Економија
Железничка инвестиција од 20 милиони евра во Македонија

Чешкиот „Локо Транс”, во моментов, ја разгледуваат можноста за купување или закупување на земја, на која планираат да изградат логистички центар.
Оваа не е нивна прва инвестиција, железничкиот гигант својата прва инвестиција ја има направено пред пет години.
Новата инвестиција ќе отвори околу 600 работни места. Пресудно за оваа инвестиција била квалификуваната работна сила за железничкиот инжинеринг која ја нуди македонскиот пазар, како и географската стратешка местоположба.
Во првата фаза планирано е да се отвори работилница за одржување на железничкиот возен парк и контејнерски терминал. Додека пак во втората фаза, се очекува и изградба на погон за произвидстви на вагони, кој ќе биде прв од ваков тип во Македонија, и на Балканот бидејќи во регионот нема сертифицирани компании кои вршат ваква дејност./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерство за енергетика: Стабилни инвестиции во обновливи извори, започна подготовката за воведување на CfD механизам во Македонија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го започна процесот за воведување на механизмот „договори за разлика“ (Contract-for-Difference – CfD) како нов модел за поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија.
Моделот CfD, веќе докажан низ ЕУ, ќе ги забрза инвестициите во капацитети за обновливи извори на енергија, а истовремено ќе ги заштити потрошувачите од нестабилноста на пазарот.
На денешниот кик-оф состанок, министерката Сања Божиновска истакна дека CfD не е само финансиски инструмент, туку системска промена што обезбедува стабилност за инвеститорите и заштита за потрошувачите.
„Со оваа реформа поставуваме предвидливи и одржливи услови за инвестиции во соларни и ветерни капацитети, со што ги забрзуваме нашите амбициозни цели – 1.7 GW обновлива енергија до 2030 година. CfD механизмот создава сигурност, пониски трошоци и конкурентен пазар, што е клучно за забрзаната транзиција кон чиста енергија.“ изјави министерката Божиновска.
Со поддршка на ЕБОР и експертиза од меѓународни партнери, Македонија ќе го приспособи овој механизам на локалниот енергетски пазар, отворајќи нови можности за инвеститорите. Очекувањата се дека ова ќе доведе до забрзан развој на обновливите извори и стабилни долгорочни цени за потрошувачите.
Процесот на подготовка продолжува во наредните месеци, со детална анализа на регулативата и финансиските аспекти, со цел да се создаде модел што ќе донесе реални и одржливи резултати за македонската енергетика.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,84% во однос на одлуката од 24.3.2025 година.
Од 2.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 69,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 41,705 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,00 ден/лит
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 0,950 ден/кг и сега ќе изнесува 41,705 /кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,381%, кај дизелот зголемувањето е во просек за 1,884%, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 1,987% и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,396%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7218%.
Економија
Николоски: Креираме нов едношалтерски систем и поефикасни постапки за увоз, извоз и транзит на стока

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска претседаваше со Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем.
Комитетот го усови предлог на Законот за едношалтерска околина, нов закон со кој ќе се обезбеди збир на едношалтерски услуги кои ги обезбедуваат 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока.
Целта на оваа регулатива е да се олесни трговијата преку рационализација на процесите при апликација и издавање на дозволи, нивната обработка и процесот на царинење на стоките при увоз, извоз и транзит низ државата.
Исто така со Законот се постигнува интероперабилност, односно размена на податоци меѓу сите инститиуции на национално ниво, подобра соработка како и координирани активности во рамки на овој систем.
Законот има за цел да направи и услогласување со европската регулатива, како и целосно усогласување со нецаринските системи во земјите од ЦЕФТА.
Република Македонија е дел од проектот за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан каде една од компонентите е имплементацијатa на овој Нов Национален Едношалтерски Систем што подразбира целосна замена на тековниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки со нов систем.
Во рамките на оваа активност, Министерството за транспорт преку Проектната единица во рамки на самото министерство е во фаза на подготовна на тендерска документација за нова електронска “Платформа за дозволи” како и хардверска опрема, која се очекува да се распише во месец мај оваа година.
Овoj софтвер подразбира дека во иднина сите дозволи за увоз, извоз и транзит како и плаќањето, ќе се одвива по електронски пат на една точка.