Свет
Варуфакис: Ќе пропаднат економските реформи во Грција

Поранешниот грчките министер за финансии Јанис Варуфакис, во моментот кога треба да започнат преговорите за третиот пакет меѓународна финансиска помош за Грција, тврди дека економските реформи во неговата земја ќе пропаднат.
Во интервјуто за британскиот јавен сервис BBC емитувано во саботата, Јанис Варуфакис, кој се повлече од должноста министер за финансии веднаш по референдумот од 5-ти јули со кој Грците со огромно мнозинство го отфрлија претходниот пакет реформи на грчките доверители за овозможување на новата помош и поради речиси неговата непожелност во Европа, тврди дека програмата којашто е сега предвидена за Грција „ќе влезе во историјата како најголемата катастрофа на макроекономското управување кога и да е“.
Неколку европски парламенти, меѓу кои и оној од кој најмногу се стравуваше – германскиот Бундестаг, во четвртокот и петокот го одобрија почетокот на преговорите за новиот пакет помош, а новата финансиска инјекција за Атина би можела да достигне до 86 милијарди евра во замена за новите мерки за штедење и реформи, кои се надоврзуваат на досега одобрените 240 милијарди евра заеми за Грција, и отписот на 107 милијарди евра долг кон приватните доверители.
Во својата „црна прогноза“ Варуфакис тврди дека „оваа програма ќе пропадне, без разлика кој ќе ја спроведува“, а на прашањето колку време ќе треба за тоа да се случи, поранешниот министер за финанси чија оставка беше доживеана како концилијантен потег во однос на министрите од еврозоната со кои влегуваше во конфликти и вербални дуели, одговори – „Веќе пропадна“.
Според него, грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој изјави дека ниту самиот не е убеден во програмата за спасување на неговата земја, немал поинакви опции отколку да се согласи со предлогот. „Ни беше дадена можноста да избираме меѓу егзекуција и капитулација, Тој одлучи капитулацијата да биде конечната стратегија“, вели Варуфакис.
Ципрас во петокот вечерта ја објави реконструкцијата на својот владин кабинет, од кој се отстранети неколку министри и заменици министри кои не го поддржаа договорот за новиот пакет меѓународна помош, меѓу кои и министерот за енергетика Панајотис Лафазанис кој предводи фракција во владејачката коалиција на радикалната левица Сириза.
Меѓутоа, Ципрас изјави дека нема да воведува технократска влада, ниту дека опозициските политичари ќе ги вклучи во својот министерски кабинет, како замена за оние кои излегоа од него, а според некои коментари во грчките медиуми од саботата, премиерот ќе води влада во која министрите, како и самиот тој, имаат сериозни сомневања во реформската програма. Во прв ред, станува збор за тоа дали ќе може да биде спроведлива, имајќи го предвид отпорот на Грците кон непопуларните мерки за штедење, што се услов за грчките доверители за да се гарантира ликвидноста на Атина. Во спротивно, Грција е под опасност од банкрот и можно излегување од еврозоната, што, пак, може да има сериозни политички импликации за целата Европска унија.
Како и германската канцеларка Ангела Меркел во петокот која на германските пратеници им порача дека програмата ќе биде тешка и за грчкиот народ и за остатокот од еврозоната кој ќе мора да ги најде тие 86 милијарди евра, и челникот Еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јероен Дијселблом, предупреди дека процесот нема да биде лесен, и оти преговорите со Атина очекува да траат околу четири седмици.
Во меѓувреме се најавува дека некои од грчките банки, коишто се затворени повеќе од две седмици, би можело да бидат отворени во понеделник, откако Европската централна банка (ЕЦБ) го подигна нивото на достапните итни средства за грчките банки, иако контролата на движењето на капиталот и натаму останува на сила.
Одвоено од тоа, Советот на Европската унија во петокот одобри 7,16 милијарди евра од итниот заем за преодниот период, од Европскиот механизам за финансиска стабилност (EFSM). Заемот доспева за наплата најдоцна за три месеца, а ќе биде исплатен во две рати. Со овие пари Грција ќе може да ја исплати неисплатената вкупна јунска рата кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од 1,6 милијарди евра, и уште 4,2 милијарди евра кон Европската централна банка (ЕЦБ), кои треба да бидат исплатени во понеделник 20-ти јули./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Макрон: Албанија за 2 години ќе биде во ЕУ, дојдете и инвестирајте

Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.