Европа
Тереза Меј уверливо води во трката за наследник на Дејвид Камерон

Британската министерка за внатрешни работи Тереза Меј има голема предност пред својата најблиска конкурентка Андреа Лидсом, во трката по наследник на премиерот Дејвид Камерон, но оваа трка е засенета од повлекувањето на инвеститорите и падот на британската фунта.
Тереза Меј, која се заложуваше за останување во Европската унија освоила 165 гласови а Андреа Лидсом, застапничка за излегувањето и државна секретарка за енергетика – 66 гласови, евроскептичниот министер за правда Мајкл Гоув доби поддршка од 48 делегати, министерот за труд и пензиски систем Стивен Краб – 34, а поранешниот министер за одбрана Лиам Фокс испадна од трката освојувајќи само 16 гласови во првиот круг од изборите кој се одржа во вторникот.
„Задоволна сум од резултатот и им благодарам на колегите за поддршката. Пред нас е голема работа; да се обедини нашата партија и земја, да се испреговара најдобриот можен договор за излегување од Европската унија и да се направи Велика Британија да функционира за сите“, изјави 59-годишната Меј.
„Јас сум единствената кандидатка којашто е способна да ги проведе тие три работи како премиерка и вечерва е јасно, исто така, дека сум единствената која може да ја добие поддршката од целата Конзервативна партија“, се себепромовираше Меј.
Конзервативните пратеници, вкупно 329, гласаа во вторникот за да го елиминираат најмалку популарниот кандидат, а слична постапка ќе биде повторена во четврток. Потоа претстои уште едно такво гласање, на 12-ти јули за на крајот да останат два кандидата, а 150.000 членови ќе изберат еден од нив за наследник на Камерон до почетокот на септември.
Вонредните избори во владејачката Конзервативна партија беа објавени по оставката на актуелниот челник на партијата и британски премиер Дејвид Камерон, поднесена откако на 23-ти јуни на референдумот мнозинството Британци се одлучија нивната земја да ја напушти Европската унија. Камерон, кој се залагаше за останување на Обединетото Кралство во ЕУ и преговараше до Брисел за отстапки кон Лондон, најави дека на својот наследник ќе му го препушти договарањето на условите за напуштањето на Унијата.
И додека се избира наследникот на Камерон, пазарите се загрижен за економското влијание на Brexit-от. Така британската фунта забележа нов рекорден пад во последните 31 година, а три инвестициски фонда соопштија дека ги сопираат своите активности, бидејќи премногу лица ги повлекуваат парите истовремено./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин
Европа
Објавена мапа од синоќешниот руски напад врз Украина: прикажани и дроновите што влегле во Полска

Украинските медиуми објавија мапа на која се прикажани беспилотните летала што учествуваа во синоќешните руски напади врз Украина. Главни цели беа Донбас и регионите Ивано-Франкивск, Лавов, Луцк, Одеса, Виница и Житомир. Некои од беспилотните летала го напуштија украинскиот воздушен простор и влегоа во Полска. Според украински извори, дури 14 руски беспилотни летала влегоа во Полска.
Полска потврди дека повеќе од десетина беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор за време на нападот врз Украина. Оние што претставуваа непосредна закана беа соборени, а во акцијата учествуваа и неколку холандски борбени авиони „Ф-35“.
Во Полска, во регионот Лублин, беспилотно летало удри во куќа, но немаше повредени. Во источна Полска, во градот Вирики, беспилотно летало или објект сличен на беспилотно летало удри во станбена куќа – покривот беше оштетен, но исто така немаше повредени.
Полскиот премиер Доналд Туск го опиша инцидентот како чин на агресија и нагласи дека НАТО реагирал активно вклучувајќи распоредување холандски борбени авиони и привремено затворање на аеродромите, вклучувајќи го и тој во Варшава.
фото: принтскрин