Македонија
Транспарентност Нулта Корупција за прекин на процесот против Симо Груевски
Транспарентност Нулта Корупција побара да се запре судската постапка против Симо Груевски, поранешен член на бордот на директори и вработен во Телеком, а сегашен акционер.
Во образложението на Транспарентност Нулта Корупција, се наведува дека не може да се гони лице што открило податоци кои укажуваат на постоење на корупција.
„Симо Груевски јавно предочи и ја извести и Владата и другите надлежни институции, за неговите несогласувања со поголем број постапки во работењето на менаџерскиот тим на Телеком кои се на штета на граѓаните. Токму од тие причини, односно поради фактот што тој укажал на корупција, значи дека не смее да се презема казнено гонење или да се повика на каква и да е друга одговорност лице што открило податоци што укажуваат на постоење на корупција“, се вели во известувањето на Транспарентност Нулта Корупција.
Основниот суд Скопје 1 во понеделникот го одржа првото рочиште по тужбата на Телеком против Симо Груевски за клевета, а во врска со неговото укажување дека во бордот на директори на Телеком од македонска страна капиталот несоодветно е заштитен од страна на „партиските “ директори.
Груевски беше разрешен од Одборот директори на Телеком во април 2004. година откако до Антикорупциска комисија пријави неправилности во работењето на Одборот. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Во среда македонски евергрини на „Џез под ламба“ кај Италијанска амбасада
Општина Центар, информира дека и годинава, во среда, 25 декември со почеток во 19.00 часот ќе се одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанска амбасада.
Градоначалникот Горан Герасимовски, информира дека на овој настан граѓаните ќе имаат можност да слушаат џез верзија на македонските евергрини од Искра Србиновска квартет, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Во среда ги слушаме омилените македонски евергрини во џез верзија. Ги повикувам сите граѓани кои сакаат да слушнат добра македонска музика да дојдат и заеднички да го прославиме нашиот културен идентитет и да уживаме во музиката во пресрет на новогодишните празници. Се гледаме на македонски џез“, порачува Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ е во организација на Општина Центар, а во соработка со МГ Мјузик продукција.
Скопје
Делови од општините Аеродром, Кисела Вода и Сарај без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, без напојување со електрична енергија ќе останат делови од општините Аеродром, Кисела Вода и Сарај.
· од 07:00 до 16:00 часот, корисниците од улиците: Божин Николов, Хаџи Трајко и Горно Лисиче (во делот кон село Долно Лисичче) во општина Аеродром;
· од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од објектите во околината на Езеро – Треска во општина Сарај;
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од улицата Милан Мијалковиќ во општина Кисела Вода.
Македонија
Студен бран со врнежи од дожд и снег
Под влијание на циклонска активност и студена воздушна маса од север времето денеска ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд и снег во пониските места, а на планините и повисоките места од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните и крајните источни делови (над 25л/м2) каде на планините ќе се зголеми постојната снежната покривка, а помала снежна покривка ќе се формира и во некои од пониските места.
Ќе дува умерен до засилен јужен, а во текот на ноќта засилен северен ветер (над 60км/ч). Потоа до четврток ќе се задржи променливо облачно, студено и ветровито време со локални врнежи претежно од снег, особено во среда.
Во Скопје, облачно и студено со врнежи од дожд, а во повисоките делови од котлината врнежите ќе преминат во снег, особено попладне. Ќе дува умерен југоисточен, а во текот на ноќта повремено засилен северен ветер. Во следните три дена ќе има услови за провејување на снег, особено во среда.