Македонија
Со алтернативни мерки за казнување ќе се намалува бројот на затворениците
Затворските власти ќе го намалуваат бројот на затворениците со воспоставување на посебна, пробациска служба која ќе биде надлежна за извршување на алтернативните мерки на казнување.
Затворските власти ќе го намалуваат бројот на затворениците со воспоставување на посебна, пробациска служба која ќе биде надлежна за извршување на алтернативните мерки на казнување. Притворот и затворот ќе бидат крајни мерки за сторители на тешки кривични дела.
Министерот за правда Блерим Беџети, директорот на Управата за извршување на санкции при Министерството за правда, Лидија Гавриловска и британскиот амбасадор Кристофер Ивон потпишаа меморандум за соработка со цел имплементација на проектот „Поддршка на пробацијата во македонскиот казнено-правен систем“.
„Општеството треба да предвиди поголем број на санкции и мерки кои се извршуваат во заедницата, а судиите и обвинителите да ги применуваат што повеќе. Тие треба да бидат инволвирани во донесување на Закон со кој ќе се овозможи поширока примена на алтернативните мерки и на тој начин ќе придонесат во реформите на казнено – правниот систем односно со преполнетоста во затворите“ вели директорот на Управата за извршување на санкции при Министерството за правда, Лидија Гавриловска.
„Функционирањето на овие служби во сите земји каде што ги има, покажуваат исклучително добри резултати за намалувањето на затворската популација, подобрување на ресоцијализација на осудените лица. Во Македонија по воведувањето на пробациска служба се очекува дека само во првата година затворската популација да се намали од 10 до 20 отсто“ рече министерот за правда Блерим Беџети.
Овој проект ќе се реализира во наредните 18 месеци, со тоа што ќе се изработи стратегија за воведување на пробициски систем, акциски план со рокови за реализација и научно истражување кое ќе ја согледа сегашната состојба.
„Пренатрупаноста во затворите во Македонија е голем проблем. Јас го посетив Идризово минатата недела за да видам како е и да поразговарам со вработените и затворениците. Многу земји се соочуваат со овој притисок, затоа Велика Британија излегува во пресрет да се реши овој проблем. Од друга страна, намалувањето на пренатрупаност во затворите ги олеснува условите на затворениците, се намалува товарот на вработените во затворените и финансиските трошоци. Алтернативниот систем на мерки е добар за општеството. Искуството со општокорисна работа во Велика Британија, а и во други земји покажа дека помага во реинтеграција и ресоцијализација на осудениците. Таквиот ангажман ги намалува шансите за повторување на кривично дело, меѓутоа, во исто време е во корист и на заедницата“ вели Кристофер Ивон.
Според податоците кои ги изнесе Гавриловска, Македонија во однос на преполнетоста во затворите во споредба со другите земји е во поповолна состојба.
„Со 102 осудени лица на 100.000 жители, Македонија е во многу поповолна состојба од многу европски држави, особено од балканските,ако занеме дека во Србија има 142 затвореници на 100.000 жители, Грција над 150, Бугарија 115, а Хрватска 140 затвореници на 100.000 жители“ вели Гавриловска. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

