Македонија
Шлумберже: Времето одминува – оптимизмот се намалува
Времето почнува да се стеснува и за жал мислам дека како тоа ќе одминува, се помалку ќе можеме да бидеме оптимисти
Времето почнува да се стеснува и за жал мислам дека како тоа ќе одминува, се помалку ќе можеме да бидеме оптимисти.
Ова го изјави францускиот амбасадор Жан Клод Шлумберже во неделното интервју за Радио Слободна Европа, коментирајќи ја оптимистичката изјава на шефот на шпанската дипломатија Мигел Анхел Моратинос за можно решавање на спорот за името до јуни.
Шлумберже смета дека тој оптимизам бил заснован врз постоењето волја да се стигне до решение како од македонска така и од грчка страна.
Ништо не е невозможно доколку постои политичка воља, вели тој.
„Мислам дека е неопходно да се продолжат преговорите под покровителство на ОН со медијаторство на Нимиц. Имено, важно е да има билатерални разговори на сите нивоа меѓу двете земји, вклучително и највисокото ниво. Тоа би овозможило да се создаде подобра клима на доверба и овозможува исто така сигурно да се оди кон решение. Ќе повторам, времето е кратко, но сепак не е доцна за европскиот Совет во јуни, под услов да постои силна волја“, смета Шлумберже.
Од почетокот на годината, ние од меѓународната заедница имавме неколку мотиви за незадоволство, вели Шлумберже.
Во доменот на реформите, на пример, ни се чини дека има некои закони кои беа усвоени а не соодветствуваат со европските стандарди. Тука пред се мислам на законот за водите и законот за антидискриминација, рече Шлумберже.
Што се однесува на политичкиот дијалог и тука гледаме дека постојат потешкотии што мошне добро се гледаат во Собранието. Истото се гледа и кога зборуваме за вклучување и дијалог со надворешни организации, организации на општеството. Сето тоа ни се чини непријатно и би жалеле доколку тоа има негативни последици врз идниот извештај на Европската Комисија, вели францускиот амбасадор.
И што се однесува на Охридскиот договор и неговата имплементација, и тука мислиме дека атмосферата не е најдобра. Постојат меѓуетнички тензии кои се анимирани од полемики, теми кои се деликатни, слушнавме повици за насилни опции, и сето тоа не е добро. Треба да бидеме претпазливи и сите да покажат силен дух на одговорност, изјави францускиот амбасадор Жан Клод Шлумберже во неделното интервју за Радио Слободна Европа. /крај/рсе/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

