Македонија
За една година одобрени околу 50 отсто од барањата за бесплатна правна помош

Околу 50 отсто од барањата на граѓаните за бесплатна правна помош се одобрени, соопшти министерот за правда, Михајло Маневски, на регионалната конференција за Законот за бесплатна помош, кој почна да се применува лани на овој ден
Во текот на изминатата година до Министерството за правда стигнале 167 барања за бесплатна правна помош, од кои 127 биле решени, а од нив околу 50 отсто биле одобрени.Најчесто помош била барана за спорови од имотно правен карактер, седум барања имало за спорови покренати од жртви на семејно насилство или жртви на казнено дело, а седум спорови се од областа на заштита на малолетниците.„Македонија направи добар исчекор со тоа што донесе еден ваков Закон, затоа што правото до пристапот до правната помош е основно човеково право и секој граѓанин има право да има пристап до правдата независно од неговата материјална положба. Средствата за пружањето бесплатна правна помош ги обезбедува државата, таа го плаќа и адвокатот којшто ќе го избере странката. На овој начин ние ги доближуваме интересите на граѓаните и можноста да покренуваат судски постапки за различни спорови, тогаш кога тие за тоа немаат материјални средства. Согласно европската конвенција за човекови права ниеден граѓанин не може да биде лишен од правото да ја оствари правната помош ако затоа има потреба, поради тоа што нема материјални средства. Ако нема материјални средства тогаш државата има обврска да ги обезбеди тие материјални средства и да обезбеди стручна помош на лицата на кои тоа им е потребно“, вели министерот за правда Михајло Маневски.Околу 211 адвокати во Македонија пружаат бесплатна правна помош, нивната тарифа е за 30 отсто пониска од адвокатската.Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, aмбасадорот Ралф Брет истакна дека земјите имаат обврска да го овозможат пристапот до правда според меѓународните стандарди, преку создавање на потребната правна рамка.„Оваа регионална конференција ќе послужи за размена на искуства и прашања во врска со Законот за бесплатна правна помош, како и за предизвиците во однос на усогласувањето на давањето правна помош од државата и невладиниот сектор“ рече Брет.Законот за бесплатна правна помош беше донесен во декември 2009 година, а почна со примена лани. На конференцијата присуствува и претставници од регионот. Во Србија се’ уште нема донесено ваков Закон, а во Црна Гора е донесен, а ќе почне да се применува од 1 јануари 2012 година
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и температури до 19 степени

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Под влијание на влажни воздушни бранови следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток кон крајот на денот, во текот на ноќта и во петок.
Македонија
Тоневски: Пробиштип ќе добие нова населба за млади брачни парови, градски базен и Дом за стари лица

Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека се потребни промени во општината бидејќи нема реализација на ниту еден капитален проект изминатите осум години.
„8 години изгубивме! 8 години без ниту еден капитален проект! Ајде самите се запрашајте, колку проекти се направија овие 8 години, од празна земја до функционален објект? Ниту еден! Заедно со вас граѓаните, ја подготвивме програмата за развој на Пробиштип. Составена од над 160 проекти, со јасни чекори и мерки. Ќе направиме нова индустриска зона за незагадувачка индустрија. Ќе изработиме Водич за инвеститори. Ќе привлечеме нови инвестиции, нови компании“, рече Тоневски.
Тоневски истакна дека Лесново и Пониква ќе станат туристички атракции, а воедно и дека за младите ќе се направи нова населба и општината ќе добие нов базен и Дом за стари лица.
„Лесново и Пониква се нашите туристички бисери. тие ќе станат вистинска туристичка атракција. Во Пониква ќе изградиме детско одморалиште за летни и зимски кампови за нашите ученици. За младите ќе направиме нова населба, со плацови од 1 евро за квадрат и со намалување на комуналиите за младите брачни парови до 35 годишна возраст. Ќе го реконструираме игралиштето во Злетово, ракометното и повеќенаменското игралиште во Пробиштип. Сега, Пробиштип ќе добие нов градски базен. Зградата на поранешниот Интернат ќе ја реконструираме во Дом за стари лица, На секое семејство ќе му помогнеме со субвенции за клими, замена на прозори и енергетски ефикасни фасади“, вели Тоневски.
Македонија
Гаши-Пелегрини: Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска во Собранието оствари средба со претседателот на Словачката Република, Петер Пелегрини, кој престојува во официјална посета на нашата земја.
Во пријателска и конструктивна атмосфера, соговорниците ја потврдија одличната билатерална соработка меѓу двете држави и изразија подготвеност за нејзино дополнително унапредување на сите нивоа.
Претседателот Гаши му посака добредојде на претседателот Пелегрини и истакна дека континуитетот на политичкиот дијалог и долгогодишната поддршка од Словачка во рамките на Европската Унија и НАТО претставуваат значаен поттик за Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
Тој се заблагодари за конзистентната и принципиелна поддршка на Словачка за европските интеграции на нашата земја, како и за активната улога на Словачка во рамките на Вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на политиката на проширување на ЕУ.
Во рамките на разговорот, Гаши ја поздрави иницијативата на Словачка за поттикнување на економската ресоцијализација на регионот на Западен Балкан, како и потпишувањето на новиот Меморандум за економска соработка помеѓу министерствата на двете земји, кој ќе создаде нови можности за зголемена трговска размена и инвестиции.
Беше истакнато и значењето на Парламентарниот институт при Собранието на РСМ, кој соработува со сличните институции во Братислава, а словачкиот Парламентарен институт има важна менторска улога во процесот на неговото институционално јакнење.
Претседателот Пелегрини, од своја страна, уште еднаш ја потврди поддршката на Словачката Република кон Северна Македонија, нагласувајќи дека ја смета нашата земја за искрен и пријателски партнер. Тој истакна дека Словачка останува силен поддржувач на европскиот пат на Северна Македонија и, како инвеститор во земјата, ќе продолжи да придонесува за нејзиниот институционален и економски развој. Пелегрини додаде дека ваквите односи сигурно ќе се продлабочуваат во сите сегменти на соработката и во годините што следат.
На крајот, двајцата соговорници се согласија дека парламентарната дипломатија претставува суштински сегмент во развивањето на пријателските односи меѓу двете држави, како и дека постои простор за продлабочување на соработката во културата, образованието и економијата.