Свет
Саудиска Арабија остро против демократските активисти
Властите на Саудиска Арабија применуваат разни правосудни методи за да ги задушат акциите на активистите за демократизација на општеството и за човекови права, вклучувајќи и затворски казни.
Ова во средата го соопштија саудиски активисти за човекови права кои велат дека некои од нивните членови веќе по неколку години се во притвор без подигнување никакво обвинение против нив, а последните месеци биле изведени пред суд во случаите кои покажуваат промена во односот кон политичките затвореници, активисти и адвокати.
Во последните пет месеци, под истрага се седум саудиски дисиденти, меѓу кои се адвокати и професори Четворица од нив ги очекува судење, а еден е веќе осуден на четири години затвор, тврдат активистите за Reuters. Дваесетина од нив добиле забрани за патување.
„Наместо да воведува реформи, за да се ублажи насилството на полицијата, владата активистите сега ги изведува пред судовите.“, изјави Абдулах ал-Хамид, поранешен професор кому исто така му претстои судски процес под обвинение за поттикнување на јавноста против властите во земјата.
Саудиското министерство за внатрешни работи тврди дека во кралството воопшто нема политички затвореници, а владината Комисија за човекови права не утврдила никакви неправилности што се однесуваат на третманот на затворениците, тврдејќи дека во земјата нема случаи на насилство кон лицата коишто се наоѓаат во притвор.
Меѓутоа, саудискиот писател Муклеф ал-Шамари кој мина две години во притвор, за дури деновиве против него да мине подигнато обвинение за „вознемирување“ и за „нарушување на угледот на земјата“. Активистот Мохамед ал-Баџади, пак, беше осуден во април годинава во судот во Ријад на четири години затвор, бидејќи дал поддршка на семејствата на притворените кои на демонстрациите бараа ослободување на нивните роднини./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тимошенко ги негира обвиненијата и го обвини Зеленски: „Украина е под фашистички режим“
Поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко на рочиште пред Врховниот антикорупциски суд на Украина ги негираше сите обвиненија против неа и изјави дека земјата се наоѓа под „фашистички режим“.
Судот ѝ изрече мерки на Тимошенко, која неодамна беше уапсена во акција на Националното антикорупциско биро на Украина поради сомнежи за тешка корупција.
Судијата одлучи Тимошенко да биде пуштена на слобода со кауција во износ од околу 655.000 евра.
Според наводите на NABU и Специјалното антикорупциско обвинителство, Тимошенко се сомничи дека нудела мито на поголем број пратеници од Врховната рада од други политички фракции, со цел тие да гласаат за или против одредени законски предлози.
Во соопштението на NABU се наведува дека станува збор за лидерка на парламентарна фракција која се обидела да влијае врз законодавниот процес преку „недозволени користи“. Доколку ѝ биде докажана вината, ѝ се заканува затворска казна од пет до десет години, како и можна конфискација на имот.
Покрај кауцијата, судот ѝ изрече и дополнителни мерки: ѝ е забрането да ја напушта Киевската област без дозвола од истражителите, обврзана е да носи електронска алка, да го предаде пасошот, како и да не комуницира со повеќе десетици пратеници.
Рочиштето се одржа на 16 јануари пред судијата Виталиј Дубас. Поранешната премиерка се појави во придружба на адвокатите и претставниците на обвинителството. Пред почетокот на рочиштето, Тимошенко ги отфрли сите обвиненија, тврдејќи дека „не е сторено никакво кривично дело“ и дека не постојат законски основи за изрекување какви било мерки.
Во изјава за новинарите, таа отиде и чекор понатаму, наведувајќи дека Украина, според неа, се наоѓа под „фашистички режим“, повторувајќи наратив што Москва го користи во обидите да го делегитимира претседателот Володимир Зеленски и актуелната власт.
Тимошенко порача дека не планира да ја напушти Украина додека, како што рече, не се ослободи од „бандата што ја презела власта“. Таа додаде и дека истражителите претходно, во текот на ноќта и без судска наредба, упаднале во нејзиниот дом, по што бил извршен претрес и во седиштето на нејзината партија.
„Ова е 1937 година“, изјави Тимошенко, алудирајќи на сталинистичките политички прогони.
Свет
„Не го чепкајте Гренланд“: Масовни протести во Данска и Нуук против плановите на Трамп
Големи протести против најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд се очекуваат денеска во повеќе градови во Данска, вклучувајќи го Копенхаген, како и во гренландската престолнина Нуук.
Илјадници луѓе најавиле учество на протестите во Данска и на Гренланд, на иницијатива на неколку гренландски организации. Организаторите наведуваат дека целта е да се испрати јасна порака за почитување на демократијата и основните човекови права на Гренланд.
Протестите се организираат и поради присуството на делегација на американскиот Конгрес во Копенхаген, со намера гласот на Гренланѓаните да биде слушнат. Трамп и натаму тврди дека САД мора да воспостават контрола врз стратешки важниот арктички остров, повикувајќи се на руски и кинески интереси во регионот.
Неговиот советник Стивен Милер изјави дека Данска не може сама да го брани Гренланд, додавајќи дека САД не сакаат да трошат милијарди долари за негова одбрана без контрола врз територијата.
Протестите следуваат по неодамнешна средба во Вашингтон, на која данските власти признале дека во моментов нема простор за договор со САД за иднината на автономниот регион. Во меѓувреме, повеќе европски земји најавија распоредување воен персонал на Гренланд во рамки на данска вежба, организирана од сојузниците на НАТО.
Свет
Рубио, Блер и Кушнер во Одборот на Трамп што ќе ја надгледува привремената управа во Газа
Белата куќа објави дека формирала таканаречен „Одбор за мир“, кој според планот на американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја надгледува привремената управа во Појасот Газа, и покрај кревкото примирје што е во сила од октомври.
Меѓу членовите се американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф, поранешниот британски премиер Тони Блер и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Трамп ќе претседава со Одборот.
Во „основачкиот извршен одбор“ се и милијардерот Марк Рован од „Аполо Глобал Менаџмент“, претседателот на Светската банка Ајај Банга, како и поранешниот пратеник на ОН за Блискиот Исток Николај Младенов, кој ќе има улога на висок претставник за Газа.
Белата куќа соопшти дека секој член ќе надгледува посебен сектор за стабилизација и долгорочен развој на Газа – управување, регионални односи, обнова, инвестиции и финансирање. За командант на Меѓународните стабилизациски сили е именуван генерал-мајор Џаспер Џеферс.
Експерти за човекови права го критикуваат планот, оценувајќи дека ваквиот модел наликува на колонијална структура. Објавата се совпаѓа со почетокот на работата на палестински технократски одбор за привремена управа во Газа, под надзор на овој совет.
И покрај примирјето, Хамас и Израел меѓусебно се обвинуваат за прекршувања, а насилството во Појасот Газа продолжува.
Фото: Depositphotos

