Свет
Камерон и Саркози во историска посета на Либија
Францускиот претседател Николас Саркози и британскиот премиер Дејвид Камерон, во четвртокот пристигнаа во историска посета на Либија, седум месеци откако почна бунтот против режимот на водачот на либиската Џамахирија
Францускиот претседател Николас Саркози и британскиот премиер Дејвид Камерон, во четвртокот пристигнаа во историска посета на Либија, седум месеци откако почна бунтот против режимот на водачот на либиската Џамахирија, полковникот Моамер ел-Гадафи, кој е во бегство, а неговите сили сé уште даваат отпор во неговиот роден град Сирт.Саркози во Триполи пристигна во придружба на францускиот министер за надворешни работи Ален Жипе и му се придружи на британскиот премиер Камерон кој малку порано допатува придружуван од шефот на дипломатијата Вилијам Хејг.Париз посетата на Саркози и Камерон ја нарече историска. Франција беше првата земја којашто официјално го призна либискиот Национален преоден совет (NTC), по што истото го стори и Лондон.Како што јавува AFP, Саркози кој што за Либијците е херој, би требало да одржи говор на централниот плоштад во Триполи.Официјален Лондон во своето соопштение потврди дека Камерон пристигна во Триполи најавувајќи дека тој ќе разговара со лидерите на Советот, Мустафа Абдел Џалил и Махмуд Џибрил. Британскиот министер треба да ја „соопшти програмата за британската помош со која ќе се поддржи транзицијата кон слободна, демократска и отворена Либија“.Безбедносните мерки во либиската престолнина се многу засилени, поради посетата на двајцата европски челници, кои притоа ќе треба да ја посетат главната градска болница и да им обратат на новинарите. Исто така, планирана е и нивна посета на Бенгази, центарот на востанието против режимот на Гадафи. Париз и Лондон ја предводеа операцијата на НАТО против Гадафи кој е во бегство по падот на неговиот главен штаб во Триполи на 23-ти август, но и натаму продолжува да поттикнува на борба испраќајќи воинствени пораки преку една сириска телевизија.„Советот нема да може да ја прогласи земјата за ослободена сé додека Гадафи не биде уапсен“, изјави потсекретарот на американскиот Стејт департмент за Блискиот исток, Џефри Фелтман, сепак додавајќи дека Гадафи е „политички мртов“.AFP, исто така, пренесува повикувајќи се на својот дописник, дека бројни сили на Советот тргнале кон градот Сирт, 360 километри источно од Триполи, каде што силите на соборениот либиски водач уште даваат отпор. Во средата навечер Гадафи го обвини НАТО за „тероризам и незамисливо разорување на Сирт“, во пораката објавена на сириската телевизија Arai./крај/афп/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По повеќе од 400 години данската пошта прекинува со достава на писма
Данската пошта денеска соопшти дека на 30 декември ќе ја изврши последната достава на писма, со што се завршува традицијата долга повеќе од 400 години, која датира уште од 1624 година.
Причината за потегот е тоа што во текот на последните 25 години испраќањето писма драстично опадна – за повеќе од 90 отсто.
„PostNord“, компанијата која настана со спојување на шведската и данската пошта во 2009 година, претходно соопшти дека ќе укине 1.500 работни места во Данска и ќе отстрани 1.500 поштенски сандачиња, со оглед на тоа што побарувачката за писма драстично опадна, додека онлајн купувањето продолжува да расте. Оваа компанија, која и понатаму ќе доставува писма во Шведска, нагласи дека во Данска на нејзино место доставата ќе ја преземе компанијата „Dao“, која веќе врши достава на писма и која планира да ги прошири своите услуги од 1 јануари.
Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека меѓу младите доаѓа до повторен пораст на пишувањето писма. Истражувањето на „Dao“ покажа дека лицата на возраст меѓу 18 и 34 години испраќаат два до трипати повеќе писма отколку другите возрасни групи, а истражувачот на трендови Мадс Арлиен-Соборг верува дека младите се свртуваат кон пишувањето писма како „противтежа на дигиталната преоптовареност“.
Според данскиот закон, мора да постои можност за испраќање писма, што значи дека доколку „Dao“ одлучи да ја прекине доставата, владата би била обврзана да именува друга компанија за таа задача.
Законот за дигитален идентитет, „MitID“, се користи за сè – од онлајн банкарство до закажување прегледи кај доктор, а поголемиот дел од официјалните комуникации се испраќаат преку дигитална пошта наместо со обична пошта.
Денес 97 отсто од данската популација постара од 15 години е регистрирана во „MitID“, додека само пет отсто одлучиле да се откажат од дигиталната пошта.
– Бевме данска пошта 400 години и затоа ова е тешка одлука, но Данска стана сè подигитална, што значи дека денес речиси и да нема писма. Со оглед на падот на побарувачката, пазарот на писма повеќе не е профитабилен, изјави заменикот извршен директор на „ПостНорд Данска“, Ким Петерсен.
Свет
Странски турист испадна од кабина на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора
Еден странски турист загина, а тројца се спасени во несреќа на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора. Тамошните медиуми објавија дека двајца германски државјани испаднале од својата кабина, од кои еден починал, додека неговата сопруга е тешко повредена.
По неколкучасовниот прекин на работата на жичницата поради несреќата, спасени се тројца странски туристи кои беа заглавени на стрмниот и непристапен дел на скијалиштето на Дурмитор. Тие беа заглавени во горниот дел на жичницата, каде што температурите се пониски.
Црногорските медиуми објавија дека несреќата се случила откако жичницата поради дефект тргнала наназад, при што двајцата Германци испаднале од кабината.
Свет
Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош
Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од студ поради тешките зимски услови и го повика Израел да ја ублажи блокадата на хуманитарната помош, додека, како што наведуваат, воените дејствија продолжуваат и покрај примирјето.
МСФ соопшти дека во јужниот дел на Газа, во Кан Јунис, од тешка хипотермија починало прерано родено бебе на 29 дена, истакнувајќи дека зимата во комбинација со исклучително лошите животни услови значително ги зголемува здравствените ризици, пренесе Ал Џезира.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремните временски услови достигнал 13, додека претходно оваа недела од студ починало и двонеделно бебе поради недостаиг на соодветно засолниште и облека.
Шефот на педијатриско-акушерското одделение во Медицинскиот комплекс „Насер“ Ахмед ал-Фара предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека доколку на семејствата во шаторите не им се обезбедат средства за греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе расте.
МСФ наведува дека бележи висок пораст на респираторни инфекции, кои во текот на зимата би можеле дополнително да се шират, особено загрозувајќи ги децата под пет години.
Во последните недели Газа се соочува со обилни врнежи, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори, кои служат како привремено сместување за раселените лица, се оштетени или уништени.
Поради уништената инфраструктура, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се излева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно урнати објекти.
Обединетите нации наведуваат дека Израел и натаму спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, додека околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на невреме, а оштетени се и просторите наменети за деца, што погодило околу 30.000 деца.
Организацијата „Refugees International“ оцени дека хуманитарната помош во Газа пристигнува во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“, кој, според наводите, вклучува и основни потреби како пелени, завои и шатори.

