Црна хроника
Возачот кој го прегази Кико бил пијан, одреден му е куќен притвор
Судот му одреди куќен притвор и му ја одзеде возачката дозвола на возачот кој го прегази деветнаесегодишното момче, Христијан Крстески – Кико на 20 септември на регионалниот пат Скопје – Велес.
Обвинителството утврдило дека во моментот на случувањето на сообраќајната несреќа осомниченото лице го управувало возилото со 2,43 грам промили алкохол во крвта и со неприлагодена брзина.
„Кривичната пријава за случената сообраќајната несреќа од 20 септември годинава, кога возач на патничко возило удри во сега починатото деветнаесет годишно момче Х.К. во Основното јавно обвинителство Скопје пристигна на 8 ноември. Надлежен јавен обвинител веднаш започна со дејствија во насока на прибирање на податоци и утврдување на фактите. Донесена е Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кое е предвидена затворска казна од најмалку 4 години. Побаран е извод од крим евиденција за осомниченото лице кое управувало со моторното возило, наредено е сообраќајно техничко вештачење и прибирање на потребни податоци. Надлежниот обвинител веднаш ги повика за давање исказ лице сведок на настанот и осомниченото лице“, соопштуваат од обвинителството.
Четириесет и четиригодишниот возач со автомобил „мерцедес“ удри во момчето кое веднаш беше пренесено во Ургентен Центар Скопје, каде што починал по неколку дена.
Семејството на момчето и граѓани вчера трет пат го блокираа сообраќајот и одржаа протест под мотото „Правда за Кико“./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Охриѓанец приведен откако со дрвен предмет и нож нападнал сограѓанин
Полициски службеници од СВР Охрид синоќа, на 31 јануари 2026 година во 23:20 часот, го лишиле од слобода Г.А. (49) од Охрид, по пријава за насилен инцидент што се случил на улицата „Марко Нестороски“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничениот најпрвин со дрвен предмет го нападнал Р.С. (40) од Охрид, по што извадил нож и замавнал кон него. Со брза интервенција на полицијата, напаѓачот бил приведен, со цел спречување на понатамошна ескалација на насилството.
По целосно документирање на настанот, против Г.А. ќе биде поднесена соодветна пријава, согласно законските прописи.
Црна хроника
Седумдесет и петгодишен маж е најден починат во шахта
Седумдесет и петгодишен маж вчера е пронајден починат во шахта за водовод во гостиварското село Дебреше, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Вчера попладне С.Р., жител на Дебреше во полиција пријавил дека во шахта за водовод лоцирана во куќата на неговиот братучед го пронашол починат неговиот вујко А.Џ. (75)“, се вели во полициското соопштение.
На местото на настанот, увид извршиле јавен обвинител и екипа на криминалистичката полиција.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.
Црна хроника
При контрола на СВР Тетово, одземени ножеви и боксирач од деца
Министерството за внатрешни работи информира дека се одземени ножеви и боксирач од малолетници при вчерашната акциска контрола на СВР Тетово спроведена во периодот од 14:00 до 16:00 часот во угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
-При контрола во угостителски објект на улица „Љубо Божиновски Пиш“, кај 17-годишен малолетник биле пронајдени и одземени неколку ножеви и метален „боксирач“. Истовремено, при контрола во објект во склоп на Спортскиот центар, кај двајца малолетници биле пронајдени и одземени ножеви, се наведува во соопштението на МВР.
Од МВР посочуваат дека сите малолетници се приведени во полициска станица во присуство на родители, а по целосно документирање на случајот биле предадени на нивните родители.

