Македонија
Меѓународна конференција за модерна легислатива за заштита на личните податоци
Дирекцијата за заштита на личните податоци во соработка со Делегацијата на Европската унија се организатори на меѓународната конференција „Модернизација на легислативата за заштита на личните податоци во Европа“ која ќе се одржи на 30 и 31 мај
Главни говорници на конференцијата којашто ќе биде отворена во среда со почеток во 10 часот во скопскиот хотел Арка, ќе бидат Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија, Роберт Лидел, раководител на одделот за политика и информации, исто така при Делегација на Европската унија во Скопје, Јован Андоновски, државен секретар во Секретаријат за Европски прашања при македонската влада , Димитар Ѓеорѓиевски, директор на Дорекцијата за заштита на личните податоци, Катарзина Куадрат Гржибовска, европска супервизорка за заштита на личните податоци, Петра Вутке Гец, претставничка на Работна група 29, Жан-Филип Валтер, претседавач со Консултативниот комитет (T-PD) на Советот на Европа, и Војчех Рафал Виевиоровски, генерален инспектор за заштита на личните податоци на Република Полска
Освен главните говорници коишто ќе го дадат својот осврт за практичната примена на новите начела на одговорност и начелото на оцена на влијанието врз приватноста, новата улога на бордот за заштита на личните податоци и модернизацијата на Конвенцијата 108 на Советот на Европа, како што се наведува во најавата, на конференцијата ќе бидат презентирани и искуствата на надзорните органи за заштита на личните податоци на Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора здобиени од имплементацијата на проекти во областа на заштитата на личните податоци финансирани од ЕУ.
Брзиот развој на технологијата како и развојот на механизмите за заштита на личните податоци неизбежно доведуваат до потребата за унапредување и на легислативата во оваа област. Во периодот кој следува, се очекува целосна модернизација на двата клучни прописи од областа на заштитата на личните податоци Директивата 95/46/ЕК и Конвенцијата 108 на Советот на Европа, па оттаму главната тема на конференцијата во Скопје е „Новите начела за заштита на личните податоци, како да се разберат и применат во практиката?!“/крај/со/мф(СТАВЕНА)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре, делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека утре, 03.03.2026 година ( вторник ), поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на ул. Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија. (Општина Центар)
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во с. Бојане, во наредните 4 дена ( 03.03 до 06.03.2026 г.) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане. (Општина Сарај)
Македонија
Утре без струја делови од Карпош и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, утре, 03.03.2026 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток. (Општина Бутел)
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а. (Општина Карпош)
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

