Црна хроника
Божиновски тврди дека Минчо Јорданов му дал доброволно 30.500 евра, на 9 декември ќе се соочат во судница
Сметам дека предметот против мене е политички прогон, нарачан од Никола Груевски, креатори се Сашо Мијалков и Тони Јакимовски, лица кои се осомничени и обвинети за најтешки дела против Република Македонија.
Ова е дел од одбраната на новинарот Зоран Божиновски кој е обвинет за шпионажа, уцена и злосторничко здружување како дел од случајот „Шпион“.
„Вклучен е и Љупчо Андоновски кој беше сменет од директорското место во Бирото за јавна безбедност поради соработка со Специјалното јавно обвинителство против Мијалков и Груевски. Извршители се Гордана Јанкулоска, Марко Зврлевски и Лиле Стефанова, обвинителката која избега и е скриена во СЈО. Креатор на сите збрки е истражната судијка Татјана Михајлова која сега треба да му суди на Груевски по казна“, рече Божиновски.
Тој два часа даваше одбрана, судницата ја нарече лудница, а судијката Ленка Давитковска ја нарече претставник на злосторничко здружение. Поради навредите упатени кон Судот, Божиновски во два наврата беше казнет со по 1.000 евра.
„Ќе снема струја во вашиот банкомат на 12-ти декември. Слободно казнете ме, ќе ви платат Обединетите нации“, рече Божиновски.
Новинарот кој е сопственик на весникот „Буревесник“ којшто излегуваше во електронска форма тврди дека нема ниеден доказ против него, освен изјавите на девет сведоци кои тврделе дека Божиновски ги уценувал за пари.
На следното рочиште на судењето треба да сведочи бизнисменот Минчо Јорданов, Ванчо Шехтански и Димитар Димовски. На 9-ти декември Божиновски ќе има можност да се соочи со Јорданов којшто рече дека е најконтроверзен сведок кој пред судот тврдел дека му дал од пет до 10.000 евра.
Но, Божиновски тврди дека Јорданов му дал доброволно 30.500 евра во пет наврати.
Според тврдењата на Божиновски, Јорданов му дал дел од парите во неговиот кабинет, каде Божиновски бил гостин со богата кетеринг услуга во просториите на „Макстил„. Возачот на Јорданов го вратил во Куманово и Јорданов бил пресреќен што Божиновски бил негов гостин.
Одбраната на Божиновски се темелеше на тоа дека немало ниеден доказ против него, кога, како каде и од која причина станал член на злосторничкото здружение и кој бил неговиот материјален интерес. Обвинителството, според Божиновски не дал ниеден цврст и несоборлив доказ дека поседува документи кои се класифицирани и некому ги продавал, односно дека тргувал со странски служби со тајни информации, до кои немал пристап.„Нема докази кого сум уценувал, изнудувал, на кој начин, нема фото и видео докази“, рече Божиноски.
Тврди дека ВМРО- ДПМНЕ се обиделе да го купат и во 1999 и во 2006 година кога дошле на власт. Првиот пат бил претепан, а сакале да го купат преку кумановскиот бизнисмен Драган Даравелски. Во 2006 година соработка му нудел Груевски, преку тогашниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски.
На минатото рочиште беше прочитан обвинителниот акт во кој пишува дека Божиновски бил дел од случајот „Шпион“ и дека уценувал бизнисмени и други јавни личности, меѓу кои Драган Даравелски и Минчо Јорданов.
Божиновски беше дел од предметот „Шпион“, но постапката за него беше раздвоена бидејќи тој беше недостапен.
Во 2014 година беше донесена пресуда за овој случај во којшто се осудени главно сегашни и поранешни припадници на разузнавачката агенција, Управата за безбедност и контраразузнавање, како и Министерството за одбрана.
Осудените се товарат дека се занимавале со шпионажа, но и со уцена на влијателни личности во Македонија од кои барале пари за да не им објават детали во јавност од нивните приватни животи.
Во меѓувреме, надлежноста над предметот ја презеде Специјалното јавно обвинителство кое на јавната седница на Апелација ги отфрли сите жалби на обвинетите и единствено побара да им се намалат затворските казни на осудените. Апелациониот суд им ги намали казните на осудените, а ги пушти од притвор двајца обвинети во случајот, Миќо Насковски и Цветан Дамјановски./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Обвинение за семејно насилство врз бремена девојка во Свети Николе
Основното јавно обвинителство Свети Николе итно ги презеде сите дејствија за обезбедување докази и поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, што е кривично дело според член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, обвинетиот на 19 и 20 февруари, во семејната куќа во Свети Николе, при вршење семејно насилство, ја ограничил слободата на движење и телесно ја повредил неговата бремена девојка.
„Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднесе и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот. Во меѓувреме се вршат проверки и во однос на наводи и сомненија за други дејствија на злоупотреби од ова лице кон истата оштетена, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител“, велат од Обвинителството.
Топ
Од Дубаи екстрадирано лице барано со потерница од македонската полиција, прва екстрадиција од Обединетите Арапски Емирати во нашата земја
Денеска од Дубаи во нашата земја беше екстрадиран 33-годишниот Флорим Лимани, кој беше баран со меѓународна потерница за издржување затворска казна од три години и шест месеци за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, казниво по чл. 396 ст.1 од КЗ.
Ова е прва реализирана екстрадиција на лице од Обединетите Арапски Емирати, кое нашата држава го бара со меѓународна потерница, извести МВР.
Фото: МВР
Топ
Кривична против поранешна директорка на Клиничка болница Битола за злоупотреба на службената положба и овластување
СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против Е.И.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Пријавената, како поранешен директор на Јавна здравствена установа-Клиничка болница Битола, во текот на 2023 година, спротивно на одредбите од Законот за администаривни службеници, Законот за изменување и дополнување на Законот за администаритвни службеници, без согласност од Министерството за финансии и спротивно од Законот на буџети за вработување, без спроведени интерни огласи и согласност и потпис од Секторот за човекови ресурси, за 11 лица вработени како административни службеници во управната зграда во Клиничка болница Битола склучила анекси кон договорите за вработување со цел зголемување на коефициентите на сложеност на работните места и издала решенија за утврдување на висина на плата, односно унапредување во повисок степен без соодветно образование.
На тој начин пријавената го оштетила Буџетот на Министерството за здравство, односно Фондот за здравствено осигурување за 49.304 евра до моментот на поднесување на пријавата. На пример, лице вработено како помошник одговорен инжинер за техничко одржување на објекти, каде било предвидено средно образование електротехника или електромашинство, било унапредено лице со академско звање – доктор на науки од областа на индустриски менаџмент и платата му била пресметувана по коефициент на сложеност кој се однесувал за профил доктор на немедицински науки, сродни на дејностите на установата.

