Македонија
ПроКредит банка објави добивка од два милиони евра
Нето добивка од два милиони евра остварила македонската ПроКредит Банка, објави денеска на прес конференција менаџментот на банката
Нето добивка од два милиони евра остварила македонската ПроКредит Банка, објави денеска на прес конференција менаџментот на банката.
Притоа беше истакнато дека вкупната актива на банката заклучно со декември 2008 година изнесува 185 милиони евра, вкупното кредитно портфолио 130 милиони евра, а вкупното депозитно портфолио 128 милиони евра.
За раководството на банката посебен успех е нискиот процент на кредит на доцнење од над 90 дена, кој лани изнесувал 0,79 отсто, што е далеку под македонскиот просек од 6,7 отсто.
Банката во своето кредитно работење е концентрирана на кредитирањето на многу мали, мали и средни претпријатија, додека има крајно дефанзивен однос кон кредитирањето на населението.
Околу деведесет отсто од кредитите банката ги пласирала во земјоделството, трговијата, индустријата, градежништвото, транспортот и туризмот, додека само еден отсто од кредитното портфолио отпаѓа на потрошувачки кредити.
Просечната каматна стапка на кредитите на ПроКредит Банка се движи од 14-16 отсто. Раководството на банката информираше дека не размислува да ја зголеми оваа стапка, изразувајќи оптимизам дека таа на долг рок ќе се намали.
Во врска со безбедноста, прашање што се актуелизира по неодамнешниот грабеж на експозитура во центарот на Скопје, од ПроКредит Банка велат дека безбедноста е на високо ниво, а вработените имаат поминато соодветен тренинг.
Приоритет во такви ситуации е сочувување на безбедноста на вработените и клиентите и да се одбегне евентуална престрелка во некоја од експозитурите, изјави генералниот директор на ПроКредит Банка, Јованка Јолеска-Поповска. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На аеродромот во Скопје откажани се осум лета, а еден е пренасочен
Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје се стабилизира, реализирани се 27 лета, откажани се осум лета, а еден е пренасочен, соопшти ТАВ Македонија.
„Од 20:00 часот, вчера, 21 декември 2025 година до 12:00 часот напладне денеска, 22 декември 2025 година, на Меѓународниот Аеродром Скопје, поради намалена видливост предизвикана од магла, состојбата со авиосообраќајот е следна откажани се следниве 3 лета во пристигнување Белград, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205). Пренасочен е еден лет во пристигнување: Франкфурт-Хан. Откажани се следниве 5 лета во заминување: Цирих, Белград, Атина, Истанбул, Истанбул – Сабиха Гокчен (презакажан за 23.12.2205)“, се наведува во соопштението.
Сите останати, 27 летови слетаа и полетаа, односно пристигнаа и заминаа согласно планираниот ред на летање.
„Со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија согласно своите интерни процедури има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, повторно апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанија со која треба да патуваат“, се наведува во соопштението.
ТАВ известува дека сите капацитети на Меѓународниот Аеродром Скопје се во функција и аеродромот е отворен за авиосообраќај.
Промените во редовниот распоред на летање, се ажурираат на веб-страница во реално време https://skp.airports.com.mk/, како што стигнуваат од авиокомпаниите.
Доколку патниците имаат дополнителни прашања за нивниот лет можат да се обратат на пултот за информации во терминалната зграда или на телефонскиот број: +389 2 3148 333.
Македонија
Потпишан договор за соработка во образованието и науката помеѓу Македонија и Турција
Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во сферата на образованието, науката, технологијата и иновациите.
Со Договорот што го потпишаа министрите за образование и наука на Македонија и на Турција, Весна Јаневска и Јусуф Текин, двете држави ќе соработуваат и разменуваат информации и научни публикации во областа на формалното и неформалното образование и ќе поттикнуваат размена на академици, експерти за образование, наставници и ученици од средно образование.
Прифатена е размена на искуства во областа на средното образование, со фокус на стручното, како и обука и квалификации на наставници и доживотно учење, организирање на програми за обука, спроведување на заеднички проекти. Усогласена е размената на искуства во врска со новите образовни технологии, како и во делот на подготовка на наставните планови и програми.
Со Договорот се овозможува учениците да учествуваат на научни и културни натпревари кои што се одржуваат во двете земји, се промовира соработката за развој на заеднички програми како и збратимување на училишта.
Договорено е како изборни предмети да се предаваат „Јазикот и културата на Турците“ односно „Јазикот и културата на Македонците“, во Македонија и Турција, соодветно. Предвидено е и меѓусебно стипендирање на средношколци.
Заедничка работна група ќе се грижи за спроведување на Договорот.
Македонија
Муцунски домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје беше домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата беа разменети мислења за билатералната соработка меѓу двете земји, европската перспектива, како и за можностите за понатамошно унапредување и динамизирање на односите во сите области од заемен интерес.
Посебен акцент беше ставен на економската соработка, со фокус на реализацијата на проектите од Коридорот 8, зајакнувањето на трговската размена и проширувањето на соработката во други сектори.
Двајцата министри ја истакнаа и важноста на националните малцинства во двете земји, нагласувајќи ја нивната улога како значаен фактор во градењето на стабилни, добрососедски и пријателски односи.
Во рамки на разговорите беше отворено и прашањето за регионалната соработка, сојузништвото во рамки на НАТО, како и за актуелните геополитички предизвици со влијание врз безбедноста и стабилноста на регионот.

