Македонија
Иванов му честита на Трамп: Вие застанувате на чело на САД во време на непоредок

Честитки за победата на Доналд Трамп на претседателските избори во 2016 година во САД, упати македонскиот Претседател Ѓорге Иванов, кој му посака успех во извршувањето на одговорната функција на својот американски колега.
„Вие застанувате на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и непоредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија. Во нашите 25 години независност и сувереност, Република Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат. И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Република Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД“, вели Иванов во честитката.
Македонскиот претседател додадава дека е уверен дека Соединетите Американски Држави под лидерство на Трамп, „ќе ни помогнат во исполнување на овие највисоки стратешки цели. Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратегиско партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност“.
„Сакам да Ве уверам дека Република Македонија, како докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот.
Со искрени желби за Ваша натамошна успешна работа, лична среќа и добро здравје, Ви ги упатувам, изразите на моето највисоко почитување“, вели Иванов./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.