултатите од годишните конкурси за проекти во култуата во 2026 и што ќе се преземе за заштита на Охридскиот Регион како културно наследство во опасност, Љутков одговори дека тој наследил долгогодишен проблем.
Посочи дека за една и пол година откога го презел ресорот направени се големи интервенции и големи заложби во Охридскиот Регион, но оти периодот е краток за да се донесат крупни одлуки.
-Донесовме големи заклучоци на комисијата за УНЕСКО, формиравме кризен штаб, добивме седум месеци да интервенираме. Тој извештај е направен, земени се предвид сите релевантни институции и нивните мислења и тој извештај заедно со албанската страна е испратен до УНЕСКО. Ќе видиме какви ќе бидат во наредниот период препораките. Бидејќи ова е долгогодишен проблем, јас како министер можам да кажам дека ова го затекнав, она што можевме да го направиме го направивме, и пак ќе потенцирам дека треба да очекуваме сè, рече Љутков на прес-конференцијата.
Македонија
Ѓорѓиевски: Почнуваат градежните работи на булеварот „Македонија“
Од денеска почнаа градежните активности на булеварот „Македонија“ со кои се очекува да се намалат сообраќајните гужви. Ќе се реализираат четири фази, од кои првата треба да заврши за 90 дена.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во изјава за медиумите рече дека следната недела се очекува да започне и тендерската постапка за втората фаза.
– Тука сме на почеток на градежните активности на булеварот „Македнија“, нешто за што се говори години наназад, почнуваме со првиот од четирите чекори. Рокот на изведба е 90 дена, а од следната недела ќе ја почнеме тендерската постапка за втората фаза. верувам дека веднаш по завршување на првата фаза, ќе започнеме со реализација на втората фаза, рече Ѓорѓиевски.
Се надева дека до крајот на неговиот мандат ќе заврши целосната изградба.

