Македонија
Џанков:Кризата во регионот ќе кулминира наесен
Кризата силно ја погоди источна Европа, но побрзо ќе се дочека на нозе од развиената Европа бидејќи го има најдобриот адут- евтина работна сила
Кризата силно ја погоди источна Европа, но регионот побрзо ќе се дочека на нозе од развиената Европа бидејќи го има најдобриот адут за сега заспаните инвеститори – евтина работна сила.Ова во интервју за денешен „Дневник“ го вели Симеон Џанков, главен економист на Светската банка, кој е во обиколка на земјите од регионов. Тој, сепак, предупредува дека, додека инвеститорите го раздвижат капиталот, кризата ќе кулминира наесен и ќе удри врз вработеноста. „Проблемите ќе се продлабочуваат. Оценето според падот на инвестициите и на извозот, може само да се прогнозира дека кризата во регионот ќе кулминира кон крајот на есента и во почетокот на зимата. Губењето на работните места и падот на трговската размена тогаш ќе го имаат својот шпиц“, предупредува Џанков.Тој на македонската Влада и препорачува да се ангажира повеќе на програми за спречување на порастот на невработеноста, како што е инвестиции во инфраструктурни проекти и субвенционирање на задржувањето на работните места. Трет начин е даночна реформа во делот на персоналните давачки. Но, бидејќи Македонија во последните неколку години ги намалуваше даночните оптоварувања, не веруваме дека има дополнителен простор за таква мерка, додаде Џанков. Според Џанков текстилната, чевларската и фармацевтската индустрија се сектори кои во услови на криза не само што не се намалуваат, туку можат и да растат. „Тие создаваат артикли на кои луѓето не можат да штедат. Текстилната индустрија треба да се преориентира кон поевтино производство. Исто така, треба да се бараат партнери на Блискиот Исток, кај арапските држави и во Латинска Америка. Таму побарувачката се’ уште е голема“, смета Џанков. Тој смета дека банкарскиот сектор во Македонија поради конзервативноста има акумулирано доволно ликвидност за да се справи со кризата уште извесно време. Единствениот начин тој да се дестабилизира е ако почне да паѓаат реалниот сектор, јавната и приватната потрошувачка и ако расте невработеноста, рече Џанков, потенцирајќи дека банкарскиот систем нема да влезе во криза ако се избегне пораст на невработеноста. /крај/дн/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

