Европа
‘Русија денес' ја менува РИА Новости

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот потпиша указ со кој се реорганизира досегашната најголема државна новинска агенција РИА Новости и на нејзина основа ќе биде формирана меѓународната агенција Русија денес (Россия сегодня), во чии рамки ќе влезат исто така и радиото „Гласот на Русија“, со што треба да јакне угледот на Русија во светот.
Како што се наведува во декретот на рускито претседател Русија денес ќе биде лоцирана во истата зграда во која досега беше РИА Новости, а ќе ја вклучи и руската државна радиодифузна компанија „Гласот на Русија“.
Путин, исто така, на својот кабинет му дал инструкции во рок од еден месеца да ги спроведе активностите за формирање на новата агенција, којашто ќе биде ставена на списокот стратешки претпријатија.
„Главниот фокус на федералната државно обединето претпријатие ‘Меѓународна новинска агенција Русија денес’ ќе биде известување во странство за државната политика и јавниот живот во Руската Федерација“, се наведува во указот потпишан од Путин, објави во понеделникот РИА Новости.
Со истиот декрет се укинува и Државниот фонд за телевизиски и радиопрограми кој преминува во ВГТРК, а федералниот Државен завод за наука минува во агенцијата ИТАР-ТАСС, а направени се и други измени во однос на издавачките куќи и компаниите кои се финансирани од државниот буџет.
Според шефот на администрацијата на рускиот претседател, Сергеј Иванов, вели дека оваа уредба има цел порационално да се користат буџетските средства наменети за државните информативни ресурси, како и за нивно унапредување, и всушност станува збор за нивно намалување а не за зголемување. Додава дека втора цел е „подобрувањето на ефикасноста на државните медиуми“. „Русија се стреми да спроведува независна политика којашто ќе ги штити националните интереси, што не е лесно да се објасни во светот, но тоа може и е неопходно да се стори“, вели Иванов.
Западните медиуми одлуката на рускиот претседател ја коментираа како обид на Путин да ја зајакне својата позиција, иако велат дека и досега огромно мнозинство од руските медиуми се или под негова контрола или му се наклонети. Reuters забележува дека тоа е втора одлука на Путин со којашто ја јакне својата позиција, по неодамнешните протести против него, кои за волја на вистината не беа масовни, а ниту предизвикаа реакции во руското општество.
На чело на новата агенција ќе биде 59-годишниот Дмитриј Киселев, долгогодишeн соработник на многу државни радио програми а во моментов водител на политичкa емисија на телевизијата Россия, за кого Reuters пишува дека своевремено изјавил дека ораните на хомосексуалците не би требало да се пресадуваат./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин