Европа
Оланд со мала предност пред Саркози во вториот круг од француските претседателски избори

Кандидатот на опозициските социјалисти Франсоа Оланд е во тесна предност со 27,9 отсто од гласовите пред актуелниот претседатеел Николас Саркози со 26,7 отсто, на претседателските избори во Франција.
Така, според делумните официјални резултатити по преброените 75 отсто од гласовите соопштени во неделата навечер, во вториот круг на француските претседателски избори коишто ќе се одржат на 6-ти мај, ќе учествуваат Франсоа Оланд и Николас Саркози.
Оланд во говорот пред неговите преиврзаници во својот изборен штаб во градот Туле, каде што беше градоначалник од 201 до 2008 година, им се заблагодари на избирачите што му овозможија да стигне до водечкото место меѓу кандидатите за француски претседател.
„Јас сум кандидат на сите сили коишто сакаат да затворат една страница и да отворат нова. Јас сум кандидат за промени. Мојата крајна цел, а знам дека ме гледаат и андвор од границите на Франција, е да ја вратам Европа на патот на развојот и вработувањата“, изјави Оланд.
Саркози пред своите поддржувачи рече дека во другиот круг од изборите влегува полн со самодоверба.
„Утре почнува сѐ. Од утре тргнуваме на пат, одиме на улица, секоја минута, секоја секунда“, рече Саркози веднаш предложувајќи три јавни дебати со Оланд посветени ан економските, општествените и меѓународните прашања.
„Двајцата кандидата во вториот круг сега имаат должност кон вистината. Доаѓа клучниот момент, моментот на споредување на проектите и за сѐ мора да се дискутира, а тогаш луѓето ќе знаат за што гласаат“, изјави Саркози, а агенциите забележуваат дека изгледал расположен и подготвен за борба.
Кандидатаката на партијата Национален фронт, Марин Лепен, во првиот круг освои 19,27 отсто од гласовите, што претставува историски успех на француската крајна десница на претседателските избори. Досега најдобар резултат оствари нејзиниот татко Жан-Мари Лепен кој со 16,86 отсто гласовите во 2002 година успеа да влезе во вториот круг.
Кандидатот на крајната левица, пак, Жан-Лук Меленшон е на четвртото место со 10,8 отсто од гласовите, а центристот Франсоа Бајру остана на девет отсто, двојно помалку отколку што имаше на изборите пред пет години.
Меленшен воопшто не чекаше и ги повика своите гласачи да го дадат својот глас за Оланд изјавувајќи дека „осовината Саркози-Меркел во Европа мора да биде сомелена“.
Бајру призна дека неговиот резултат е под очекуваното додавајќи дека одлуката за тоа кого ќе поддржи во вториот круг, ќе ја донесе по разговорите со Оланд и Саркози.
Според аналитичарите, вториот круг од француските претседателски избори овојпат ќе биде многу комплициран, во прв ред поради сензационалниот успех на Марин Лепен, чиишто гласачи би можеле да го решат победникот. Според анкетите пред првиот круг, во евентуалниот дуел меѓу Оланд и Саркози во вториот круг,значителна предност би имал кандидатот на социјалистите. Во тие анкети половината од избирачите на Лепен се изјаснија дека во вториот круг ќе гласаат за Саркози а само пет отсто за Оланд, додека другите беа нерешителни.
Марине Лепен којашто минатата година од татко си го презема лидерството на Националниот фронт, во кампањата велеше дека во време на криза и невработеност, предноста при вработувањето мора да ја имаат Французите. Таа се залагаше и за укинување на еврото за обновување на францускиот монетарен суверенитет.
„Ова е само почетокот на нашето окрупнување, ништо веќе нема да биде како претходно“, изјави Марин Лепен, во говорот пред своите првиврзаници по објавувањето на делумните резултати. Додека, пак, нејзиниот татко очигледно одушевен од резултатот изјави дека партијата сега ќе се концентриа на парламентарните избори коишто ќе се одржат во јуни, „Ова ни дава многу надеж, ова е еднакво на победа“, изјави таткото Лепен.
Резултатот на Саркози кој му се заканува да биде првиот француски претседател по повеќе од 30 години кој ја загубил борбата за реизбор на функцијата по првиот мандат, го покажува незадоволството, од економските политики што ги спроведуваше во неговиот претседателски мандат. Инаку ова е првпат во историјата на Француската Петта Република, претседателот кој се натпреварува за втор мандат во првиот круг од изборите да заврши на второ место. /крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Трагедија на Алпите: пронајдено телото на 15-годишен планинар

Трагичен исход од потрагата во долината Аоста во Италија. Безживотното тело на странски планинар (15), по кого се трагаше од вчера, беше пронајдено рано утрово во областа Бека ди Виу, објавува „Раињуз“.
Телото беше пронајдено кратко по 6 часот наутро за време на пребарувањето со хеликоптер на областа. Спасувачите го пронајдоа на надморска височина од околу 2.000 метри, а според првичните информации, младиот човек починал при пад.
Семејството го пријавило неговото исчезнување кај властите доцна вчера попладне. Младиот човек претходно успеал да им се јави и да каже дека е изгубен, што предизвикало итна и обемна спасувачка операција.
Во потрагата, која се одвивала и од копно и од воздух, учествувале членови на планинската спасувачка служба Валдостан, полиција, шумски служби и пожарникари, кои поставиле оперативна база во градот Валпелин.
Фото: принтскрин
Европа
(Видео) Ултралесен авион се урна во Италија, двајца загинати

Тешка авионска несреќа се случи вчера во италијанската покраина Бреша, каде што се урна ултралесен авион. Двете лица во авионот за жал починаа на местото на настанот, објавува „Раињуз“.
Авионот се урна во Ацано Мела, во непосредна близина на сообраќајната раскрсница Корда Моле што ги поврзува автопатите А4 и А21. По неколку часа, властите успеаја да ги идентификуваат жртвите. Станува збор за 75-годишен маж од Милано и неговата 60-годишна партнерка. Според достапните информации, авионот полетал од Пјаченца.
Двајца возачи на автомобили исто така беа индиректно вклучени во несреќата. Авионот се запалил при ударот, а возачите во тој момент минувале покрај местото на несреќата и поминале со своите возила низ пламенот. Еден од возачите, 56-годишен маж, бил однесен во болницата Полиамбуланца во Бреша како мерка на претпазливост, иако се чини дека немал никакви повреди. Другиот возач, на возраст од 49 години, бил прегледан на местото на настанот и не му била потребна хоспитализација.
За да се утврдат сите околности што довеле до несреќата, обвинителството во Бреша побарало помош од воздухопловната полиција во Милано. Во тек е истрага, со цел да се разјасни точната динамика и причината за оваа трагична несреќа.
Фото: принтскрин
Европа
Средба на лидерите на двете најголеми економии во Европа: имаат различни ставови за одговорот на царините на Трамп

Соочувајќи се со претстојниот рок за воведување царини за европскиот извоз во САД, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц се среќаваат во Берлин на работна вечера на која ќе разговараат и за прашања поврзани со енергијата и одбраната.
Иако Франција и Германија бараат Европската комисија да спроведе трговски разговори со владата на Доналд Трамп во име на 27-те земји-членки, францускиот претседател и германскиот канцелар имаат намера да влијаат врз стратегијата на ЕУ, објавува АФП.
Средбата на лидерите на двете најголеми економии во Европа, според Елисејската палата, го илустрира „оживувањето на француско-германските односи“ поврзано со доаѓањето на конзервативниот Фридрих Мерц како канцелар.
Ова е прво патување на француски шеф на држава во Берлин откако беше инаугуриран Мерц, кој отпатува во Париз на почетокот на мај, денот откако ја презеде функцијата.
Средбата во среда во Берлин има за цел да ги финализира и подготовките за француско-германскиот министерски совет закажан за крајот на август во Франција. Сепак, овој интензивен билатерален дијалог не ги избриша сите несогласувања.
Различни пристапи кон преговорите со САД
Соочен со непопустливоста на Вашингтон, кој ѝ се заканува на ЕУ со дополнителни 30 проценти царини од 1 август, Париз се залага за „цврст став“ од Брисел. Овој став го потврди и францускиот министер за индустрија Марк Ферачи, кој се сретна со својот германски колега во Берлин во понеделникот.
Германија, од друга страна, се залага за „прагматичен“ пристап, нудејќи концесии за зачувување на клучните сектори од својата извозна индустрија каде што САД се нејзин најголем клиент.
Сепак, и француската и германската влада велат дека ги поддржуваат одмаздничките мерки подготвени од Комисијата во случај на неуспех во постигнувањето договор со Вашингтон.
Енергетска политика и одбрана
Париз и Берлин, исто така, не ги решија сите свои разлики околу енергетската политика, што е долгогодишен проблем, иако има знаци на зближување. Франција инсистира на концептот на „технолошка неутралност“, така што нуклеарната енергија се третира слично како обновливите извори на енергија во европското законодавство.
Класификацијата на нуклеарната енергија како „зелена“ енергија на ниво на ЕУ беше главна точка на несогласување меѓу Французите и Германците во минатото.
И додека Париз и Берлин сакаат да бидат движечката сила зад повторното вооружување на Европа за да се спротивстави на американското повлекување и руската закана, заедничкиот развој на Future Combat Aircraft (FCA), водечки проект за одбраната на континентот, е во застој. Министрите за одбрана на двете земји треба да се сретнат во Германија во четврток, каде што би можеле да разговараат за ова прашање.
Германскиот канцелар продолжува да се стреми да го зајакне влијанието на Германија на меѓународната сцена и се потпира на зајакнување на односите со Париз и Лондон, кои ги посети во јули за да ги унапреди заедничките иницијативи за безбедноста и имиграцијата.
Фото: принтскрин