Македонија
Нова спортска сала се гради во Ново Лисиче
Општина Аеродром започна со изградба на нова спортска сала и спортско игралиште на местото на руинираното игралиште во Ново Лисиче, кое почнало да се гради пред 20 -тина години.
Општина Аеродром започна со изградба на нова спортска сала и спортско игралиште на местото на руинираното игралиште во Ново Лисиче, кое почнало да се гради пред 20 -тина години.
Станува збор за повеќе наменска спортска сала за кошарка, мал фудбал и одбојка, како и дополнителни сали за фитнес и за пинг-понг.
Површината на објектот изнесува над 1.000 квадратни метри на две нивоа, така што вкупната површина заедно со отвореното игралиште ќе биде околу 4.000 квадратни метри.
„Новата сала ќе го облагороди и повторно ќе го заживее просторот, а жителите ќе добијат уште едно модерно место за дружење, спорт и рекреација“, изјави градоначалникот на општината Ивица Коневски.
Изградбата се очекува да заврши до крајот на наредната година а инвестицијата е целосно покриена од буџетот на Општината./крај/со/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Радев по средбата со Давкова: Ако Северна Македонија навистина има желба за ЕУ мора да ја исполни преговарачката рамка и договорот за добрососедство
Бугарија очекува македонските институции што поскоро да го спроведат она што е предвидено во Преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство, со цел државата да не губи историско време за членство во Европската Унија, изјави бугарскиот претседател Румен Радев по средбата со македонската колешка, Гордана Сиљановска-Давкова на маргините на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29 во Баку.
„Ако државното раководство на Северна Македонија навистина има желба за влез во Европската Унија, мора да ја исполни преговарачката рамка и договорот за добрососедство“, рече Радев.
Како што пренсе БНР.бг, бугарскиот претседател ја пофалил комуникацијата со Давкова, коментирајќи дека била отворена, конструктивна и прагматична, а истото треба да го следи и македонската влада.
„Двете претседателски институции покажуваат дека дијалогот е можен и придонесува за развојот за добрососедство“, изјави Радев.
Од Кабинетот на Давкова по средбата со Радев информираа дека разговорот траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, а се разговарало за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со заменик-извршната директорка на УНИЦЕФ, Кити ван дер Хејден
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, оствари средба со Кити ван дер Хејден, заменик извршна директорка на УНИЦЕФ.
На средбата беше изразено задоволство од континуираната плодна соработка во повеќе клучни области коишто се однесуваат на благосостојбата на децата и младите во македонското општество, со посебен фокус на рамноправноста, инклузивноста, унапредувањето и заштитата на нивните права.
Во контекст на климатските промени и нивниот ефект врз животот на децата, претседателката Сиљановска Давкова и заменик извршната директорка на УНИЦЕФ, ван дер Хејден, ја потенцираа важноста на политиките насочени кон промоција на одржлив развој и зелени иницијативи за заштита на животната средина. Во таа насока беше нагласена потребата нашата држава да го вклучи прашањето на децата во својот трет Национален поднесок за климатска акција, со цел создавање системски механизми за нивната заштита од климатски промени.
Претседателката Сиљановска Давкова ја реафирмираше подготвеноста на македонските институции за натамошна соработка со УНИЦЕФ, во насока на создавање услови секое дете да има еднакви шанси и можности за искористување на својот потенцијал, пристап до квалитетно образование, здравствена грижа и заштита.
Македонија
Божиновскa-Балуку: Интерконекторот меѓу двете земји, приоритет за поврзување на регионалната енергетска мрежа
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари продуктивна средба со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергија на Република Албанија, Белинда Балуку. Разговорите беа насочени кон продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, со особен фокус на напредокот на проектот за интерконекторот меѓу Македонија и Албанија кој ќе овозможи енергетската поврзаност меѓу двете земји.
Проектот за интерконекторот, кој е поддржан од Европската унија и други меѓународни институции, има за цел да обезбеди енергетска стабилност и зголемена флексибилност во снабдувањето со природен гас за целиот регион. Планот предвидува интерконекторот да биде дел од пошироката регионална енергетска мрежа, која ќе го поврзе нашиот регион, овозможувајќи поголема енергетска независност и конкурентност.
Двете страни го истакнаа значењето на овој интерконектор како клучна инфраструктура за енергетска поврзаност во регионот, која е предвидена да ги поврзе македонскиот, албанскиот и грчкиот енергетски систем. Овој проект ќе овозможи засилено снабдување и диверзификација на енергетските ресурси, зголемување на енергетската стабилност и ефикасност, како и намалување на зависноста од увоз на енергенси.
Министерката Божиновска истакна дека за Македонија ова поврзување е од огромно значење.
„Со реализацијата на овој интерконектор, Македонија ќе добие директен пристап до гасоводните мрежи во Албанија и Грција, што ќе ни овозможи сигурност и разновидност во снабдувањето со енергија. Ова е витално не само за енергетскиот сектор, туку и за целокупната економија на земјата,“ потенцираше министерката Божиновска.
Во рамки на разговорите, беше отворена и темата за поврзување на енергетските пазари, што претставува дел од пошироката визија за регионална соработка. Поврзувањето на пазарите има за цел да ја олесни трговијата со енергија, оптимизирајќи го користењето на ресурсите и овозможувајќи поголема транспарентност и конкурентност во енергетскиот сектор. Преку создавање на поголем заеднички пазар, ќе се овозможи поголема флексибилност, која е клучна за адаптација кон обновливите извори и намалување на фосилните горива.
Од страна на Балуку, беше нагласена заложбата на Албанија за поддршка на регионалните иницијативи кои го олеснуваат енергетскиот транзит и ја засилуваат соработката на Балканот. Во рамките на средбата, двете министерки се договорија за следни чекори и планираат дополнителна билатерална средба со цел забрзување на реализација на проектите што се од интерес на двете земји и регионот.
Со оваа средба, двете земји покажуваат подготвеност за заеднички напредок кон интегриран и енергетски независен регион, како значаен чекор во насока на исполнување на европските цели за одржлива енергија и климатски неутрален континент.