Свет
Русија очекува реакција на САД во врска со извештаите за воени сајбер напади врз Кремљ

Русија очекува од американските власти да се изјаснат за информациите во тамошните медиуми дека американски воени хакери наводно продреле во руските телекомуникациски и енергетски мрежи, се наведува во писмената изјава на портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова од саботата.
Американската телевизиска мрежа NBC News објави дека американски хакери, ангажирани од владата, продреле во руската инфраструктура и во командните системи на Кремљ, правејќи ги ранливи за напади, коишто САД, доколку сметаат дека е потребно, можат да ги преземат.
„Отсуството на официјална реакција од страна на американската администрација значи дека во САД постои државен кибернетички тероризам“, вели портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.
Така, во случај на остварување на овие закани, Москва ќе има полно право да го обвини Вашингтон, предупреди Захарова.
Официјални коментари од американска страна во саботата немаше, а руските медиуми кои од функционери во Вашингтон барале изјави наведуваат дека претходно претставниците на американскиот Стејт департмент изјавуваа дека САД не се заинтересирани за конфронтација со Русија во кибернетичкиот простор.
„Американски воени хакери се инфилтрирале во енергетската и телекомуникациската мрежа на Русија, како и во командниот систем на Кремљ, правејќи ги ранливи за напади со помош на тајното американско кибернетичко оружје, доколку САД сметаат дека тоа е неопходно. Ова го вели високорангиран претставник на разузнавањето, а исто така произлегува од документите кои се класифицирани како врвна тајна, кои беа ставени на увид на NBC News“, се наведува во прилогот објавен на американската телевизија.
Натаму NBC News повикувајќи се на „официјални претставници“ тврди дека „кибернетичкото оружје ќе биде употребено само во случај доколку врз САД биде извршен значителен напад“.
„Официјални претставници на САД продолжуваат да изразуваат загриженост дека Русија ги користи своите кибернетички можности за обид да го попречат спроведувањето на американските претседателски избори следната седмица. Официјални лица во американското разузнавање не очекуваат дека Русија ќе ја нападне критички важната инфраструктура, тоа според мислењето на повеќемина од нив, тоа претставува борбено дејствие, но тие очекуваат ткн сајбер измами, односно можно објавување на фалсификувани документи и ширење лажни профили на социјалните мрежи, со цел да се шират дезинформации“, се наведува во прилогот на NBC News.
Според сознанијата на телевизијата, американските власти ги групираат ресурсите за да одговорат на „руската закана“,
Телевизијата го пренесува мислењето на поранешниот командант на силите на НАТО адмиралот ЏејмсСтавридис кој вели: „Ние сме значително супериорни во офанзивните способности (во сајбер просторот – з.р.) од која е и да е друга земја, но тие брзо не следат…. Дојдовме до моментот кога е потребно да се даде одговор на Русија доколку дојде до значително нарушување во кибернетичкиот простор во пресрет на изборите“.
Руската новинска агенција РИА не добила официјални коментари на споменатиот телевизиски прилог на NBC News од Белата куќа, Стејт департментот, Пентагон и другите американски институции.
Потсетува дека американското министерство за внатрешна безбедност и директорот на националното разузнавање ја обвинија Русија за насочени обиди да се влијае врз исходот од претседателските избори во САД преку кибернетички напади. Американското разузнавање повеќепати обвини „хакери поврзани со Кремљ“ дека му помагаат на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп. Сепак, конкретни докази во јавноста досега не се презентирани.
Москва повеќепати ги оцени ваквите тврдења како „неоснована и смешна“ пропаганда, напади кои се без никаква основа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Баронс: Европа мора да биде подготвена силно да му возврати на Путин

Пензионираниот генерал Сер Ричард Баронс напиша анализа на настаните во Украина и Европа за „Тајмс“. Баронс е британски офицер кој служел во Северна Ирска, Босна, Косово, Ирак и Авганистан во мисиите на ОН, НАТО и Велика Британија.
Војната во Украина стана клучен тест за способноста на Европа да се одбрани, а секое евентуално примирје ќе биде значајно не по она што го пишува на хартија, туку по тоа како се спроведува во пракса. Доколку Западот не успее да ја поддржи Украина со значајни гаранции, мирот ќе биде малку повеќе од привремена пауза до следната рунда конфликт. Влоговите не се само за опстанокот на Украина, туку одат до самата срж на европската безбедност за претстојната деценија, анализира тој.
За Велика Британија, овој предизвик е неразделен од заклучоците од Стратешкиот одбранбен преглед (SDR) од 2025 година. Документот јасно стави до знаење дека влеговме во нова ера на конфронтација предводена од држави во турбулентен свет обликуван од климатските промени, демографските притисоци и дигиталното доба. СДР предупреди дека ризиците со кои се соочуваме се сосема различни од релативно удобните неизвесности од ерата по Студената војна. Живееме во време кога одвраќањето може ненадејно и катастрофално да пропадне, а цената на слабоста се мери во изгубена безбедност, просперитет и вредности.
Украина сега е на првата линија во овој нов свет, додава. Руската инвазија ги покажа разорните последици од погрешната проценка на одвраќањето. За Велика Британија, лекцијата е јасна: мора да ја вратиме и волјата и средствата да се одбраниме и да играме целосна улога во колективната безбедност, првенствено преку НАТО. Додека нордиските и балтичките земји го следат моделот на „тотална одбрана“ со мобилизирање на целото општество, Велика Британија нема директно да го копира, но нашиот одговор мора да ја одразува истата сериозност.
СДР постави десетгодишен план за зголемување на трошоците за одбрана на 3,5 проценти од БДП, но проблемот лежи во претпоставката дека имаме десет години за подготовка. Настаните можеби нема да ни дадат толку време. Ако Русија или друг противник се движат побрзо, Велика Британија мора да биде подготвена да забрза – да троши повеќе и порано – наместо да се потпира на среќа, вели тој.
Обезбедувањето на иднината на Украина е клучен тест. За Украинците, наградата е опстанок како независна држава. За Велика Британија и Европа, поголемата награда е нов безбедносен поредок што поставува цврсти ограничувања на руската агресија. Од друга страна, слабо поддржаниот прекин на огнот само би ја охрабрило Москва, сигнализирајќи дека Европа останува неодлучна и ранлива.
Планерите на НАТО се свесни дека прегрупираната Русија би можела, за само четири години, да биде подготвена директно да ја тестира алијансата. Мала, но добро опремена инвазија на членка на НАТО би можела да биде доволна за да се тестира дали Член 5 – принципот дека нападот врз една е напад врз сите – сè уште се почитува. Доколку НАТО не одговори со обединет фронт, самата алијанса би можела да се распадне.
Европа која засекогаш се крие, чекајќи го следниот удар, не е безбедна Европа. Начинот за минимизирање на конфликтот не е слабост, туку воспоставување огромна доминација на јазикот што Русија најдобро го разбира: сила.
Она што се случува во Украина ќе го дефинира европскиот безбедносен поредок за следната генерација. Плиткото примирје што Русија може да го прекрши по своја волја ќе нè осуди на поголема нестабилност и агресија. Силна гаранција, пак, би покажала дека Европа конечно ја прифатила одговорноста за сопствената одбрана. Цената на неактивноста сигурно ќе биде многу поголема. Борбата на Украина е европска борба. Ако не успееме да ја гарантираме нејзината иднина, ќе се коцкаме со нашата, анализира пензионираниот генерал.
Фото: принтскрин
Европа
Лукашенко за мирот во Украина: Путин е подготвен, проблемот е кај Европејците и Зеленски

Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги обвини лидерите на Европската Унија за попречување на мировните напори во Украина, велејќи дека Русија е подготвена да ги почитува договорите постигнати со САД, но дека напредокот сега зависи од Киев и неговите поддржувачи, објави РТ.
По средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека конфликтот во Украина треба да се реши преку траен договор, а не преку привремено прекин на огнот. Сепак, според Москва, Киев „отворено покажува дека нема интерес за долгорочен мир“.
„Русија е подготвена да ги спроведе договорите постигнати со Американците. Веќе разговаравме за ова со претседателот Путин неколку пати. Проблемот е кај Европејците и Зеленски“, изјави вчера Лукашенко.
За време на состанокот со американскиот претставник Џон Коул претходно во текот на денот, Лукашенко нагласи дека ниеден американски лидер не вложил поголеми напори „за да обезбеди мир во светот“ од Трамп.
„Сакам да му се заблагодарам на вашиот претседател за напорите што ги вложува за мир, првенствено во нашиот регион“, рече Лукашенко, додавајќи дека Белорусија е подготвена „да застане покрај Трамп и да му помогне во оваа мисија“.
Белорускиот лидер посочи дека додека Вашингтон се залага за решавање на конфликтот, Брисел и Киев сè уште го посакуваат „поразот“ на Русија на бојното поле, инсистирајќи дека таквата цел е нереална и „никогаш нема да се случи“.
Лукашенко, исто така, ја критикуваше Полска за „подгревање на тензиите како дивјаци“ откако Варшава ја обвини Русија за нарушување на нејзиниот воздушен простор со беспилотни летала претходно оваа недела.
Тој рече дека белоруските сили пресретнале дел од авионите и однапред ја предупредиле Полска за други, но за возврат добиле само „хистерија“, според RT.
Руските и белоруските претставници повеќе пати го обвинија Брисел за поткопување на мировната иницијатива на Трамп со тоа што го туркаат Киев кон она што Москва го нарекува „невозможни барања“.
Москва, треба да се потсетиме, бара Украина да остане неутрална, да остане надвор од НАТО и другите воени сојузи, да се демилитаризира и „денацифицира“ и да ја прифати сегашната територијална реалност – вклучувајќи го и статусот на Крим и другите региони.
фото: принтскрин
Свет
Холандија: Висок ризик од големи прекини на електричната енергија по 2030 година

Холандија се соочува со висок ризик од големи прекини на електричната енергија по 2030 година доколку енергетските компании не добијат средства за одржување на гасните електрани во функција, според извештајот објавен денес од меѓународната консултантска компанија „Kompas leksekon“ за здружението „Energi Nederland“.
Според анализата, во следните пет години снабдувањето со електрична енергија во Холандија ќе биде доволно дури и во периоди без сонце и ветер, но по тој период ситуацијата би можела одеднаш да се влоши, објавува „NL Times“.
Холандија планира да ги затвори последните три термоелектрани на јаглен до 2029 година, додека електраните на гас стануваат сè помалку профитабилни поради проширувањето на капацитетот на ветерните фарми и сончевите панели.
Во исто време, потрошувачката на електрична енергија брзо расте, а бројот на топлински пумпи и електрични возила се зголемува.
Проценките покажуваат дека Холандија веќе би можела да се соочи со 15 до 18 часа годишен недостиг на електрична енергија до 2033 година, што е четири пати повеќе од прифатливиот максимум од четири часа.
Ова би предизвикало неконтролирани прекини во снабдувањето и екстремно високи цени на електричната енергија.
Во овој момент, сигурноста на системот е 99,99 проценти.
Операторите го одложуваат големото одржување на гасните електрани бидејќи тоа повеќе не е профитабилно за нив поради брзото зголемување на употребата на ветерна и сончева енергија, предупредува претседателката на „Енерџи Холанд“ Кора ван Нивенхаузен и додава дека извештајот претставува „сериозно предупредување“.
„Kompas lexekon“ предлага воведување на пазарен механизам што би обезбедил плаќања на операторите за работа во периоди кога обновливите извори не можат да ја задоволат побарувачката и би стимулирал нови инвестиции во електрани и системи за складирање енергија од батерии (BESS).
Се проценува дека социјалната корист од споменатите мерки изнесува од 2,5 до 3 милијарди евра годишно преку пониски цени и намалување на ризикот од прекини на електричната енергија.
Истражувачите заклучуваат дека „превенцијата е подобра од лекувањето“, односно дека е поповолно да се реагира и да се инвестираат ресурси сега, бидејќи евентуалното санирање на последиците би можело да биде многу поскапо.
Фото: принтскрин