Македонија
Бичиклиски:Очекуваме разни сценарија на протестниот марш на опозицијата
Се очекуваат разни сценарија на протестниот марш на опозицијата, но ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да биде вовлечена, изјави на денешната прес конференција Александар Бичиклиски, портпарол на владејачката партија.
Оценувајќи дека политичката дебата во земјата е падната на најниско ниво, и дека притоа се прават разни конструкции и сценарија, Бичиклиски нагласи дека ваквата ситуација кулминирала со изјавата на лидерот на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, којашто ја карактеризираше како примерна „за шеф на мафија, а не лидер на опозиција или својствена за водач латино-американски картел“.
Бичиклиски притоа цитираше изјава на Црвенковски дадена за емисијата „Во центар“ во којашто на прашање на новинарот Васко Ефтов, за кого рече дека дејствува како „несуден генерален секретар на СДСМ“, за наводен план за атентат врз него, Бранко Црвенковски одговори – „Што може да им порачам, нека гледаат да не ме промашат, затоа што ако ме промашат во следната прилика тие нема да бидат промашени”.
Тој нагласи дека станува збор за ниска и провидна политичка манипулација, што, како што рече е дел од сценариото „подготвено од двоецот Црвенковски-Рамковски“.
„И ако кога најавуваа жешка политичка есен мислеа на ова сценарио коешто сега ни го подготвија, тогаш можеме да им порачаме дека се навистина провидни“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, според кого оваа политичка игра има две цели во заднината.
Првата цел, според Бичиклиски, е да се дефокусира јавното мислење од аферата „Надеж“ во којашто, според него, е инволвиран Бранко Црвенковски.
„И втората заднина на ова сценарио е да се дефокусира вниманието од контролата на инспекциските служби во фирмите на улица Перо Наков бб, поради основаното сомневање за криминални активности, фирми со кои Велија Рамковски, признава, па не признава своја поврзаност“, додаде Бичиклиски. /крај/со/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за Кочани
Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“ објави претседателот на СДСМ, Венко Филипче повикувајќи ги сите пратеници да ги поддржат.
„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања.
На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија.
Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание.“ стои во објавата.
Македонија
Минчев во Рим: усвоена новата декларација за реформи на јавната администрација во Западен Балкан
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 17. седница на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, која се одржа во рамките на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим, Италија.
На седницата беа презентирани и усвоени Годишниот извештај за периодот од 19 октомври 2024 до 19 октомври 2025, кој ги акцентира постигнувањата во реформите на јавната администрација, како и Буџетот за 2026–2027 година, кој обезбедува континуитет во активностите и поддршката за земјите од регионот.
Изгласана беше и Министерската декларација за реформа на јавната администрација, која потврдува заложбата за регионална соработка.
Оваа година декларацијата се фокусира на модернизација, дигитализација и унапредување на соработката со земјите членки на ЕУ.
Седницата заврши со предавање на претседателството на Управниот одбор на ReSPA беше свечено од министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, на министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
Во рамките на оваа значајна регионална иницијатива, министерот Минчев со своето учество повторно ја потврди континуираната поддршка на Република Македонија за унапредување на реформите во јавната администрација, зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во европските административни стандарди.
Македонија
Два авиони наместо во Скопје пренасочени во Приштина поради силен ветер
Два вечерни лета кои требаше да слетаат на скопскиот аеродром, се пренасочени кон Приштина поради неповолни услови за слетување.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во скопскиот регион дува силен јужен ветер, кој создава проблеми за безбедно слетување:
„Поради силен јужен ветер, кој го зафати скопскиот регион, два авиони се пренасочени за слетување кон приштинскиот аеродром, додека други два сè уште кружат и чекаат насоки за слетување“, рече Ангелов.
Според информациите, ветерот дува на поголема височина, што дополнително ги отежнува процедурите за приод и слетување на скопскиот аеродром.

