Економија
Вработените во Колска протестираа пред Владата

Вработените од Колска со протест пред владата побараа да им се исплатат две плати и да се обединат со АД Транспорт.
Вработените од Колска со протест пред владата побараа да им се исплатат две плати и да се обединат со АД Транспорт.
„Пред два месеци имавме средба со министерот Јанакиевски на која беше присутен и генералниот на АД Транспорт. Јанакиески усно ни вети дека на следната седница на владата ќе го стават на дневен ред нашето прашање. Од тогаш ништо не е сменето“, рече Јован Чадлов, претседател на синдикатот.
Штрајкувачите се пожалија дека веќе околу седум години имаат проблеми и дека работат во катастрофални услови.
“Ние сме ретка државна фирма од Велес која опстојува да работи. Знаеме дека имаме 30 отсто помали плати од Железница, но сакаме да ги земаме барем во исто време“, додаде Чадлов.
Вработените во Колска вчера протестираа и пред Железничката станица во Велес.
Двеста десетте работници бараат работа и соодветни услови за извршување на работните задачи. Неколкупати апелирале до раководството на Транспорт при МЖ, но и оттаму наишле на затворени врати. Во знак на револт вчера повеќе од половина час не го пуштија локалниот воз од Велес да тргне за Скопје, кој цели четири години не бил на поправка.
Според синдикалецот Јордан Чадлов, фабриката има огромни долгови и тоа 90 милиони денари за ДДВ и 18 милиони денари за неисплатени придонеси. Стариот управител на фабриката бил разрешен, а новиот се уште не го виделе. Вработените од Колска најавија дека ќе продолжат со протестите се додека не се реши нивното прашање. /крај/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Тодор Анѓушев на конференција на Делегацијата на германско стопанство „Децентрализирано снабдување со електрична енергија преку фотоволтаици“

Законските одредби се донесени, и останува да се поставуваат батерии со добра проценка и пресметка за да се постигне најдобра исплатливост, порача Тодор Анѓушев, директор на ЕМС во групацијата Фероинвест, на конференцијата на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, на која германски фирми ги претставуваа своите практики, производи и искуства во енергетиката.
„Потребно е да одиме кон што повеќе обновлива енергија, но истовремено дистрибутивниот и преносниот систем треба да се стабилизираат за да може да го поднесат тоа. Треба што побрзо да се работи на поставување батериски системи и на тој начин да се реши дизбалансот што обновливите извори го прават во системот. Но, по инсталирањето многу битен ќе биде и мониторингот на батерискиот систем. Нашата компанија располага со сопствен мониторинг систем, и може да ја програмира, води и управува батеријата ден за ден за инвеститорот да добие оптимални резултати“ – изјави Тодор Анѓушев.
Германските компании на конференцијата ги презентираа своите технолошки решенија и искуства, вклучително и примената на BIPV (building integrated photovoltaics) – технологија која овозможува вградување на фотоволтаици во фасади и кровни елементи без да се наруши естетиката на објектите.
Овие практики покажуваат јасен тренд – иднината припаѓа на децентрализираното, чисто и ефикасно производство на енергија, а Северна Македонија, со усвоените закони и со компании кои веќе нудат современи решенија, има потенцијал да го следи тој пат со забрзан чекор.
Комерцијален текст
Економија
Божиновска: Новата ТС Охрид го поврзува Балканот и европскиот пазар на електрична енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес изврши теренска посета на градилиштето за изградба на новата трансформаторска станица Охрид (ТС Охрид), дел од проектот за интерконекција Македонија–Албанија. Проектот опфаќа две целини – LOT 1: далноводот Битола – граничен премин со Албанија и LOT 2: изградба на трансформаторската станица Охрид во близина на селото Мешеишта.
Божиновска се запозна со текот на интензивните градежни активности што се одвиваат на површина од 80.000 метри квадратни: изградба на потпорни ѕидови и наклони, градежни работи на командната зграда, комплетирани фундаменти и започната монтажа на челични носачи и опрема во 400 kV постројка.
„Со реализацијата на овој проект, Северна Македонија гради мост кон европските пазари на електрична енергија, создава услови за стабилно и економично снабдување за граѓаните и отвора простор за приклучување на нови производители од обновливи извори – што е наш врвен приоритет, “истакна Божиновска.
Изградбата на новата 400 kV линија е стратешко зајакнување на стабилноста и сигурноста на електроенергетската мрежа на земјава. Со тоа се заокружува електроенергетското поврзување со сите соседи, што овозможува не само зголемена стабилност и доверливост, туку и активно учество на пазарите за балансни и системски услуги и размена на енергија во регионот.
При посетата, таа беше пречекана и детално информирана за напредокот на проектот од страна на проект менаџерот Дарко Докузовски.
Економија
Поставен камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра

Поставен е камен-темелник на новата фабрика на „Чагатај кабло“, инвестиција вредна 6 милиони евра и 200 нови работни места, изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
„Компанијата ‘Чагатај кабло’ почнува со изградба на нова фабрика во рамките на ТИРЗ Скопје 1. Се работи за инвестиција во вредност од 6 милиони евра. Ќе се изгради објект со површина од 10.000 квадратни метри и ќе се отворат нови до 200 работни места или вкупно, како што рече и претседателот на управниот одбор, ќе дојдеме до бројка од 500 работни места, кои ќе произведуваат овде во производните капацитети на компанијата ‘Чагатај кабло’“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека со ова ќе се воведат нови технологии, ќе се прошири капацитетот и ќе се создаде идна вредност што ќе остане овде – во нашата татковина.
Секој ваков почеток не е добар само за компанијата, додаде Мицкоски, туку е добар за локалната заедница, добар за националната економија и добар за иднината на секој млад човек што сака да остане овде.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности. Земја во која трудот се исплати. Земја во која инвестицијата има смисла. Земја во која институциите се партнери на бизнисот – не пречка, туку поддршка“, рече Мицкоски.