Македонија
Излеани реки и поплави во Македонија
Поројните дождови што ја зафатија Македонија, кои заедно со топлото време придонесоа за топење на снегот доведоа до излевање на реките и поплави
Поројните дождови што вчера ја зафатија Македонија, кои заедно со топлото време придонесоа за топење на снегот доведоа до излевање на реките и поплави во повеќе општини.
Центарот за управување со кризи соопшти дека се очекува денеска акумулација Лисиче да го достигне максималното ниво.
Според ЦУК во општините Македонски Брод и Пласница има излевање на реката Треска кај селата Дворци, Ижишта, Лисичани, Пласница, Девич и Модришта, како и месноста Пешна.
Поради излевањето на Треска кај селото Пласница постои опасност од поплави на куќи и објекти. Кај селата Слатина и Грешница има наноси од дрвна маса на мостовите, додека на мостот кај Мала река забележано е попуштање на еден бетонски столб. Поплавен е дел од обработливото земјоделско земјиште, ливади и пасишта, но не е предизвикана поголема материјална штета.
Во општина Долнени, како резултат на поројните дождови и наглото топење на снегот, забележано е излевање на водата од неисчистените канали во атарот на селата Костинци, Пешталево и Заполжани. Поплавени се повеќе посеани површини со различни житни култури. Во селото Црнилиште прекинато е напојувањето со електрична енергија
Во општина Демир Хисар забележано е помало излевање на Црна Река кај селото Грешница, а има излевање и на реката Жаба кај селата Кочишта и Ракитница, кое предизвикало одредени оштетувања на пропустите за вода на патот и на некои мостови.
Во општините Радовиш и Конче не постои опасност од прелевање на речните корита, освен Конечка река која на едно место е излеана во обработливо земјиште.
Нивото на реката Вардар во тетовскиот регион е зголемено, но не постои опасност за излевање. Поголем проблем претставуваат помалите реки кои веќе се излеани од своите корита. Во селото Јеловјане е појавено лизгање на земјиштето, бидејќи водата со себе носи земја и песок и го затрупува коритото на Камењанска река. Зголемено е и нивото на реката во Боговиње и на реката Пена, но нема опасност од излевање. Проблем претставува каналот на потегот меѓу селата Брвеница и Фалуише.
Во скопскиот регион железничкиот сообраќај кај станицата Јане Сандански во Зелениково ноќеска од 20.00 до 00.05 часот, беше во прекин поради прелевање на водата кај самата пруга.
Во прекин беше и сообраќајот на патниот правец помеѓу с.Драчево и населбата Драчево во должина од 400-500 метри. Исто така, патниот правец кон с.Моране не бил прооден поради надојдените води. Жители од село Зелениково јавија за најдојдени води близу нивните живеалишта. Поради затнување на цевките во коритото од Крњевска Река во село Студеничани, водата била излеана до станбените објекти.
Сите реки на територијата на општината Куманово се со зголемено ниво на вода во своите корита. Опасност од излевање има на реките Слупчанка и Липковка.
Водостојот на реките во штипскиот регион е зголемен, но засега нема излевање на коритата./крај/с/ил
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

