Свет
Кој лежи на пари, не лежи во затвор
Спорни правни СТАНДАРДИ во пресметката со криминалот
Спорни правни СТАНДАРДИ во пресметката со криминалот
Со трампата "пари за казна" не само што се губи основната функција на казнената политика туку дополнително се поттикнува криминалот, велат правните експерти
Државата не може да го провери потеклото на парите со кои поранешната директорка на скопскиот Катастар, Татјана Митревска, си ја откупи едногодишната затворска казна што ја "доби" поради фалсификување и уништување службени документи. Во судската постапка тоа никогаш не беше спомнато, но според информациите што се вртеа во јавноста, таа го извршила кривичното дело за да го скрие вистинскиот сопственик на имотот на Водно вреден 2,5 милиони евра. Станува збор за фамозната вила на Водно, за чиј сопственик се спомнуваше поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.
Овој случај покажува дека битката против корупцијата и против високиот државен криминал се води само декларативно и дека во практиката и понатаму функционираат политички договори, во кои неретко се замешани и судовите. Според експертите, со трампата "пари за казна" не само што се губи основната функција на казнен5ата политика туку дополнително се поттикнува криминалот.
Ваквиот пат до "правдата" неодамна беше истрасиран со измената во Кривичниот законик, со која беше внесена одредбата за откуп на затворските казни до една година. Високи политички извори тврдат дека со таа одредба биле купени гласовите на ВМРО-Народна за да го поддржи Законот за парничната постапка, со кој се воведе двојазичност во судовите на целата територија на Македонија. Измената на Кривичниот законик помина без ниту збор на собраниска расправа, а беше усвоена со 72 пратенички гласа. За измената не гласаа само пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
– Предлогот за измената на КЗ неоправдано беше даден по итна постапка, без соодветно образложение и без да ни се остави простор да се консултираме со експерти. Текстот буквално го најдовме на собраниските клупи. Ценевме дека таквото решение не е добро и дека сите граѓани нема да имаат ист третман, односно дека само богатите ќе можат да си ги откупат казните – вели Силвана Бонева, координаторка на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Експертите јавно истапија со критики за оваа одредба.
– Тоа е несреќна одредба, донесена набрзина и без консултации со стручњаците. Здружението за кривично право, во кое членуваат многу професори, судии, обвинители, полицајци и адвокати, уште во септември се изјасни дека оваа несмасна, нејасна и неприменлива одредба не треба да влезе во Кривичниот законик бидејќи е непрецизна, а со тоа спротивна од уставното начело на законитост – вели професорот по кривично право, Владо Камбовски.
Според него, судовите треба да ги одбијат доставените барања за замена на казните со пари и да побараат Уставниот суд да се изјасни за оваа законска одредба.
Претседателот на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека судовите не можат при пресудувањето да се повикуваат на правни празнини и неприменливост на законите.
– Ние ќе работиме според законот. Судовите не одлучуваат дали законските одредби се добри или не. За незадоволните постојат жалби. Судството воопшто не беше консултирано за оваа измена на КЗ – вели тој.
Министерката за правда, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, вели дека ваквата одредба е прифатена поради пренатрупаноста на затворите и полнењето на државниот буџет.
– Сметавме дека ќе се постигне подобар ефект во ресоцијализацијата ако вршителите на дела со затворски казни до една година си ја платат казната и на тој начин ја избегнат "криминалната инфекција" во затворите. Не е точно дека само богатите ќе можат да си ја откупат слободата. Судовите, освен тежината на делото треба да ја имаат предвид и материјалната состојба на осудените. Така, може да се случи на поимотните да им биде одредена поголема сума за откуп на затворската казна, а на помалку имотните таа да биде помала. Ја имавме предвид и социјалната димензија, бидејќи со казните над шест месеци затвор е предвидено работниот однос автоматски да престане, што може да продуцира нов криминал. Друг е проблемот што судовите водат блага казнена политика, па до една година се осудуваат и лица кои сториле тешки кривични дела – вели Младеновска.
Извршниот директор на "Транспарентност Македонија", невладина организација која со занимава со проблематиката на корупцијата, вели дека откупот на казната е добра идеја, но само кога станува збор за дела од небрежност или од од мала општествена опасност.
Но, делото за кое беше осудена Митревска не спаѓа во тие "лесни" дела и оттаму потекнуваат сомневањата дека казната од една година затвор не е донесена во судовите, туку во политичките кабинети. Правниците објаснуваат дека потеклото на парите на Митревска не може да се провери, бидејќи законот со кој е предвидена постапката за тоа е донесен по нејзиното сменување од функцијата и не важи ретроактивно. Татјана беше сменета во 2002 година, а Законот за спречување на корупцијата, кој ги обврзува функционерите да си го пријават имотот, беше донесен во 2003 година. Според тоа, Антикорупциската комисија нема можност да ја спореди нејзината претходна со сегашната имотна состојба.
– Можност за проверка на имотот има само за функционерите што биле на позиции кога бил донесен законот и потоа. Во тие случаи, ако антикорупциската комисија утврди дека тие не го пријавиле, лажно го пријавиле или не ги пријавиле промените во имотот, поднесува барање до Управата за јавни приходи, која може да ги изврши потребните проверки. Но, и тука постојат проблеми поради немањето единствена евиденција за имотот на граѓаните. Ако непријавениот имот значително го надминува приходот што може легално да се стекне, треба да се извести и обвинителството, кое треба да поведе постапка за кривично дело за утврдување на потеклото на несразмерно стекнат имот – објаснува вишиот јавен обвинител од Штип, Тодор Витларов.
Но, дури и во вакви случаи можни се малверзации, бидејќи трето лице може да ги даде парите за откуп на нечија слобода. Дирекцијата за спречување перење пари е должна да ги провери трансакциите од над 15.000 евра. Но, тоа може да се направи само ако трансакциите одат преку банка или друга институција овластена да работи со пари и само ако од тие институции има известување дека станува збор за сомнителна трансакција и за "испрани пари". (Н.Н.С.-Т.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

