Свет
Директорот што препакуваше лекови ќе шефува со Фондот?
Ексдиректорот на Фондот за здравство Борче Наумовски што тогашниот премиер Бранко Црвенковски го смени за основано сомневање за копрупција во аферата со препакување на словенечкиот антибиотик "орацеф", сега е кандидат на министерот Владо Димов
БУЧКО ГИ ВРАЌА КАДРИТЕ ШТО БРАНКО ГИ ИЗБРКА ЗА КОРУПЦИЈА
Ексдиректорот на Фондот за здравство Борче Наумовски што тогашниот премиер Бранко Црвенковски го смени за основано сомневање за копрупција во аферата со препакување на словенечкиот антибиотик "орацеф", сега е кандидат на министерот Владо Димов за пре
Министерот за здравство Владо Димов наумил да го смести ексдиректорот на Фондот за здравство Борче Наумовски да шефува со државните здравствени пари. За својот предлог неговата десна рака да стане претседател на Управниот одбор на Фондот јавно Димов проговорил на неодамнешната средба со претставниците на Светската банка.
– Еве го мојот предлог за во Управниот одбор, рекол Димов, и покажал кон Наумовски. Ова бил негов одговор на поставеното прашање зошто само Министерството за здравство се уште не го кажува својот предлог за телото кое ќе одлучува за тоа како ќе се трошат парите на осигурениците, а во кое барем според предлогот на банкарите доминантна улога треба да имаат оние кои ја полнат касата.
Димов на официјалните прашања за предлогот на Министерството упорно одговара дека се уште нема направено избор кој да седне во управниот одбор.
За министерот за здравство шпекулација е тоа што во јавноста за оваа позиција се вртат имињата на Наумовски, како негов фаворит и вториот предлог за оваа функција, актуелниот државен секретар д-р Ратка Куљан – Зографска.
Наумовски важи за специјален советник на Димов за здравствено осигурување. Тој во Министерството официјално е вработен пред еден месец, иако го советува Димов отако стана министер. Предлогот Наумовски да биде член во Фондот добило големи размери, коментираат за ВЕСТ извори од извршната власт, поради дебелото досие што зад себе го носи фаворитот на Димов. Како што дознаваме, упатените во партиските комбинаторики во здравството се потрудиле да ги потсетат кадровиците на владејачките партии на биографијата на Наумовски.
Кариерата на бившиот фондовец на јавноста и е позната по скандалот што во 1997 година изби во здравството со препакувањето на словенечкиот антибиотик "орацеф". Тогаш, тој, како што пишуваа весниците, заедно со тогашниот министер за здравство Илија Филипче беа вмешани во аферата со препакувањето лекови со поминат рок. Во објавуваните текстови во медиумите во април 1997 година, Наумовски беше прозван за малверзациите со тетовската веледрогерија "Медифарм комерц". Со негово, и со знаење на тогашниот министер Филипче, тетовската веледрогерија препакувала антибиотици со поминат рок во стан во скопската населба Чаир. Станот во тоа време бил сопственост на Наумовски. Според наодите, влезени и во полициските билтени, препакуваните лекови биле ставени во нова амбалажа со уреден датум и упатство за употреба. Овие лекови подоцна, преку Фондот за здравство завршиле во државните аптеки.
За овој скандал, Наумовски заработи кривична пријава, по што следеа и пријави за купување поскапи лекови од фондовски пари, а без тендер. Неговата смена, како што беше наведено од тогашниот премиер Бранко Црвенковски, се должи на "основано сомневање за корупција". Дел од кривични пријави уште се по судските фиоки.
А. Стојановска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„ВизЕр“ и „ФлајДубаи“ организираат летови за враќање на Унгарците од Блискиот Исток
Унгарија организира враќање на своите граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот. Два авиона, секој со 90 патници, ќе полетаат од Аман, Јордан, утре и четврток, изјави денес министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека е можно да се влезе во Јордан од Израел преку два копнени гранични премини. Во исто време, „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови од Египет, а авиокомпаниите од Обединетите Арапски Емирати исто така делумно го обновуваат сообраќајот, објавува Daily News Hungary.
Во гостувањето во подкастот „Час на вистината“, Сијарто објасни дека во Израел има многу унгарски граѓани кои можат да ја напуштат земјата со одење во Јордан или преминување во Египет преку граничниот премин отворен 24 часа на ден.
За да се олесни враќањето на Унгарците што пристигнуваат во Египет, авиокомпанијата „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови до Шарм ел Шеик од сегашните три на десет неделно, потврди министерот.
„Воздушниот сообраќај од Обединетите Арапски Емирати е делумно обновен, а авион на ‘ФлајДубаи’ полета за Унгарија попладнево“, објави Сијарто на „Фејсбук“.
Министерот потсети на напнатата ситуација во регионот, наведувајќи дека Иран ги продолжил своите сеопфатни напади врз земјите од Заливот преку ноќ и дека беспилотни летала биле насочени и кон амбасадата на САД во Ријад.
„Повеќето земји сè уште го држат својот воздушен простор затворен“, рече Сијарто, додавајќи дека „Катар ервејс“ сè уште не дал информации за продолжување на летовите.
Од друга страна, тој го потврди денешниот лет на „ФлајДубаи“, кој превезува патници со веќе купени билети.
„’Емирејтс’, исто така, ги обнови летовите, а неколку унгарски граѓани веќе го напуштија регионот, летајќи кон разни европски дестинации“, заклучи министерот.
Свет
Шпанија одговори на заканите на Трамп за прекин на трговските односи
Шпанската влада одговори на заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за прекинување на трговските односи со Шпанија, која ја нарече „ужасен“ сојузник поради наводно несоработка во врска со воените бази.
Во соопштението, владата посочува дека ако Вашингтон сака да ги преиспита трговските односи, „ќе мора да го стори тоа почитувајќи ја автономијата на приватните компании, меѓународното право и билатералните договори меѓу Европската Унија и САД“, објави RTVE.es.
Владата, исто така, ја бранеше позицијата дека Шпанија е клучна членка на НАТО која ги исполнува своите обврски и значително придонесува за одбраната на европската територија.
„Ние сме исто така извозна сила на ЕУ и сигурен трговски партнер за 195 земји низ целиот свет, вклучувајќи ги и САД, со кои одржуваме историски и меѓусебно корисни трговски односи“, се наведува во соопштението.
И покрај сè, Мадрид посочи дека Шпанија ги има потребните ресурси за ублажување на евентуалните удари, за помош на секторите што би можеле да бидат погодени и за диверзификација на синџирите на снабдување.
Во секој случај, се додава во соопштението, волјата на владата е и секогаш ќе биде да се залага за слободна трговија и економска соработка меѓу земјите, со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право.
фото/Depositphotos
Свет
Израелска војска: Нападнавме таен ирански нуклеарен комплекс
Израелските воздухопловни сили нападнаа тајна иранска нуклеарна локација во предградието на Техеран порано денес, објави израелската војска.
На прес-конференција, портпаролката на ИДФ, бригаден генерал Ефи Дефрин, изјави дека група нуклеарни научници „тајно работеле на развој на капацитети потребни за нуклеарно оружје“ во делумно подземниот објект.
Според ИДФ, по 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни 2025 година, за време на која цел беа иранските нуклеарни објекти, Иран „не ги запрел своите воени нуклеарни активности и продолжил да развива капацитети потребни за нуклеарно оружје, истовремено преместувајќи ја инфраструктурата на подземна локација заштитена од воздушни напади“.
ИДФ соопшти дека ги следела активностите на иранските нуклеарни научници и „ја лоцирала нивната нова локација, што овозможило прецизен удар врз тајниот комплекс“.
фото/Depositphotos

