Македонија
Не сме ни антички, ни словенски, ние сме Македонци
Премиерот Груевски изјави дека не сака да шпекулира што ќе се случи на претстојната средба на посредникот на ОН во мекедонско-грчки разговори за името Метју Нимиц со претставниците на двете земји Јолевски и Адемантиос Ваислакис, закажана за понеделник во Женева
„Не би сакал да шпекулирам што и како ќе се случи. Јас сум последниот во државата што треба да шпекулира особено јавно, па затоа предлагам да ја почекаме средбата и да видиме што Нимиц ќе разговара со нашиот и со грчкиот преговарач. Ова е високо државно и национално прашање и каква било каква шпекулација би била неблагодарна и можеби и штетна“, рече премиерот Никола Груевски при посетата на стадионот „Филип Втори“ во Скопје.Груевски потврди дека амбасадоро во САД, Зоран Јолевски заминува за Женева со инструкции од државниот врв, но не прецизира какви.Прашан од новинарите за коментар на тезата на Паско Кузман дека доколку не докажеме дека сме потомци на античките Македонци ќе го изгубиме името, Груевски беше дециден: – „Ние сме Македонци јас тоа го кажав, не сме ниту антички, ниту словенски, ни не знам какви, ние сме Македонци, имаме своја држава со Устав, народ, име и нација и не би навлегувал во некои такви теми“.Премеирот Груевски смета дека не е добро да се расправаме сега за историски работи, но, вели, Грција тоа постојано го наметнува кога разговара со Нимиц.„Кога нивниот преговарач доаѓа, тој главно зборува за историја, а нашата страна се обидува да зборува за реални правни и политички и секакви други аргументи. Лично мислам дека таа тема сега воопшто не треба да ја дискутираме.“, рече македонскиот премиер.Во врска со посетата на Јохан Тарчуловски во Хаг, премиерот посочи дека Владата и натаму му дава целосна поддршка да ја докаже својата невиност.„Здравствено се чуствува добро, иако таму е четир иипол години. Воопшто не е среќен за ситуацијата во којашто се наоѓа и начинот на којшто е дојден до неа, но се бори со аргументи и со факти и има голема надеж дека ќе ја докаже неговата вистина во жалбената постапка. Од нас ја има целосната поддршка.“, изјави Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

