Спорт
Поповски и Мицевска победија на триатлонот во Струга
Во организација на НВО „Алфа и омега“ и Локалната самоуправа, денес во Струга се одржа државното првенство во триатлон.
Во организација на НВО „Алфа и омега“ и Локалната самоуправа, денес во Струга се одржа државното првенство во триатлон.
Триатлонот е комбинација на три дисциплини, пливање, возење велосипед и трчање. На стартот на трката се појавија дваесет натпреварувачи, должината на патеката изнесуваше 25.750 метри.
Патеката по вода и копно, во сениорска конкуренција најбрзо ја минаа Мартина Мицевска и Стојан Поповски. Мицевска во Струга ја одбрани титулата која ја освои минатата година, на целта таа стигна со време од 54 минути и 26 секунди, второ време оствари Симона Трајановска.
„Временските услови беа извонредни, мене во целост ми одговара топлото време. Задоволна сум што успеав да ја одбранам ланската титула“, изјави по пристигнувањето на целта, Мицевска.
Кај сениорите, Стојан Поповски и пред стартот важеше за најголем фаворит во својата конкуренција, трката ја заврши со време од еден час, 7 минути и 41 секунда. Зад победникот целта ја минаа домашниот натпреварувач, Никола Кутаноски и Михајло Трајковски.
„Трката беше беспрекорно организирана. Ова за мене е трета последователна шампионска титула, а од 2004 година не сум поразен во Македонија“, вели Поповски.
Трката за него е подготвителна за настап на Светското првенство, кое за две недели ќе се одржи во Будимпешта и Балканскиот куп кој на 17 септември ќе се одржи на Пелопонез.
„На Светското првенство ќе бидам единствениот од Македонија. Очекувам пласман во првата половина, што за мене како најмлад во таа конкуренција ќе биде голем успех. На Балканскиот куп се надевам дека ќе бидам меѓу најдобрите шест“, вели за Макфакс, Стојан Поповски.
Триатлонската патека во јуниорска конкуреција беше со должина од 18.500 метри, во оваа конкуренција победи Лука Гаревски, целта ја мина со време од 48 минути и 50 секунди.
„Трката беше многу напорна. Триатлонот бара многу посветеност и работа. Сепак болката е само привремена, златниот медал ќе остане вечен. Ова ми беше добра подготовка за Балканскиот куп на 17 септември на Пелопонез“, изјави Гаревски.
Зад Гаревски во јуниорска конкуренција трката ја завршија Стефан Вуков и Костадин Несторов.крај/макфакс/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија со пораз од Данска го започна Европското првенство
Ракометната репрезентација на Македонија, со пораз го започна настапот на 17-то Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Во првото коло, во Б групата, Данска ја победи Македонија 36:24 (17:12).
Македонските репрезентативци, во Хернинг, дадода се од себе, но Данска го демонстрираше својот квалитет и покажа зошто е најдобриот тим во светот.
Македонија се држеше во првото полувреме, најмногу поради тактички добрата игра во нападот, одбраната не можеше да ги задржи ѕвездите на данската селекција.
Десет минути беше нерешено, а потоа Данците со молскавична серија 5:0 се одвоија на 8:3. Успеа Македонија да фати каков таков приклучок, намали на три гола и не реализира напад за минус два. На крајот првиот дел заврши 17:12.
Во вториот дел Данците го засилија темпото во одбраната, во првите 15 минути Македонија тешко доаѓаше до чисти позиции. Данците стекнаа двоцифрена предност и забележаа очекувана победа.
Најефикасни играчи во македонската репрезентација беа Серафимов со шест, односно Кузмановски и Митев со по четири гола. Најдобрите Данци, Питлик и Гидсел со девет осносно осум гола ја предводеа својата репрезентација.
Второто коло во Б групата на програмата е в недела, Македонија од 18 часот ќе игра против Португалија, а од 20.30 Данска ќе се соочи со Романија.
Foto/ EPA
Спорт
Тер Штеген пред трансфер во Џирона
Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.
Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.
Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.
Foto/ depositphotos
Спорт
Скандал на ЕП во ватерполо – Покрената е истрага поради обложување
Неколку ватерполисти од репрезентацијата на Малта се под истрага поради сомнение дека се обложувале на гол-разликата на натпреварот од Европското првенство против Црна Гора во Белград.
Информацијата ја објави порталот „Тајмс оф Малта“. Според истиот извор, по повод настанот е покрената истрага, а повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.
Селекцијата на Црна Гора го доби споменатиот дуел од групната фаза со резултат 21:12. Малта беше поразена во Белград од Франција (22:13), Унгарија (21:6), а денес во битката за пласман од 13-то до 16-то место го победи Израел 16:15.
Foto/ EPA

