Македонија
Светски ден против злоупотреба на детскиот труд
И денеска на наплатните рампи и на семафорите децата ги бришеа прозорците на автомобилите, од контејнерите собираа пластика и железо и сето тоа за малку пари. Детскиот труд се повеќе и повеќе се злоупотребува, а бројот на злоупотреба од година в година расте
Злоупотребата на трудот, присилната работа, порнографијата… се дел од криминалните лавиринти во кои се вклучени децата.Постојат милиони начини на кои се злоупотребува детскиот труд, детското достоинство, се нарушуваат детските права и моменти кога децата се користат дури и за проституција.Во Република Македонија околу 2.000 деца го поминуваат своето детство на улица, живеејќи под ведро небо и без родителска грижа. Најчесто овие деца се и жртви на најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд.Во светот има приближно 218 милиони деца чиј труд се злоупотребува, 72 милиони никогаш не биле на училиште и 12 милиони се продадени и купени за цени помали од вредноста на една крава.„Детскиот труд е тесно поврзан со сиромаштијата. Сиромашните семејства не се во состојба да ја платат школарината или другите училишни трошоци. Семејните примања може да зависат од придонесувањето на детето кое работи, а поради тоа се посветува повеќе внимание на работата на детето отколку на образованието. Кога семејството треба да избере меѓу машкото или женското дете кое ќе го испрати на натамошно школување, многу често изборот паѓа на момчето. Република Македонија треба под итно да го реши овој проблем со обезбедување и реализирање бесплатно задолжително образование за сите деца, да обезбеди работни места за еден од родителите на маргинализираните деца, како и да безбеди дополнителна настава за децата кои го пропуштиле редовното образование“, велат од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.По повод 12 јуни, Светскиот ден против злоупотребата на детскиот труд, тие потсетуваат на обврските што Република Македонија ги презеде со ратификацијата на Конвенцијата против најлошите форми на злоупотреба на детскиот труд. Тие велат дека Република Македонија мора да ги заштити децата од работа која е опасна или која може да им наштети на нивното здравје потсетувајќи на членот 1 од Конвецијата за забрана на најлошите форми на детски труд што ја обврзува Република Македонија да преземе итни и корисни мерки за да обезбеди забрана и елиминирање на најлошите форми на детски труд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

