Македонија
Македонија категорија подолу во борбата против трговија со луѓе
Македонија е извор, транзитна зона и крајна дестинација за жени и деца, присилени на проституција и работа, а кои доаѓаат од Албанија, Бугарија и Косово, наведува американската влада во извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе објавен вчера.
Македонија е извор, транзитна зона и крајна дестинација за жени и деца, присилени на проституција и работа, а кои доаѓаат од Албанија, Бугарија и Косово, наведува американската влада во извештајот на Стејт департментот за трговија со луѓе објавен вчера.
Македонските жртви и жртвите кои биле пренесувани низ Македонија, пак, завршувале во Јужна, Централна и Западна Европа, пренесува Гласот на Америка на македонски.
Македонија годинава падна категорија подолу, во групата два, во која се наоѓаат земји кои целосно не се придржуваат до минималните стандарди, но прават значителни напори.
Така, според извештајот, Владата продолжува да ја засилува својата агенда против трговијата со луѓе и за прв пат објави Национален извештај на оваа тема. Во септември 2009-та, владата и официјално усвои Национален акционен план за 2009-2012 и за прв пат од буџетот одвои фонд за имплементација на планот.
Па сепак, таа не осудила ниту еден сторител на шверц со луѓе, идентификувала помал број на официјални жртви и не обезбедила средства за невладините организации за грижа и помош на странските и домашни жртви, стои во документот.
Владата на Македонија не покажала значителен напредок во заштита на жртвите на трговија со луѓе во 2009-та, се вели во документот, но со помош на Меѓународната организација за миграција, организирала серија курсеви за обука за 280 лица одговорни за проактивна идентификација на жртвите.
Во соработка со ОБСЕ пак, надлежните органи обезбедиле иста обука за сите трудови инспектори во земјата.
Стејт департментот препорачува владата поенергично да ги гони трговците со луѓе и да ја зајакне соработката со невладиниот сектор.
Најголемата невладина организација во Македонија што обезбедува заштита и помош за жртвите на трговија со луѓе на домашен терен, и натаму егзистира главно од помошта од меѓународни донатори, се вели во документот.
Меѓутоа, жртвите добивале поддршка за реинтеграција во општеството од 30-те социјални центри во земјата, кои во голем дел се финансирани од владата.
Извештајот за трговија со луѓе 2010-та што го изготвува Стејт департментот, овојпат ја одбележува 10-годишнината од клучните настани во борбата против модерното ропство. Во 2000-та, САД донесоа Акт за заштита на жртвите на трговијата со луѓе, а ОН усвоија документ, познат како Протоколот Палермо, за заштита, укинување и казнување на шверцот со луѓе, особено со жени и деца.
САД во извештајот предупредуваат 13 земји, кои се во најлошата – група 3, вклучувајќи ги Иран, Северна Кореја, Куба и Бурма, на санкции поради тоа што не ги исполниле минималните меѓународни стандарди за борба против трговијата со луѓе.
Во извештајот се наведува и дека 12,3 милиони возрасни и деца ширум светот во моментов се жртви на принудна работа или проституција.
Американската државна секретарка Хилари Клинтон извештајот го нарече „каталог на трагедии“ што светот не може да ги прифати.
Во овогодишниот извештај за прв пат се вклучени и САД, кои се наоѓаат во групата 1 – земји што целосно ги исполнуваат стандардите./крај/воа/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.
Македонија
Мицкоски на проштална средба со Агелер: благодарност за ангажманот и поддршката
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Денеска се одржа проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Анџела Агелер.
На средбата беше изразена благодарност за нејзиниот ангажман, поддршката и придонесот во унапредувањето на односите меѓу двете држави“, објави на социјалните мрежи Мицкоски.
Информира дека во пријатна и конструктивна атмосфера биле разменети мислења за досегашната соработка, како и за значењето на партнерството и заедничките вредности.
„Упатени беа искрени желби за успех во нејзините понатамошни професионални ангажмани“.

